Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Насловна arrow Ново издание од Повардарската епархија

Возљубени,

Ве известуваме дека во рамките на учеството на Македонската православна црква на годинешниот МЕЃУНАРОДЕН САЕМ НА КНИГАТА, кој ќе се одржи од 18. 04. 2024 година до 24. 04. 2024 година во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, Повардарската епархија ќе ги претстави сите изданија од својата издавачка дејност „Св. Ѓорѓи Полошки“. Сите изложени изданија на саемот ќе бидат со репрезентативни цени (намалени) во однос на редовните продажни цени на книгите.

Оваа година беше навистина плодна за нашата издавачка дејност, па така, на саемот, ќе претставиме дури ДВАНАЕСЕТ нови изданија, во однос на минатогодишниот саем, и тоа книгите: „Свети Јован Златоуст - Дела“ 1 и 2 том, „Средба со Бог - старец Ефрем Аризонски“, „Света Ксенија Петроградска“, „Монографија – Митрополит Агатангел“, „Свети Герасим Кефалониски“, „Историја на македонскиот народ“, како и реизданија на книгите „Старец Јосиф Исихаст“, „Мојот живот со старец Јосиф“, „Пат на небо“, „Свети Нектариј Егински“ и „Давидов Псалтир“.

Покрај книгите, на штандот на Повардарската епархија ќе бидат изложени и бесплатни примероци од списанието на Повардарската епархија „Православна светлина“.

Ве покануваме да го посетите штандот на Македонската православна црква и да одберете некое од нашите изданија.

 
Ново издание од Повардарската епархија
24.01.2013.
 
Sample Image
 
Со благослов на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, увидувајќи го големиот интерес кај читателите, се испечати реиздание на книгата за животот и делото на преподобниот отец Свети Серафим Саровски.
 
Sample Image
 
Предговор на книгата „Свети Серафим Саровски“

Во деновите кога се подготвуваме за прослава на Великиот празник – раѓањето Христово, но и во близина на денот кога го славиме денот на преподобниот Серафим Саровски (2/15 јануари), токму во овој период излегува од печат книгата за Великиот Серафим. Слободно можеме да го наречеме велик, затоа што нема таков православен верник во светот, кој не чул за светиот Серафим. Неговата слава се рашири низ целиот свет, насекаде се служат служби во негова чест за неговиот празник, се издаваат книги со неговото житие, поуки и чудеса, се сликаат икони и фрески со неговиот лик, се градат и храмови посветени на него. А и како да не биде велик, кога уште од детска возраст, кога неговите врсници си играат со играчки, тој толку Го возљубил Бога, што уште од тогаш се посветил на Бога, со сето свое срце, со сета своја душа, со сиот свој разум, со сето свое битие? Неговата љубов кон Бога и кон молитвата го поттикнала на големи подвизи, живеел во општожитие, како затворник, како отшелник, претрпел разни маки, бил претепан од разбојници, но сето тоа го претрпел, како безгласно јагне, кое оди на колење, и на тој начин, под влијание на тие искушенија и страдања, се испекол како најчиста просфора, како цврст дијамант, како најблескаво злато. Постанувајќи храм и харфа на Светиот Дух, како труп околу кого се собираат орлите, така и неговата ќелија – како нова Витезда – станала претесна за да ги собере стотиците верници кои секојдневно доаѓале кај него: некои за помош, некои за молитва, исповед, совет, исцеление, благослов пред некоја одлука итн., и секој го добивал она што го барал од него, според верата. Толку многу се прочул по својот свет живот, дарот на чудотворство и прозорливост, што од сите делови на Русија доаѓале кај него луѓе, меѓу кои имало од сите општествени слоеви, од сите професии, а отецот сите ги примал подеднакво. При една таква посета на Мотовилов кај старецот, во Црквата ни остана сведоштво за целта на нашиот живот – стекнувањето на Светиот Дух. Мотовилов имал прилика да го види дејството на благодатта во старецот, видел со свои очи што значи да се биде сад на Светиот Дух, ја видел силата на молитвата и соединетоста со Бога на овој свет старец, и откако го запишал овој настан и дијалогот со старецот, на сета Црква ì оставил големо поучно дело.
Светителите се како благомирисни цветови на вечно младата, и секогаш во цутот на својата младост – Светата Православна Црква, а нивниот мирис ги привлекува пчелите – верниците, кои, пак, хранејќи се со поленот (поуките) од овие цветови (светители), произведуваат пресладок мед – добри дела и личносна преобразба. Така и овој благоухан цвет од Русија ги привлече срцата на многумина од сиот свет. Читајќи го неговото житие не можеме да останеме рамнодушни, не можеме а да не го засакаме, не можеме да му одолееме на духовниот живот, па така некои, вдахновени од неговиот живот, стануваат монаси, некои, пак, стапуваат во брак, но повторно живеат според поуките и примерот на овој велик старец.
Во чест на преподобниот Серафим посветивме два параклиса: еден параклис се наоѓа во Кочанско, а вториот е параклисот во Митрополитската резиденција во населбата Отовица, покрај Велес, кој се наоѓа во завршна фаза на фрескоживописување. Неодамна беше изграден и параклис во манастирскиот комплекс „Свети Јован Бигорски“, каде што, по Божја промисла и благослов, а и по волја на светителот, беше донесено парче од неговите свети мошти.
Па така, имајќи го за свој закрилник и молитвеник пред престолот Божји, да се потрудиме што повеќе да го почитуваме светиот Серафим, да го читаме неговото житие и да се поучуваме од него, да го славиме неговиот празник, да градиме цркви, манастири и параклиси во негова чест, да сликаме икони и фрески со неговиот лик, а Бог, по неговите свети и чудотворни молитви, да нè исцели и помилува, и да го преобразува и води нашиот народ кон единство со Бога, со цврста и непоколеблива вера и љубов кон Него. Амин!

Митрополит Повардарски
+Агатангел
 
Sample Image
 
< Претходно   Следно >