Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Митрополит Петар - слово по повод матура
Митрополит Петар - слово по повод матура
20.06.2012.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин.

            Ваше Блаженство, Ваши Високопреосвештенства, Високопречесни и Пречесни Отци, драги професори, гости и драги наши матуранти на нашата Македонска Богословија „Свети Климент Охридски“ во Драчево- Скопје

            По одлука на САС на МПЦ, оваа година мене ми се падна должноста и честа да бидам пратеник во Богословијата за матурските испити, по втор пат. Сметам дека како и при првиот пат, така и овој пат, посебно сум пријатно изненаден, од познавањето на богословските науки, особено оние кои беа предмет на матурските испити, па како што веќе напомена класниот раководител, во нешто можби не се совпаѓаат оценките. Тој можеби зборуваше за вкупниот успех, а јас сакам да го посочам успехот што го покажавте на матурските испити. Имено, на матурските испити, вклучувајќи ја тука и писмената работа, е покажан следниов резултат: писмените задачи, односно писмениот испит го положија сите кандидати со просек 3, 50, односно многу добар, а по предмети, вака следи успехот: Свето Писмо Стар и Нов Завет, матурантите покажаа многу добар успех со просек 4, 06; Догматика исто така многу добар успех со просек 3, 87; Етика, многу добар успех со просек 4, 12; Литургика, многу добар успех со просек 4, 00; Историја на МПЦ и Општа историја, со просек 3, 87-многу добар успех; Црковнословенски јазик, многу добар успех со просек 3, 87; Црковно пеење, многу добар успех со просек 4, 25; исто така Типик, многу добар успех со просек 4, 25.

            На овие матурски испити, вкупно 16 ученици полагаа и од нив, со одличен успех положија 7; со многу добар 5; со добар 2; со доволен 2. Ова е што се однесува до успехот на учениците.

            Јас би сакал да кажам збор, два и за она што тие во текот на своето школување го имале тука како можност да го постигнат, или да не го постигнат, секој поединечно, но и сите заедно, зашто нашата Црква е Црква на заедницата, а не е Црква на поединецот. Па, од таа гледна точка би посочил дека дисциплината за време на матурските испити беше на достоинствено ниво, од страна на сите матуранти, исто како и дружељубивоста. Што се однесува пак до подготвеноста на професорите при подготвувањето комбинации на прашања, и другите обврски што ги имаа (предметните наставници), како и оние кои беа на овој испит, како дел од испитната комисија, и тие покажаа висок степен на одговорност, и кога сè ќе се сумира, сметам дека оваа генерација на матуранти е на високо достоинствено ниво.

            Но, сега би сакал да посочам какви должности и обврски треба да имате во иднина, како завршени богослови. Имено, вие сите имате можност во нашата Богословија, не само да ги изучувате богословските науки, туку и во голема мера да ги практикувате и со тоа се разликувате од оние кои подоцна можеби, ги завршиле богословските науки како возрасни, и имале можност да живеат (можеби) поинаков живот отколку што го живеат богословите во Богословијата. Сметам дека телесниот развој и раст, кога заедно со духовниот паралелно се одвива, тоа е најдобриот начин на воспитување и изградување на личноста. И токму таа можност ви се пружила вам, тука, во нашата Богословија, нашиот македонски расадник на богослови. Пред сè, вие тука имате мошне одговорни воспитувачи и професори, на чело со Ректорот, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Агатангел, кои постојано воделе грижа околу вашиот живот, вашата дисциплина, но и вашиот духовен и телесен развој, а се разбира и интелектуален.

            Вие денеска, сите веќе сте завршени богослови, како што пишува во вашите свидетелства. Но, би сакал да посочам, дека според учењето на Православната Црква, не е богослов оној којшто само завршил во некое училиште или на некој богословски факултет, богословски науки, туку според учењето на Црквата, Светите Отци, меѓу кои и Свети Григориј Богослов кој вели: „Богослов е оној којшто претходно успеал да го очисти своето срце и да премине во оној вториот степен, а тоа е да го просветлува својот ум“. