Опело за покој на душата на чедото Божјо Тоше (17.10.2007)
Ковчегот со посмртните останки на Тоше Проески изутрината од неговиот дом беше пренесен во црквата на Пресвета Богородица во Крушево каде што се одржа опело со кое чиноначалствуваше Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во сослужение со Митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар, Митрополитот повардарски г. Агатангел, Епископот хераклејски г. Климент и бројно свештенство.
Поглаварот на МПЦ г.г. Стефан во своето обраќање рече дека Крушево и Македонија по 1903 не биле обвиени во ваква тага. - Тагува Крушево и жали Македонија и сите кои го знаевме Тоше. Го изгубивме најдоборто најталентираното момче преку чиј глас најмногу се слушна за Македонија. Воодушевуваше со гласот и песната своја и восхитуваше со своето богољубие, човекољубие и со својата благочестива душа. Разбра што е среќа, а не заборави што е мака. Неговиот последен концерт како да беше негово проштевање и збогување со Македонија. Се чини пееше како никогаш дотогаш. Замина со песна како што и дојде за да ни остане недопеана песна.
Тоше нѐ научи на хуманост, вредност и искреност. Тоше замина премлад во легенда оставајќи непроценливо богатство. Пример кој треба да се следи и почитува. Ни ја остави својата песна за да нѐ крепи кога ќе ни биде тешко“, рече во прошталниот говор премиерот Никола Груевски. - Имаше ѕвезда, чисто срце и душа и волја со која покажа дека Македонија може и дека е рамноправна со сите. Ги врати вредностите до секоја генерација, до најмладите - дека соништата се остваруваат, до средовечените дека да се сака значи да се живее и да се живее значи да се сака и до најстарите - да се потсетат на надежта и да ја почувствуваат објективноста. Загина како што живееше сонувајќи за еден подобар свет, верувајќи во подобро утре и во луѓето. Груевски својот говор го заврши со молитва: „Господи, Тоше кој во цветот на својата младост премина од другата страна, прими го во твоите рајски предели, удостој го да се насладува од лицето на Синот Твој, татко на секоја утеха, Ти Кој го осветлуваш сонцето и ги веселиш со својата убавина пријателите Свои, душата на Своето чедо Тоше, за која во животот прибежиште беше крстот Твој. Се молиме сега нека ја види милоста и воскресната радост Твоја во денот на доаѓањето Твое, сега и секогаш во сите векови. Амин.“ Пред ковчегот со неговите посмртни останки претходно се поклонија претседателот Бранко Црвенковски, премиерот Никола Груевски, претседателот на Собранието Љубиша Георгиевски. Со Тоше се збогуваа и членови на Владата, пратеници, претставници на дипломатскиот кор меѓу кои амбасадорката на САД Џилијан Миловановиќ, евроамбасадорот Ерван Фуере, делегации на АРМ, на политички партии...Последна почит му оддадоа и претставници на македонската музичка сцена, соработници-композитори и естрадни имиња од соседните земји - Аки Рахимовски, Тони Цетински, Светлана Цеца Ражњатовиќ, Владо Георгиев... и сите за кои пееше Тоше кој токму оваа година одбележуваше 10 години од својата плодна музичка кариера.
И Премиерот Груевски со последна почит кон Тоше Проески
Македонскиот премиер Никола Груевски изрази последна почит и сочувство до семејството на трагично загинатата македонска поп звезда Тоше Проески. - Веста за смртта на Тоше Проески ја примив со големо жалење. Денеска претрпевме огромна загуба. Изгубивме млад човек кој беше икона на македонската музика, непроценлив музички талент, човек по кој Македонија беше препознавана надвор од своите граници, но и голем хуманист, кој неуморно бараше начини како да им помогне на луѓето и општеството. Замина прерано. Позади себе остави голем број професионални остварувања, но за жал, многу од неговите планирани активности останаа нереализирани. Кога пред околу три недели, со него разговаравме во мојата канцеларија, огромен впечаток ми остави неговата искреност, ведрина, полетност, верба во Бога и големата желба да им се помогне на луѓето кои што имаат потреба за тоа. Неговите зборови ќе останат врежани во мојата свест како симбол за тоа што значи да се биде добар, што значи да се верува во Бога и во луѓето. Тој беше човек што знае да сонува, што знае да верува, човек, кој чувствуваше, кој помагаше, кој го живееше животот предводен од длабоката етичка и космополитска димензија. Тој беше, и ќе продолжи да биде наша гордост и гордост на нашата држава, Република Македонија, а неговите дела ќе останат непроценливо богатство за нашата земја, гордост за секој Македонец и една трајна уметничка вредност во која вечно ќе живее неговата културна големина. Вие, неговото семејство го загубивте Вашиот син, а нашата држава загуби млад човек кој со своето творештво и општествена активност ја задолжи музичката уметност и Македонија. По повод неговата смрт, Ве молам примете ги изразите на моето искрено сочувство. Нека му е вечна слава, рече премиерот Груевски. |