Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Скршено единство
Скршено единство
9.10.2007.

 

          Апостолите и раната Црква, никогаш не ги сметале прашањата за доктрината, моралот, богослужбата, и покорноста како неважни за човечката поврзаност со Бога. Со почит кон Светата Причест, најсветата од Светите тајни, ниту еден праведен свештеник од раниот период на црковната историја не би го понудил Светиот Путир на личност, за која  се знае дека се одделила од црквата во било кој од тие принципи.

Во првите илјада години од нејзината историја, Црквата на Истокот и Западот била една, единствена. Ова подразбирало дека секој христијанин кој бил добро примен во некоја црква, бил добро примен во сите цркви и можел да се причести во било која. Сите цркви имале единство во доктрината, моралот, богослужбата и понизноста кон епископите. Според тоа, ако некој христијанин го нарушел единството со Црквата во било кој од овие принципи, тогаш тој не можел едноставно да замине налутен, очекувајќи да се причести во следната христијанска црква подолу на улицата.

Единството на Црквата било најчисто манифестирано во нејзината заштита на чистотата на Светите Тајни. Многу долго време, кога на Божествената Литургија, ѓаконите ќе викнеле „Двери, Двери”, тоа било знак дека сите оние, освен крстените верници кои биле дисциплинирани, морале да се одделат од причестувањето. Тогаш било време да започне евхаристискиот оброк во Литургијата.

Очигледно, оваа состојба на единство не постои денес. Како Црквата станала толку распарчена и поделена? Што се случило за да се уништи единството кое било толку јасно во оние рани денови од црковниот развој?

Секој, кој дури и повремено ја проучувал христијанската историја ќе знае дека ХI век бил од голема важност за Црквата. Во тој век, се случил настан кој, повеќе од било која друга епизода, ја симболизира острата поделба, која израсна меѓу христијанскиот Исток и христијанскиот Запад - поделба која ќе има директно влијание за Црквата во наше денешно време. Православниот теолог - епископот Калист Вер, ја опишува оваа епизода во неговата книга, „Православната Црква”:

                       

Едно летно попладне во 1054, како што се очекуваше да започне службата во Црквата на Света Софија во Константинопол, кардиналот Хамберт со двајца пратеници на Папата влегоа во салата и си направија пат до светото место. Тие не беа дојдени за молитва. Тие ја фрлија Булата на екскомуникацијата над олтарот и тргнаа да излегуваат. Како што поминуваше покрај западната врата, кардиналот ги шокираше сите со зборовите: „Бог нека погледне и нека пресуди.” Еден ѓакон истрча надвор по него и во голем стрес го молеше да ја врати назад Булата. Хамберт го одбил тоа; а таа беше фрлена на улицата.

 

Епископот Вер продолжува да заклучува:

           

„Ова е тој инцидент, кој е конвенционално земен како почеток на големиот раскол меѓу Православниот Исток и Латинскиот Запад. Но расколот, како што историчарите сега генерално го препознаваат, не е настан чиј почеток може точно да се одреди. Тоа е нешто што дошло постапно, како резултат на долг и комплициран процес, кој започнал пред ХI век и не завршил некое време после тоа.”

 

            Што и да се каже за ваквиот катастрофален курс на настаните, една работа е сигурна. Колку и обединета некогаш да егзистирала христијанската црква и во Истокот и во Западот, се случил ужасен раскол - „Голем Развод со епски пропорции.” За прв пат од црковното втемелување, православните христијани од Истокот биле оневозможени да се причестат во западната, Римска црква, и обратно. Како можело ова да се случи?

            Некои историчари ќе ја префрлат целата вина за оваа трагедија врз грбот на Западната Црква. Други ќе покажат со прстот кон Источната. Останатите ќе ја видат вината на двете страни, претпоставувајќи дека фактори за тоа се географските и политичките прилики кои ја комплицираат ситуацијата уште повеќе.  Без разлика која перспектива ќе се одбере - или дури и ако сме тотално несвесни за ваквите настани, верувајќи дека ниту еден друг период од Црковната историја влијае, освен оној опишан во Делата апостолски - реалноста ќе остане неизменета. Она што се случувало векови наназад, иницирано од катастрофалните случувања во Константинопол 1054, има директно влијание врз христијанството во денешно време. Црквата никогаш не останала иста по тој ден.

            Следејќи ја првичната поделба меѓу Рим и Православниот Исток, што е позната како Големиот Раскол, двете страни создавале понатамошен и подлабок раздор, следејќи одделни и често различни патеки. Римската западна црква додаде една фраза, позната како филиокве, на основното учење на Црковната Вера, и на овој начин ја промени дефиницијата за Света Троица - менувајќи ја од „Светиот Дух... Кој произлегува од Оца” во „Светиот Дух... кој произлегува од Оца и Сина.”

             Рим исто така зголемено го сврте своето внимание кон папската канцеларија за неговото толкување на Верата. Соработката, согласноста помеѓу епископите од различните области, стана помалку средство за донесување одлуки. Највисоката точка на раздор се случила во ХIХ век, кога Првиот Ватикански Концил објавил дека папата е непогрешлив кога зборува за доктрината што ја засега верата или моралот. 

            Православноста, иако била строго спречувана од различни регионални или национални прогони, кои произлегле низ вековите, непоколебливо одбива да ја следи Римската западна црква во она што подразбира отсекување од црковно-историското толкување на верата. Таа останала согласна во своите толкувања за црковното водство (ниту еден епископ не поседува позиција на највисок авторитет), упорна во својата преданост кон неменливоста  на вероисповедта, и верна на општоприфатените учења на раната Црква. Некои коментирале дека овој факт објаснува зошто „Реформацијата” не заземала место во Православието, како во западната црква. Многу дела и постапки на младите реформисти биле реакција на западните иновации, кои Истокот одбил да ги прифати уште од самиот почеток.

            Протестантската реформација, еднаш зеде место во Западот во ХVI век, и резултатот беше моментален и неповратен. Германскиот монах, Мартин Лутер, беше еден од вистинските лидери на Реформацијата и татко на лутеранството. Во Франција, Џон Калвин, ги прекина односите со Рим и со лутеранството, и поради тоа распространи раскол и стана татко на Презвитеријанските и реформирани цркви.

            Придодадени групи се отсекоа од лутераните и калвинистите. Од радикалното крило на протестантите, познато како анабаптисти, се изродиле амишите и менонитите. Во Англија, англиканите се разделиле од Рим кога, покрај другото, папата одбил да му го поништи бракот на кралот Хенри Осми со Катерина од Арагон.

            Секоја од овие групи се одделила од Рим, директно или индиректно, но никогаш не се поврзале одново со Православната Црква. Бидејќи Рим веќе ја прекинал заедницата со Православната Црква, протестантите исто така биле надвор од заедница со Православието. Поради тоа, денес, за жал верните католички и протестантски христијани се уште се надвор од заедница со Источното христијанство, и обратно.

            Најголемиот број на модерни расколи се развил од главните видови на протестантизмот. Така, од Црквата во Англија доаѓаат пуританците, баптистите и методистите. Од методистите се развиле назарените и Армијата на Спасот. Подоцна се развиле следбениците Христови, божјите собири, и различните групи на Пентикосталците. Сите овие протестантски подвидови и понатаму се фрагментирале, создавајќи уште повеќе расколнички групи.

            Денес постојат илјадници протестантски класи, од кои голем дел не се во заедница меѓу себе. Според тоа, постојат и илјадници независни цркви. Сите овие групи се надвор од заедница и со Римската католичка црква и со Православната Црква.

 

 

 

 
< Претходно   Следно >