Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Пристапна беседа на епископот Лешочки, г. Јосиф
Пристапна беседа на епископот Лешочки, г. Јосиф
25.10.2012.

Ваше Блаженство, богоносни архиереи и пастири на нашата света Македонска Православна Црква, возљубени браќа и сестри во Господа.

Со чувство на длабок и свештен трепет, застанувајќи на амвонот, стојам пред лицето на самиот Пастироначалник Христос -нашиот Бог. Со неискажлива благост и богата промисла [1], а со благослов на Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски со едногласен избор на членовите на Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква, повикан сум, јас недостојниот, кон почест на високото звање од Бога во Христа Исуса [2]. Колку славни светители, ангели на Црквата Христова, во страв и трепет очекувале да се излие врз нив благодатта Божја, што денес ја примив со положените раце врз мене. Но, еве, Бог мене ме удостои со таа голема чест.

Сознавајќи колку е голема пред Бога одговорноста на епископското служење, како некогаш царот Давид извикувам – помилуј ме Боже според големата Твоја милост! [3] Знаејќи ја, пак, одговорноста од искачувањето на таа височина, за која свети Григориј Богослов вели дека е завидна и опасна височина, многумина свети мажи, избрани садови на Божјата благодат, коишто поминувале во подвизи на молитва и пост, немале храброст да се искачат. Затоа, возљубени браќа архиереи, се плашам од крстот со кој ме товаривте денес и кој ќе треба да го носам. Но, не се противам, туку верувам во тоа дека за мене, Божјата благодат ќе биде вистинска помош и  постојано тивко пристаниште.

Опитот на апостолите и светителите, мачениците и преподобните и на сите светии кои сведочат за вистината на Откровението, дека Силата Божја во слабост се покажува [4]ќе ми биде утеха и поткрепа во извршувањето на службата. Таа служба, повисока од ангелската и херувимската, е служба што ги надминува моите сили и знаења, служба што е поодговорна од сите служби во светот, бидејќи сета власт и местото што го има епископот во Црквата, извираат и произлегуваат токму од службата што ја има во светата Литургија, меѓу народот Божји. Затоа нема епископ надвор од црковната заедница, како што нема и црква надвор од светата Литургија – како евхаристиско собрание на сите верни во Христа. Оттаму, светите Апостоли поставувале епископи како претстоители на помесните црковни заедници – чијашто главна цел била да литургисуваат, на чело на заедницата на сите верни од тоа место, како што вели светиот апостол Павле, дека секој архиереј се поставува за да принесува дарови и жртви на Бога. [5]

Но, на нашиве простори, не било секогаш така. Нашиот народ тоа најдобро го знае, бидејќи доживеал што значи да се биде одделен од Христа, што значи двесте години да се биде стадо на туѓи пастири, кои го злоупотребува амвонот на Црквата, и наместо светото Евангелие и љубов, проповедаа национализам иоднародување и, наместо духовен мир и радост, во храмовите се доживуваше немир и болка.

Но, по Божја промисла, во далечната 1958 година, со Одлуката на тогашниот Синод, а прифатена од соборјаните, потполно се возобнови ОА во лицето на Македонската Православна Црква, со што целосно се возобнови и литургискиот живот и им се вративме на древните православни корени. А на светата Литургија, како тајна на самата Црква, која во себе опфаќа сé, од која сé извира, и во која сé се слева, Евхаристијата стана тајна во која ние како христијани се идентификуваме со Црквата како Тело Христово, Тело евхаристиско и есхатолошко, кое секогаш е само едно – Тело, на Христа Богочовекот .Целиот народ Божји, во Него е собран, бидејќи Христос не ја востанови евхаристијата само за одделни нејзини членови или за одделни народи, туку за целата Црква во светот, во сета нејзина полнота и единство.

Токму таквото идентификување на Црквата е можно благодарение на слободата, на слободата што му е доверена на епископот да ја чува и воспитува, за да биде изразена на литургијата, како потврден одговор на повикот со страв Божји, вера и љубов да пристапиме кон Христа.

Во овој ден на мојата Педесетница, кога Бог Света Троица изобилно ја изли својата благодат врз мене недостојниот, си спомнувам за поминатиот пат во мојот живот, за љубовта во родителскиот дом, што беше темел за определбата спрема монаштвото и мојот избор целиот свој живот да го посветам на служба на Бога. Затоа не можам а да не се сетам на татко ми Атанас, блажен му спомен, и на мајка ми Лилјана, кои, иако им бев единствено машко чедо, ме подарија на Црквата Христова. Со благодарност си спомнувам за детството поминато во моето традиционално македонско семејство, во кое растев и во кое ме воспитаа во духот и вредностите на Православието.

