Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате:
Осветување на црквата во Лешочкиот манастир
15.10.2007.
Sample Image
 
 


На празникот на Покровот на Пресвета Богородица беше извршено осветување на црквата „Св. Атанасиј“ при Лешочкиот манастир. 

Осветувањето на Црквата го изврши Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, а на чинот на осветувањето присуствуваа и поголем број од архиереите на Синодот на МПЦ. 

 
Sample Image
 
 
Sample Image
По повод осветувањето на црквата, која беше урната во конфликтот 2001 година, беседи одржаа архиепископот Стефан и надлежниот епархиски архиереј Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил.

г.г. Стефан



ЛЕШОК – ВОСКРЕСЕНСКО ДЕЛО НА ЉУБОВТА

 

    Наоѓајќи се денес на ова свето место, овде во Лешочкиот манастир, кој има исклучително значење во духовниот, просветниот и националниот живот на македонскиот народ во овој крај и пошироко, не можам а да не го констатирам следново: навистина чудно, дури најчудно суштество е човекот! Со право рекол апостолот Павле - “никој не знае што е во човекот освен духот кој живее во него” (1 Кор 2,11).

Нема почудни созданија на Земјава од нас луѓето! Како човек, како едника или заедно како народ можеме да бидеме – и како ангели и како демони, да бидеме и добри и лоши, и праведни и неправедни… Лешок, овој свет манастир, е жив сведок за тоа што може човекот и што можат луѓето – и во доброто и во злото! Колку малку требаше нечија омраза, па овој храм да се претвори во урнатини и колку многу љубов требаше потоа, па од купот камења повторно да се изгради ова велелепно дело!? Навистина, чудно и најчудно е тоа суштество што се именува со името - човек! А тоа чудно и тоа најчудно се потврдува токму со тоа, со човечкото и нечовечкото во него!

            Човек, кој вистински верува, без разлика дали е христијанин, муслиман, или припадник на било која вера, тој мора да верува во човекот, да верува во луѓето, со истата вера со која верува во својот Бог! – Како можеме да Го сакаме својот Бог, Кого не Го гледаме, а го мразиме својот сосед, својот соселанин или сограѓанин, го мразиме другиот само затоа што тој верува во Христа Исуса или во Мухамеда или во некој друг?!

            Човекот, кој вистински верува, тој мора секогаш и насекаде да биде подготвен да покаже поголема љубов од љубовта што е покажана кон него, да биде подготвен да прости повеќе од она што му е нему простено, или да покаже поголемо сострадание или милосрдие од она што другите го покажале кон него.

            Дали сме размислувале дека кога покажуваме, односно извршуваме непријателство кон другите, особено кон оние од друга вера, дали тогаш грешиме само кон нив, кон припадниците на другата религија, или и кон Некој друг? Старозаветната мудрост ни советува: “ако човек згреши против човек, ќе се помолат на Бога за него; но, ако човек згреши и против Господа, кој ќе се моли за него?” (1 Цар 2,25). Оттаму, грешејќи против луѓето, секогаш грешиме и против Господа!

            Возљубени,

Нема Бог кој го оправдува злото, или кој допушта во Негово име да им правиме зло на луѓето. Овде во Лешок, односно во овој свет манастир, се случи токму тоа, но и еве - помина. Затоа, да им порачаме на сите, без разлика на верата, на нацијата или по било кое друго припаѓање: нема да сме подобри христијани или муслимани доколку ги навредуваме припадниците на другата вера или нација, доколку им правиме штети по светињите или имотите. Нема да сме подобри христијани или подобри муслимани доколку оштетиме или урнеме џамија или црква. Нема да сме подобри христијани или муслимани доколку скршиме надгробен споменик или обесветиме нешто што за другите е свето, или било каква штета му правиме на другиот само затоа што тој е различен во верското или националното припаѓање. – Сметаме ли дека сме се скриле и од очите на Господа доколку луѓето не нѐ фатат на дело, кога правиме зло? - Не! Зарем совеста во нас вечно ќе молчи и што тајно останало тајна?!

            Затоа, треба да се учиме и се научуваме на човечност! Треба да бидеме подготвени да го почитуваме туѓото како што сакаме другите нашето да го почитуваат. И повеќе од тоа: потребно е да правиме добро не само кога знаеме дека ќе ни се врати со добро, туку со нашето однесување другиот да го поттикнуваме кон добро, да го оттргнуваме од злото со нашето постојано добротворие. А добротворството нема припаѓање по верска или друга основа. Токму затоа евангелскиот Самарјанин (Лука 10, 33-37) ќе остане засекогаш пример дека треба да им правиме добро на сите луѓе, а не само на нашите по вера или по било кое друго припаѓање!

