ветата Црква востановила сè да започнува и да завршува со молитва: и доаѓањето и заминувањето од овој свет, и денот и годината, и почетокот и крајот на секоја работа и секое дело. – Постојано сме должни да се молиме и секогаш треба да Му благодариме на Бога, нè советува свети апостол Павле (1Сол.5,17 и 2Сол.1,3). И еве, по триесет и петти пат, се помоливме за благослов и помош од Бога во претстојната академска година на Богословскиот и на другите факултети при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје, и за сите наши образовни институции. Се помоливме за оние што ќе учат и за оние што ќе ги учат. И со тоа ништо ново не воведовме од она што веќе 35 години се практикува на овој факултет и повеќе од две илјади години во Црквата Христова. Со денешнава заедничка молитва немавме цел никого да навредиме, никого да присилиме да дојде, ниту пак некого што не верува да го направиме верник. Едноставно, поканивме – кој може и кој сака нека дојде, и секој е добредојден! Па зар има место за чудење ако на Богословскиот факултет, како придружна членка на УКИМ, се одржи молитва за почеток на академската година и на неа бидат поканети и дојдат - пак по свој избор - ректорот, проректори, членови на Сенатот, декани, професори, студенти - да дојдат овде, на Богословскиот факултет, иако, можеби, повеќе приличи за ваков повод сите да отидеме на Универзитетот. Да веруваме дека ќе дојде и тоа време! Сепак, и за жал, сè уште има такви кои не само што не влегуваат, туку и на другите кои сакаат не им даваат да влезат (Мт.23,13), односно ги критикуваат и оние што покануваат и поканетите на денешнава молитва. – Ќе бидете намразени заради Моето име, ги предупредил Христос Своите ученици (сп. Мт. 10,22). Зашто, кој се противи на нашава молитва, тој го оспорува и делото на нашите просветители и патрони, делото на свети Климент Охридски и на светите Кирил и Методиј, и на сите што своите постигнувања во животот ги оствариле преку молитва. Па, првото наше училиште и првиот наш универзитет биле место за молитва и место за учење! И првото книжевно дело на нашиот јазик е молитвата и првото слово наше е молитва! До кога со секуларноста на нашата држава ќе се оспорува и неспорното?! Конечно, треба да разбереме дека секуларност не значи и безбожност, а уште помалку - богоборство! До кога некои ќе сметаат дека атеистите имаат поголемо право од правото на поинаквите од нив, дури и тогаш кога, според сите анкети, - во Република Македонија религиозните се многу побројни од нерелигиозните! Затоа прашуваме, во име на демократијата ли, во име на науката ли, во име на слободата на медиумите ли, или во име на нешто друго се прави таквиот напад?! Сите култури и науки се родени во религијата, а религијата е исконско доживување на светот и животот! Денес, покрај сите достигнувања во науката, религијата има свое место во животот на оваа, и верувам ќе има, и во животот на идните генерации. Но, она што сакам да го порачам денес и од ова место е следново: секогаш и со секого да градиме мир (Рим.12,18), секогаш и насекаде да ги одбираме зборовите и разумно да говориме, пишуваме и, воопшто, да се однесуваме во врска со своите определби и определбите на другите, и во врска со истомислениците и оние што мислат поинаку! Особено треба да внимаваат оние чиј збор, место и функција имаат поистакнато значење во животот на една заедница, медиум, универзитет, општество. Мудриот Платон беше рекол дека не е толку загрижен ако Атина има лош чевлар... Само Атињаните би оделе боси... Но, би бил загрижен ако во Атина има необјективни злонамерни учители... Нашиот учител Господ Исус Христос рекол дека ако некој води некого, а не гледа добро, и двајцата ќе отидат на погрешно место (сп. Мт. 15,14). Но наше и христијански е да простуваме и да потсетуваме: Науката е постојан стремеж кон вистината, а религијата - вечен импулс на духот жеден да навлегува во вечноста! Но, ниту религијата треба да се плаши од научните вистини или новите откритија, ниту науката треба да заборави дека поголемиот дел научници што го задолжиле човештвото биле религиозни: Паскал, Њутн, Анштајн, Пастер, Тесла, Достоевски, Солженицин, и многу други истакнати личности биле длабоко религиозни и за сè што постигнале, пред сè, Му благодареле на Бога. Од друга страна, Христа Го оспорувале и оние што гледале како лекува болни и како воскрснува мртви. По дваесет столетија од Неговото учителствување на земјата не треба да не чудат изјавите, противењата, колумните и сличните негирања, зашто “томи” и неверници имало и ќе има. За чудење е зошто - ако нивното неверување не им пречи на оние што веруваат - нечие верување или присуство на молитва им пречи на оние што не веруваат или не присуствуваат на молитвата? Нам ни останува и за нив да се молиме - Господ да им помогне! Македонската православна црква никогаш немала активности на штета на својот народ! Времето и историјата се најдобар судија за сè, па и за тоа кој повеќе придонел за културата, образованието и науката воопшто, и кој оставил потрајни вредности – дали оние што знаеја за Бога или оние што ги прогонуваа следбениците и почитувачите на верата и Црквата? Прашање е како ќе се одрази во животот на сегашниве и идните наши генерации ваквиот статус на веронауката во образовниот систем, како и немањето духовници во затворите, старечките домови, болниците и во армијата на Република Македонија?! Во тој поглед, за жал, заостануваме зад сите поранешни ЈУ – републики и неизвесно е уште колку време ќе ни треба да ги разбереме и да одговориме на реалните духовни потреби на нашиот народ. Вам, возљубени студенти, ви посакувам да го искористите времево и да научите колку што можете повеќе. Најмногу, пак, ќе научите ако верувате во тоа што го учите. А ќе покажете дека вистински верувате – ако живеете според тоа во што ќе ве научат да верувате! И денес, како и во изминативе дваесет столетија, на Црквата, а и на секоја институција и професија, ѝ требаат добри кадри - ни требаат добри теолози, пастири и вероучители, кои достоинствено ќе ѝ служат на науката што ја избрале, ќе знаат да поучуваат во верата, со својот пример ќе бидат од полза и на нашата Македонска православна црква и на нашата држава Република Македонија. Како идни работници на нивата Господова, не заборавајте дека сè уште меѓу нашиот народ жетвата е голема, а работници се малку (Мт.9,37). Како млади, внимавајте и чувајте се од сите времени и лажни вредности, внимавајте и чувајте се од сите зла на денот! Вам, на студентите и професорите, на овој и на сите факултети, нека ви е честит и по молитвите на свети Климент Охридски и светите Кирил и Методиј Солунски - од Бога благословен почетокот на академската година. Амин! [1] Слово одржано по повод почетокот на новата 2012/13 академска година на ПБФ „Св. Климент Охридски“ во Скопје на 16.09.2012 година |