Трета недела по Педесетница |
25.06.2012. | |
Во третата недела по Педесетница, кога Светата православна црква го чествува споменот на Светиот апостол Вартоломеј и светиот апостол Варнава, Митрополитот Повардарски г. Агатангел отслужи Света Божествена Литургија во Соборниот храм на Повардарската епархија „Св. вмч. Пантелејмон“ во Велес во сослужение на свештенослужители од Велес, како и игуменот на Согленската обител, јероѓаконот Авакум. Со празнична беседа до присутните се обрати свештеникот Мики Миовски, а потоа верниците се причестија со Светите Христови дарови.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, Амин! Драги браќа и сестри, Живееме во напорно време, во немаштија и проблеми. Многупати луѓето се во право кога ќе речат дека од грижи и од нервози не можат мирно да спијат. Но, стремежот кон безгрижен живот можеме да го оправдаме само доколку е тој поттикнат од примерите во Светото Евангелие. Таму, се оттргнува материјалното и се става во прв ред духовното, затоа што само тоа е од Бога благословено и полезно за нашите души. Многу од нас мислат дека доколку си го обезбедат животот материјално, ќе немаат повеќе грижи. Тука се лажат, бидејќи има безброј примери во Светото Писмо, кои го докажуваат спротивното. За што му се на човека и сите пари на светот, ако пред сè, тој нема здравје, а понатаму, добрина и човечност во себе. Не треба да се натпреваруваме меѓу себе кој повеќе пари има, туку да гледаме да му помогнеме на оној што има помалку од нас. Во Светото Евангелие убаво ни е кажано дека треба да бидеме ненаситни во материјална смисла. Богатиот имал добар род и немал повеќе место во старите амбари за да го собере житото, па затоа сакал да направи нови. Но, тоа го направил, мислејќи дека само уште тоа му фали во животот, мислел дека после тоа ќе живее вечно. Но, токму поради ова, Бог ни го дава следниот пример во Евангелието, прашувајќи: „Каде ќе го носиш сето богатство кога ќе ти ја побарам душата?“ Тоа, драги браќа и сестри, докажува дека нашите грижи треба да ги насочиме кон повозвишена цел, која води до спасение на душата, како што вели Светото Писмо: „Најпрвин барајте го Царството Божјо и Неговата правда и сè друго ќе ви биде дадено“. Доколку така постапуваме, можеме да бидеме сигурни дека Бог нема да не остави на цедило и ќе се погрижи за нас, како што се грижи секогаш. Треба да знаеме дека Бог за нас има план и ако се стремиме кон духовното, Тој секогаш ќе ни го покаже вистинскиот пат и ќе се погрижи за нас. Зашто, Тој, штом се грижи за птиците небески и полските цвеќиња, тогаш ние сме многу поважни од нив, затоа што ние го носиме образот Божји. Вистински примери за безгрижни луѓе биле светите апостоли. Тие кога биле повикани од Бога не поставувале прашања и не мислеле на тоа што ќе облечат и што ќе јадат, но секогаш биле задоволни и не биле ниту гладни, ниту необлечени. За крај да кажеме уште еден пример кој ќе ни биде образец како да се молиме на Бога и што да бараме од Него. Тоа е Господовата молитва „Оче наш“, која ни го кажува редоследот, прво да го бараме Небесното Царство, а потоа лебот насушен. Оче наш, кој си на небесата, да се свети името Твое, да дојде царството Твое, да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата; лебот наш насушен дај ни го денес и прости ни ги долговите наши како и ние што им ги проштеваме на нашите должници; и не нè воведувај во искушение, но избави нè од лукавиот. Амин! |
< Претходно | Следно > |
---|