Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате:
Животот и црковното сликарство на Ѓорѓи Зографски

 

Sample Image Ѓорѓи Зографски потекнува од Рензовско-Зографскиот род, од мијачкото село Тресонче, кој спаѓа меѓу најстарите родови од Река што се занимавале со градителство, зографство, иконопис и копаничарство. Се  родил во село Папрадиште, Велешко, во 1871 година. Тој е директен потомок на познатата зографска, резбарска и градителска фамилија на Дамјан Јанкулов (1770 - 1830). Неговиот татко Јаков бил мајстор - градител, резбар и живописец.

     Основно образование завршил во родното место, учејќи азбука и читање од стари старословенски книги од кои поголемиот дел биле од црковен карактер. Од најраното детство Зографски почнал да го придружува својот татко на неговите печалбарски патувања со цел да го учи зографскиот занает. Во 1884 година кога имал 13 години, неговото семејство се преселува во Велес.

 

Во 1887 година, рускиот конзул во Призрен, Иван Јастребов, кој имал можност да ги види неговите сликарски работи, изјавил желба да го прати на школување во Русија. Но, настојувањата на 16 - годишниот Зографски да „учи и да ја види Русија” не биле во согласност со патријархалните разбирања на неговите родители. Благодарение на поддршката од неговиот роднина Диме Андреев, кој во тоа време ја градел црквата „Свети Ѓорѓи” во Призрен, тој успеал да ги убеди своите родители и истата година, на своја иницијатива, заминал сам за Солун. Во рускиот конзулат тој ги завршил формалностите околу добивањето документи за својот десетмесечен престој во Москва и Петроград. За неговото школување и работа во Русија не се оставени никакви податоци. По Русија тој заминува во Бугарија каде останал сè до 1888 година. Потоа се вртил во Македонија и се приклучил на тајфата на својот татко Јаков и заедно работеле во Македонија, Бугарија и Србија, сè до смртта на Јаков во 1907 година. Во Софија Јаков Зографски имал свое ателје во кое, по враќањето од Русија, се приклучил и Ѓорѓи, каде покрај икони сликал и ѕидни (фреско) декорации по куќите на богатите семејства и портрети на познати Македонци коишто живееле и работеле во Софија. Во овој период, за потребите на сликањето на портрети Зографски го изучил и фотографскиот занает.

     Во 1894 година Зографски се оженил со Сава Мицајкова со која им се родил синот Тодор. По четири години брак Сава умрела, а Зографски заедно со татко му Јаков, заминал за Србија.

     Во 1903 година Зографски повторно се оженил, со Роса Вецинова од Велес, со која имал три машки деца, Јован, Јордан и Данчо.

     По смртта на неговиот татко Јаков во 1907, Зографски заминал за Ниш, каде отворил

 

 

 
свое ателје. Таму ги сликал иконите за црквите „Архангел Михаил” во село Балаинац, „Св. Јован” во Орлање, „Св. Прокопиј” во с. Шумане, Лесковачко, „Св. Илија” во с. Печењевац, „Собор на светите апостоли” во с. Турековац и др. Во овој период Зографски сликал и портрети на познати свештени и политички личности во Србија.

 

     По објавувањето на Првата балканска војна 1912 година, Зографски живеел и работел во Велес. Во овој период сликал икони за црквите „Св. Никола” во с. Рудник, „Вознесение Христово” во с. Еловец и манастирот „Св. Вмч. Димитрија” во Велес.  

     Во 1918 година тој отворил фотографско студио во близина на Саат - кулата во Велес, каде фотографирал познати личности на кои потоа им сликал портрети.  По завршувањето на војната тој бил избран за кмет на Велес, но по кратко време ја напуштил оваа функција за да може да продолжи со сликањето на икони заедно со своите синови Јован и Јордан кои му ги подготвувале подлогите за сликање. Тој продолжил да слика во Велес и Велешко, Штип и Кратово.  

 

 

 

 

     Периодот од 1927 до 1929 година се смета за еден од поплодните негови периоди. Покрај икони и живопис, тој во овој период сликал и доста портрети на познати личности, трговци, занаетчии и негови пријатели од Велес. Зографски стекнал голем авторитет на сликар кој, покрај црковното, полека почнал да го негува и профаното сликарство. Неговиот авторитет и слава достигнуваат врв во 1932 година, кога во дневниот печат биле објавени повеќе текстови за неговиот живот и творештво. За неговиот придонес во црковното сликарство Зографски бил одликуван со орден на св. Сава.

     Во 1932 година тој повторно заминал во Србија и сликал икони и живопис во Ужичка Пожега и Белград. Од 1935 година па сè до крајот на својот живот тој постојано живеел во Велес, главно сликајќи икони за селските цркви во околината на Велес.

     Умрел од настинка, во декември 1945 година, на 74-годишна возраст.

     И покрај сите напори кај своите деца да всади љубов кон сликарството, не успеал. Ни еден од нив не ја продолжил сликарската традиција на својот татко и на Рензовско-Зографскиот род. Со неговото име завршува творечкиот период на родот кој повеќе од два века бил двигател на уметничкиот живот не само во Македонија туку и пошироко на балканските простори.

  

 

 

 
< Претходно   Следно >