А по телесното следеше и духовното раѓање, за кое сум му особено благодарен на мојот тогашен парохиски свештеник, на отец Ацо Алинчанец, од кого го примив светото крштение и од најмлади години ги научив длабоките вистини за верата и што значи ревносно да ѝ се служи на Црквата Христова. Со благодарност се сеќавам на неговите зборови дека жетвата е голема, а работници се малку, па, молејќи се за умножување на ревносните служители на нивата Господова, јас смирено се предадов на себлагата Божја волја и со благослов на Неговото Високопреосвештенство митрополитот Петар се запишав на Богословскиот факултет во Скопје. И нему му благодарам што денеска и од неговата рака го добив апостолското преемство на епископската служба.

Исто така особено сум му благодарен и на Неговото Високопреосвештенство митрополитот Наум, од кого ги примив монашкиот потстриг, како и ѓаконската и ерејската благодат, кои за мене станаа живо сведоштво, дека Синот човечки не дошол за да Му служат Нему, туку за да послужи и да ја даде Својата душа за откуп (спасение) на многумина [6].

Исто така, сакам да му се заблагодарам на Неговото Блаженство Архиепископот Стефан за молитвената закрила и татковската грижа, со која ме подготвуваше за служење на Бога и на нашата света Црква, целосно посочувајќи ми го жртвениот пат за големината, одговорноста и сложеноста на подвигот на епископот, кој е повикан да стане образец на добар пастир, и за своето стадо да биде не само началник и владика, туку и отец кој ќе го сака и ќе споделува со него и болка и радост, примајќи ги врз себе неговата немоќ и маки и принесувајќи ги неговите молитви пред престолот Божји.

Но, семилостивиот Бог својата безгранична љубов и богата милост, неизмерно ги изли врз мене, така, со благословот на Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква, моето архиерејско служење ќе биде под раководство на ревносниот пастир – Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Кирил. Неговиот пребогат, четири и пол децениски архиерејски опит, неговото мудро управување со довереното му паство, останува да ми биде пример  и верувам ќе ми помогне да одговорам пред предизвиците и задачите што ќе треба да ги извршувам.

Исто така, голема благодарност, искажувам и спрема Неговото Високопреподобие, архимандритот Нектариј, игумен на манастирот свети Наум, кој при нашите средби и богослужби на едната или на другата страна на Охридското Езеро, во Калишкиот манастир, неуморно ме упатуваше во тајните на духовниот живот и со своите совети ме поткрепуваше како да постапувам во моменти на разни искушенија и тешкотии. Надгледувајќи ја мојата младешка бујност, ги превреднуваше сите мои изградени ставови, за кои мислев дека нешто ми значат, притоа откривајќи ми ја ништожношта на сопствените сили, во однос на креативната моќ на молитвата, која чуда твори. Му благодарам за поуките и укажувањата дека работата на нивата Господова носи и порази и победи, притоа постојано откривајќи ми причини за обнова на покајанието, со кое се отстрануваат сите пречки на патот кон спасението. Го замолувам Неговото Високопреподобие, особено од денеска, повеќе од досега да се моли за мене покрај гробот на свети Наум, големиот чудотворец, од кого, и јас добив и добивам, како што многумина добиле и добиваат помош.

Оваа пригода ми налага да се сетам и на сите оние што во текот на мојот живот, на свој начин ме упатувале, воспитувале и помагале – роднините и пријателите, учителите и браќата во Христа. Во неможност сите да ги именувам, Го молам Бога за нив да си спомне во Царството Негово.

Вам, пак, народе Божји, ви благодарам што ме прогласивте за достоен да го свештенодејствувам Телото и Крвта Христови и да ја примам одговорноста за исполнување на домостројот Божји. Но, не можам да не се плашам, зашто на Страшниот Христов Суд ќе треба да дадам одговор за секоја душа која ми е поверена, бидејќи епископското служење се објаснува со дело, што безмерно ги надминува моите слаби сили и ум немоќен. Се надевам само на тоа што Бог Семилостивиот и Сезнајниот, не дава поголеми искушенија од оние, што ние можеме да ги поднесеме, и со вашите усти го повикува моето недостоинство на архиерејска служба.  А архиерејското служење во сите векови било постојано носење на крст и барало од оној што го носи, усрдна грижа за народот Божји и ревност за правдата Господова.

Затоа, смирено ги просам светите молитви, од сите вас присутни на оваа света Литургија, за нашиот Господ Исус Христос да ми ја испрати Неговата благодат, та идното архиерејско служењe да биде спасително за мене, а полезно за мајката Македонска Црква, за нашата Татковина, за нашиот православен народ и за сите луѓе со добра волја и разбирање.

Амин!

21 Октомври 2012 г. (преподобна Пелагија)
__________________________

[1] Шеста светилнична молитва на вечерната
[2] Фил. 3.14
[3] Пс. 50.3
[4] 2 Кор. 12.9
[5] Евр. 8,3.
[6] Мт. 20,28.

 
< Претходно   Следно >