            Треба да се научиме во ликот на другиот човек да го гледаме ликот Божји! - Во секој човек, без разлика на разликите со него, треба да го бараме и најдеме образот Божји во него. Ако така постапуваме, тогаш и во непријателот ќе видиме и ќе најдеме пријател! Всушност, тогаш, победувајќи го злото во себе, ќе му помогнеме и другиот да гледа во нас пријател, да гледа човек – образ Божји, наместо свој непријател! Само тогаш, навистина само тогаш, нема да ни биде тешко да живееме со луѓето, само доколку сфатиме дека сите ние најпрво сме човек, сме луѓе – сме чеда Божји, а потоа дека припаѓаме на различни вери, нации, раси, итн. Затоа и апостолот Павле ни советува: “доколку зависи од вас - живејте во мир со сите луѓе” (Рим 12,18).

            Возљубени,

Македонија е чудна земја! И не е толку таква од себе колку што е од нас што живееме во неа. Чудна е таа најмногу од нашето чудно однесување, од однесувањето на нас, нејзините времени жители! – Никој не останал вечен овде на неа и, веројатно, таква ќе биде судбината и на оваа наша генерација. А кога како луѓе на верата – небото би ни било животна цел, а што треба и да ни биде, тогаш не би требало да ни се случуваат вакви овоземни работи.

– Кој го бара земното, тој ќе го изгуби небесното, а кој го бара временото, тој ќе го изгуби вечното! Вечните градби, какви што се светите зданија и не се урнати дури и кога ќе ги урнеме! Божјите храмови се подигаат и носат во душите на вистинските верници, тие се изградуваат со љубовта на вистинските добротворци и мирољубци и затоа остануваат да ги надживеат сите невремиња во времињата.

Лешочкиот манастир опстојувал и опстојува, сардисан или урнат – тој ќе опстојува, зашто посилна е љубовта на оние што го љубат од омразата на оние што не го сакаат. Овој свет манастир е потврда дека „Господ ги придржува сите што паѓаат и ги подига наведнатите... Господ е близу до сите кои Го признаваат и до сите кои вистински Го призиваат“ (Пс 144, 14 и 18). Еве, со Божја помош, се најдоа пријатели, се најдоа луѓе околу нас, особено во Агенцијата за обнова при Европската заедница, кои, со другите даренија од нашиот богољубив народ, го воскреснаа во сета своја убавина славниот Лешочки манастир.

Господ – Дарителот на сé нека го награди дарот на сите коишто помогнаа во обновата на ова древно македонско светилиште.

Нека е честит овој ден и чинот што го извршивме. Нека се вечни Лешочкиот манастир и Македонската Православна Црква! Амин!

 

 

Sample Image

 



  
  г. Кирил
 

                  Да им благодариме на Бога и на Пресвета Богородица што ја имаме нивната милост, па денес се собравме вака бројно во ова древно манастирско светилиште, за да го извршиме осветувањето на обновениот манастирски храм Св.Атанасиј, кој беше до темели разрушен во 2001 г.         

    

 


 

Исполнети со ретки чувства од двојната радост, заради годишнината на Македонската Православна Црква којашто ја чествуваме и осветувањето на обновениот храм, во својство на надлежен епархиски архиереј на Богомдарованата ни Полошко - кумановска епархија, со архипастирска радост и најискрени братољубиви чувства на голема почит и евангелска љубов, искажувам особена благодарност кон сите кои помогнаа во обновата на храмот, а посебно кон Агенцијата за реконструкција при Европската Унија од која беа обезбедени најголемите парични средства.

                Денешниов настан е со големо историско  значење за нашата Света Црква и за нашиот благороден народ, бидејќи осветувањето и на овој храм, покрај другите многубројни осветени и што ќе бидат осветени во текот на годината, по Божјо провидение, се во чест на 40 годишнината од возобновувањето на автокефалноста на славната Охридска Архиепископија олицетворена во нашата Светоклиментова Македонска Православна Црква. Денешниов настан го разбирам и како милост Божја кон мене, зашто осветувањето на обновениот  манастирски храм се совпадна во годината кога исполнувам 4 децении од архипастирската служба на Бога и на својот верен православен народ.

