Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате:
Примање на Света Тајна - Свештенство
8.10.2007.

 

Sample Image
 

 

Свештенството на Повардарската епархија зголемено за уште еден член...

 На денот кога Македонската православна црква го слави споменот за сите македонски светители, Митрополитот Повардарски г. Агатангел во сослужение на свештенство на епархијата, во Соборниот храм „Св. вмч. Пантелејмон“ во Велес отслужи Света архиерејска литургија. На литургијата, која молитвено ја проследија голем број на верници, Митрополитот Агатангел благоволи и го ракоположи досегашниот ѓакон Ангел Станчев од Велес во чин свештеник. Во беседата во која го претстави новиот свештеник пред верниците, Митрополитот Агатангел истакна:

Драги пријатели, драги браќа и сестри, чеда на светата Македонска православна црква, чеда на света Македонија. Денес, кога ги празнуваме сите македонски светители, или сите светии од Македонија, Бог благоизволи, на оваа Божествена Литургија, посветена на сите македонски светители, во Македонска православна црква да ракоположиме млад свештеник, завршен богослов, та преку благодатта која денес ја прими со слегувањето на Светиот Дух, на таа Божествена невидлива енергија, да го проповеда Евангелието, благата вест, на нашиот Спасител, Господ Исус Христос.

 

Sample Image
 
Sample Image

 

Драги мои, македонската мајка раѓа лекари, архитекти, инженери, правници, работници, владици, монаси, а раѓа и свештеници. Мајката на братот Ангел, новоракоположениот свештеник, Господ Спасителот наш ја благослови нејзината утроба да í подари чедо на светата Македонска православна црква, да í подари чедо на Македонија, чедо кое ќе му служи на својот народ од длабочината на своето срце, од чистотата на својата душа, и ќе се моли постојано пред престолот на севишниот Бог, за здравјето и спасението на нашиот богољубив македонски народ, и за простување на неговите гревови.

 

Sample Image

 

Навистина, сите ние сме горди што Бог ни подари мајка, која постојано коленичи пред најголемата Мајка, пред Мајката на целиот христијански свет, пресветата Мајка Божја Богородица. Сите мајки кои се вистински мајки, мајки кои произлегуваат од христијанството, мајки кои Го сакаат нашиот Господ Бог, знаат како да ги воспитуваат своите рожби, и знаат дека спасоносно е првин да го научат своето чедо да го повикува името на Спасителот наш, преку ставањето на Чесниот Крст на него, да му вроди страв Божји, а преку тој страв да му влева страв, не само кон Господ Бог Спасителот наш, туку кон сî она што е порочно, сî она што е соблазнително, сî она што може да ја оскверни, извалка чистата душа, која ни е дадена од Господа Бога Спасителот наш. Со тој страв ја чуваме чистотата во нашите срца и нашите души. И дај Боже да има толку добри мајки, кои првин на своето чедо, на својата рожба, ќе му го влеат стравот Божји. А ако имаме страв Божји, тогаш ќе имаме и љубов помеѓу себе, ќе се сакаме, ќе се почитуваме, нема јазикот да биде отровен, туку ќе биде чист и благ, како што е благ медот.

 

Sample Image

 

Денес, брат Ангел, драг брате во Господа Бога Спасителот наш Исус Христос, го прими свештеничкиот чин, го прими крстот, што Господ ти го даде да го носиш, да го славиш Неговото свето име, од длабочината на своето срце и душа да Го сакаш Господа Бога Спасителот наш, како што ни заповедал да Го љубиме со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја мисла, со сето свое битие. Ако така Го сакаш Господа, ќе го сакаш и доверениот ти народ, што Господ ќе ти го подари да раководиш со него, и да го храниш и поиш со духовно јадење и пиење.

Христос, Кој обитава во тебе денеска, Ти ја даде божествената благодат. Чувај ја, брате Ангеле, оваа благодат, да биде чиста, да бидеш достоен да му служиш на овој наш македонски народ. Сакај го својот народ, бидејќи од потта негова треба да живееш. Единствено Македонската православна црква живее од вас, од верниците. Така и свештеникот живее од својата паства. Такво е устројството на нашата држава кон нашите свештеници. Те повикуваме, брате Ангеле, светите Таинства, кои ги востанови Господ, секогаш да ги извршуваш со длабока вера. Многу дечиња да приведеш кон нашата православна христијанска вера, да ги направиш членови на нашата света Македонска православна црква. Многу  парови да соединиш, и со благодатта Божја од нив да направиш маж и жена. Многу молитвословија да извршуваш, според потребите на народот. Сето ова да го правиш со љубов кон твојот народ, кон народот на Македонската православна црква. Се молиме Господ, преку застапништвото на Мајка Богородица, мајката на целиот православен христијански род, нашата закрилничка на света Македонија, се молиме на светиот вмч. Пантелејмон, заштитникот на градот Велес, и на сите нас кои живееме во овој град, се молиме на сите христијански светии, во твоето срце секогаш постои љубов, разбирање, добрина. А јас верувам, и затоа одлучив да ја ставам својата рака врз тебе, дека си исполнет со голема љубов кон Бога, кон својот народ, кон својата Македонска православна црква. Тој извор на љубов никогаш да не пресуши во тебе! Секогаш да ја носиш оваа љубов, како што ја носеше досега во твоето срце, сакајќи го својот ближен, и својот непријател, како Христос што нî сака сите нас. Амин! Нека е честито и од Бога благословено.

 
< Претходно   Следно >