Групна крштевка и на Тиквешкото езеро |
17.07.2012. | |
![]() ![]()
Со благослов на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, годинава за прв пат се одржа групно крштевање во водите на Тиквешкото езеро во Кавадарци. Крштевката се одржа на 14. 07. 2012 година (сабота), на денот кога Светата православна црква го слави споменот на светите Козма и Дамјан, во Полошкиот манастир „Св. Ѓорѓи“. 31 лице од Тиквешијата, на возарст од 16 до 70 години, и во присуство на голем број на верници, ја примија православната христијанска вера и се соединија со Господ Исус Христос. Целиот настан почна со Света Божествена Литургија во Полошкиот манастир, на која присуствуваа сите оние кои решија да ја примат православната вера, а на која сослужуваа свештеници од кавадаречкото намесништво на Повардарската епархија. Чинот започна во 9 часот, а најпрво беше извршен чинот огласување, во кој свештенослужителите ги повикаа сите оние кои дојдоа за да се крстат да се откажат од сатаната и од сите негови дела и да се соединат со Христа. Потоа сите заедно го прочитаа Символот на верата за да покажат дека веруваат православно. Откако беа осветени водите на Тиквешкото езеро, огласените беа помачкани со елејот на радоста и еден по еден влегуваа во езерото и во името на Отецот и Синот и Светиот Дух трикратно беа потопени, го примија Светото Крштение и станаа членови на Светата Православна Црква. Потоа следеше миропомазание на крстените, а потоа сите крстени се вратија во манастирот за да ја примат Светата тајна - Причест. Со оглед на тоа што до прекрасниот божји храм се стигнува само по воден пат, за сите верници кои сакаа да бидат дел од овој настан Црквата обезбеди јахта, сплав и чамци. |
< Претходно | Следно > |
---|