                Во ова од Бога дарувано 2007 - мо Лето Господово му се радува македонскиот род, и овде во Татковината и насекаде каде што не има, особено во демократските САД, во Канада, во Австралија, како и на просторот од Европа и на Балканот. Со обновата на нашата Света Црква, во 1967 година, го доживеавме нашето црковно и духовно воскресение, кое ни помага да имаме полно слободно македонско живеење и создавање.

                Денес, собрани бројно на овој прекрасен подшарпланински лешочки манастирски комплекс, проникнати со вера и љубов во семоќниот Бог, се радуваме на целосното возобновување на овој древен манастирски храм. Со чинот пак, на денешново   осветување, по молитвите на св. Атанасиј Велики му ја враќаме неговата  улога од пред 2001 година. Тоа значи овде, кај  сите што сме собрани, во името на Божјиот мир, правдата и демократијата, се покажа на дело нашата грижа да се сочува  културното историско наследство, создавано со столетија, а со тоа ја потврдивме нашата вера во Бога и нашето живеење со Бога, како и нашата заедничка подготвеност да се бориме и избориме да зацари толку посакуваниот мир и благосостојба на просторот од нашата Татковина, како и меѓу сите мирољубиви и правдољубиви народи и земји во светот.

                Надградувањето во областа на културата, и просветата, како и запазувањето на традициите, обичаите културно-историското наследство, се од особено значење за секој народ. Република Македонија и Македонската Православна Црква, имавме и имаме вистински разбирач на духовните и културните вредности во лицето на ЕУ, а особено потврдени во ангажирањето на Негова екселенција амбасадорот г-дин Ерван Фуере. Тој при една пригода ланската година, ќе парафразирам, ни порача : Една држава и еден народ ако не си ја негуваат традицијата, историјата и не ги чуваат создадените културно-историски знаменитости и богатства, таа држава и народ немаат иднина!

                Ние, во Македонска Православна Црква, потпомогнати од специјализираните институции се трудиме во границите на можностите да го зачуваме се што е создавано со столетија на овие простори, бидејќи само така ќе придонесеме во збогатувањето на општочовечката културна ризница. Македонија била и останува земја украсена со вредности создавани во сите периоди од човечкото цивилизациско творење на нашите простори.

                Господ нека не вдахновува и умудрува да растеме само во доброто! Повеќе да градиме, а не да уриваме!  Да градиме цврсто единство и вистински мир и слога, љубов и разбирање, бидејќи сите сме еднакви пред Бога, без разлика на националната, верската, или расната припадност. Затоа, како што сонцето над Македонија подеднакво  не грее сите така и македонската земја треба подеднакво и да ја сакаме и почитуваме!

                Спасителот ни порачува: мир ви давам, мир ви оставам да се љубите еден со друг и дека по тоа  ќе ве познаат сите дека сте мои чеда, ако имате љубов помеѓу себе.

                Од денес, повторно со сиот сјај засветли уште едно големо манастирско светилиште чии  темели датираат дури од 6 век. Со неговата обнова тој повторно постана видливо манастирско небо на ова парче македонска земја. Затоа и се радуваме и веселиме духовно, упатувајќи хвалебни песни кон Бога и благодарност кон сите вас добродетелите! Нека се вечно благословени и преблагословени имињата на сите кои што се вградија во обновата на овој велелепен храм.

                Дај Боже, само врз цврстите основи  на нашето славно минато да ја градиме иднината на нашиот богољубив народ, на нашата држава и на нашата Света Црква. И да не заборавиме: нашата сила нека биде во нашето единство, во меѓусебното разбирање и толеранција и во придобивањето на  вистински пријатели во светот. Да создаваме и да негуваме пријателство со сите! Да го чуваме туѓото како своето, за да го чуваат нашето како нивното!

                Му благодариме на Бога, и на сите што помогнаа од купиштата камења повторно да го воздвигнеме овој величествен Божји храм на Лешочкиот манастир.

                Господ на мирот и на љубовта нека биде со сите нас, сега и во сите времиња!

                Нека ни биде честит и вековит новоосветениот манастирски бисер, нанижан на бесмртниот светокли-ментов гердан, а по повод 4 децениската радосна годишнина на нашата Света Црква. АМИН !

                Господи, нека биде благословено Твоето име - отсега и до века. АМИН !        

                                                                                               

 

 

 


 
< Претходно   Следно >