Предговор за стрипот „Роден за да биде цар“ |
26.11.2012. | |
Предговор на стрипот за раѓањето на Господ Исус Христос![]() Мелхиор, белокосиот и долгобрад старец Му принел на Господа злато, како на Цар, кое е символ на верата, а ја крие својата слава и блесок во темните длабочини на земјата. Тоа е еден вид на преобразена земја, откровение на темните длабини. Со тежок труд и упорно трпение, на ситни парчиња се извлекува златото, додека да се собере во таква количина, за да може да заблеска со својата златна светлина. Такви се и длабочините на човечкиот дух, во кои и од кои човекот со своето творештво ја извлекува духовната убавина и со неа го разубавува светот. Тоа злато Му припаѓа на Царот на славата, и луѓето треба да Му ја принесуваат Нему од Него дадената наша слава, од Него дадените дарови на Светиот Дух. Секој човек има свој дар од Светиот Дух, своја сокриена во него слава, свое злато, и тој треба да си го пронајде во себе, за да не се случи со празни раце да влезе во храмот. Да Му го принесеме творечкиот порив на нашиот дух и неговите плодови. Гаспар, млад, голобрад и руменолик, му принел ливан, символ на разумот. Тоа е ароматична смола, темјан, скапоцена во тоа време, која се користела за укажување на почест кон одредена личност. Благомиризливиот темјан, кој се издигнува кон небото, е како човечката душа, која се искачува кон својата небесна татковина. Душата е крилеста, таа е блиска со ангелските воинства, кои на небесата ја воспеваа славата на Бога во висините, таа се вивнува кон престолот Божји во своите молитви и размислувања за Бога. Ангелската природа на човечкиот дух е тој ливан на душата, скриен во неговото срце. Човекот не знае, какви богатства има, какви ризници му се дадени, додека самиот не ги изнесе, не ги принесе пред Христа – Богомладенецот. Очите на Младенецот, кои гледаат во очите на нашата душа, во неа ни откриваат, и таа се разгорува со побожна љубов, како кадило пред Господа. Но, треба да се разбудиме од сонот, во кој пребиваме, треба да тргнеме на далечен пат, трагајќи по Христос, и поклонувајќи Му се, да Му го принесеме својот ливан. И секоја душа е повикана да биде тоа кадило благомирисно, секоја душа има своја молитва, го знае својот пат до свештениот храм на срцето. А срцето, иако е мало, пак го собира Христос, само доволно е ние да му ги отвориме вратите, за Он да влезе. Валтазар, средовечен маж, со долга брада, му принел смирна, како на Човек, која е символ на нашите дела, а која се користела и како погребно миро на љубовта, принесувано со љубов, од душите – мироносици, кои итаат да Го погребат возљубениот Господ Христос, и самите умирајќи со Него, за со Него и да воскреснат во срцата свои. Да, и ние треба да Му го принесеме не само својот живот, туку и својата смрт, да соумираме со Него, за со Него и да совоскреснеме. Мудрите цареви сфатиле дека раѓањето Христово е почеток на смртниот пат кон Голгота, и дека јаслите се символ на гробот, во кој Христос ќе биде погребан. Патот на љубовта е жртва, а цена за жртвата е смртта. Он бил роден на земјата за да умре, и сиот Негов живот е жртвено колење. Но и нашиот пат не е поинаков, и ние треба да Му ја принесеме на Бога својата смрт, своето умирање со Него, својата подготвеност да одиме и во смрт заради Него и да воскреснеме со Него. Љубовта е силна како смрт, зашто љубовта е и смрт, смрт на нашето себељубиво, празно и умртвено „Јас“. А смртта во Христа е живот и воскресение со Него и во Него. Овие свети дарови – златото, ливанот и смирната се чувале во ризницата на византиските императори, а во XV век, по смртта на својот сопруг Мурат II (1541 година), принцезата Мара, ќерката на српскиот деспот Ѓорѓи Бранкович, ги зела овие свети подароци од Цариград, и свечено самата ги донела на Света Гора. Но таму се појавила Пресвета Богородица и ја укорила за нејзиното влегување на Света Гора, па таа таму ги предала подароците од мудреците, и се вратила назад. Денес тие се чуваат во манастирот на „Свети Павле“, како најголема скапоценост. А тројцата цареви-мудреци откако си заминале од кај Младенецот, отишле во своите земји да ја проповедаат радосната вест за раѓањето Христово, а според некои сведоштва се смета дека апостолот Тома ги ракоположил за епископи. Се смета дека се упокоиле во исто време и дека на исто место биле погребани. Царицата Елена ги нашла нивните свети мошти и ги пренела во Цариград, а во V век биле однесени во Милано. Во 1164 година, по желба на императорот Фридрих I Барбароса моштите биле однесени во Германија, во градот Келн кај архиепископот Рејналд, каде што на 24 јули бил востановен празникот на „Тројцата кралеви“. Денес се чуваат во Келнската катедрала посветена на Пресвета Богородица и на апостолот Петар. Во XIII век Марко Поло сведочи за постоење на гробница на тројцата мудреци во персискиот град Сава (југозападно од Техеран). Да ни даде Бог сила и желба да Го побараме Христос во нашиот живот, да Го најдеме во своето срце, да Му се поклониме, и наместо материјални предмети, да Му се принесме себеси, како најскапоцен дар. Митрополит Повардарски +Агатангел |
< Претходно | Следно > |
---|