Богојавление - Водици! |
19.01.2013. | |
БОГ СЕ ЈАВИ! Прославата на празникот на Богојавлението во Велес, започна со Света Божествена Литургија во храмот „Св. Спас“, на која чиноначалствуваше Митрополитот Повардарски г. Агатангел во сослужение на целото свештенство од Велес. Потоа, од храмот „Св. Спас“ беше формирана литија до мало мовче од каде што се изврши осветувањето на водите на реката Вардар и беше фрлен чесниот и животворен крст во водите. Традиционално секоја година велешани масовно присуствуваат на осветувањето на водите и фрлањето на животворниот крст, а секоја година голем е бројот на оние коишто се фрлаат во студените води на реката Вардар за да го фатат крстот. Оваа година се постигна рекордна бројка од 108 млади луѓе кои влегоа во водите на реката Вардар за да го фатат крстот за здравје и спасение. Годинава, крстот го фати 47-годишниот Иванов Горан од Велес, кому ова му беше прво фаќање на чесниот и животворен крст. Нему Митрополитот Повардарски, Господин Агатангел му ја подари Библијата и златен крст, а десетина други спонзори му подарија други пригодни дарови. На осветувањето на водата на реката Вардар оваа година покрај многубројните велешани традиционално присуствуваше и градоначалникот г-дин Горан Петров и пратениците од Велес. Ден пред големиот христијански празник Богојавление - Водици, пак, на празникот наречен Водокрст се изврши големиот Богојавленски водосвет. Оваа година осветувањето на водите се изврши во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Велес, каде во присуство на Митрополитот Повардарски г. Агатангел се отслужи Света Василиева Литургија, а потоа свештениците ја осветија водата за здравје и спасение на верниците.
|
< Претходно | Следно > |
---|