Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Слово на отворањето на Црковно-народниот собор
Слово на отворањето на Црковно-народниот собор
8.10.2012.

Слово на Архиепископот на отворањето на Црковно-народниот соборот (06.10.2012)

 

http://www.mpc.org.mk/shim.gifСогласно Уставот на МПЦ и практиката во нашата Света Црква, како и во Православната Црква воопшто, еве, како членови на највисокото тело во МПЦ, се собравме на редовен АЦНС. А Соборите, соборските собирања, се стари колку и самата Црква. Примерот на Апостолите, со нивниот собор одржан во Ерусалим 51 година, постанал и останал практика во Црквата. Затоа, секое проучување на древната Црква и воопшто на Црквата, не може без проучување на соборите.

Во првите три века Соборите биле повремени собири, одржувани за посебни цели, обично за работи кога Црквата била приморана за некого или за нешто заеднички да разгледа и да одлучи. Самите собори повеќе биле настан отколку институција во Црквата. Во предникејското време биле средства кон кои се прибегнувало повремено, без утврдени места и учесници на истите. Но уште во тоа време било општо прифатено и признато дека средбите и советувањата на епископите, кои ги претставувале тогашните помесни Цркви или заедници, биле вистински начин на кој се пројавувало единството во Црквата. Првите Собори се сретнуваат меѓу Црквите во Мала Азија, кон крајот на II век, во периодот на интензивната одбрана од ширењето на монтанизмот (хилијастичка ерес). Во II век во Северна Африка бил востановен некој вид на соборски систем, и истиот бил најдоброто средство за сведочење, артикулирање и објавување на заедничкото разбирање на Црквата, како и согласноста и еднодушноста на помесните Цркви.

Но за Црквата, а со тоа и за соборите, дошло ново време со покрстувањето на царевите. Од  Константин Велики (274 – 337), а особено од царот Теодосиј I Велики (346 – 395), било општо прифатено дека Црквата е заедно и сопостои со империјата. Покрстувањето на империјата, на некој начин, ја помогнало универзалноста на Црквата, и помогнало да ѝ се отворат нови можности и перспективи. Тоа се покажало и потврдило уште на Првиот вселенски собор во Никеја 325 година, на кој е осудена ариевата ерес, а со кој раководел самиот цар Константин. Никејскиот собор постанал парадигма – образец за подоцнежните собори во Црквата. Во вековите што следат, со настаните што се случувале во Црквата биле одржани следните Вселенски собори: II во Цариград (381 г.) против духоборството и Аполинариевата ерес, III во Ефес (431 г.) против Несториј, IV во Халкидон (451 г.) против монофизитите, V во Цариград (553 г.) против трите глави, VI во Цариград (680 – 681) против монотелитите и VII во Никеја (737 г.) против иконоборците. Православната Црква признава уште десет помесни собори и ги прифаќа за општоважечки на нив донесените одлуки.

Тој начин на функционирање, тоа соборно решавање на постоечките проблеми, се покажал плодотворен и за нашата Света Црква. Имено, свештеничкото собрание во Издеглавје во 1943 година ќе ја најави соборската активност на свештенството и верниот народ. Веднаш по ослободувањето во Скопје се одржал Црковно-народен собор, на кој едногласно е побарано – самостојна Црква и обнова на Охридската Архиепископија. На Црковно-народниот собор одржан во Охрид во октомври 1958 година е возобновена Охридската Архиепископија како МПЦ, и епископот топлички Доситеј, поранешен викарен епископ на српскиот патријарх Герман, е избран за поглавар, со титула – Архиепископ охридски и македонски и митрополит скопски. Во периодот што следел не дошло до разбирање меѓу СПЦ и МПЦ: СПЦ инсистирала на автономен статус, а МПЦ оправдано барала целосна самостојност – автокефалност. Така ЦНС, одржан во јули 1967 година, ја прифатил одлуката на членовите на САС за возобновување на афтокефалноста на Охридската Архиепископија во лицето на МПЦ. И еве, 45 години нè делат од тој историски настан, настан кој донел целосно духовно воскресение, настан што ја исправил двевековната неправда, настан – темелник врз кој се потпира современата историја на Црквата во Македонија и меѓу Македонците по светот. Денес, од временска дистанца од 45 години, можеме да речеме дека соборјаните донеле праведна – родољубива и богоугодна одлука, со која ѝ се врати достоинството на нашата древна Црква. Всушност, соборот одлучил, имајќи предвид дека времето се исполнило, покрај веќе националната да се возобнови и духовната слобода. И ако погледнеме што сè постигнавме за овие 4,5 децении ќе речам – постигнавме многу! Најголем дел од Македонците се под закрила на својата Света Црква; возобновивме стари и изградивме нови цркви и манастири, основавме потребни богословски просветни институции, издадовме Библија на современ македонски јазик и поголем дел богослужбени книги и друга црковна литература, се возобнови монаштвото, продолжува духовното надградување на нашиот народ...
Овогодишниот собор, кој има работен и свечен карактер, веруваме ќе ја потврди и покаже духовната зрелост и оправданоста на Одлуката од пред 45 години. В недела, на Божествената Литургија, ќе извршиме хиротонија на новоизбраниот викарен епископ на Скопската православна епархија Неговото високопреподобие архимандрит Јосиф, со титула епископ Велички.

Добро се најдовме! Господ на милоста, по молитвите на светите Климент и Наум, нека биде со сите нас и нека го благослови нашево собрание. Амин.

 

Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан
 
< Претходно   Следно >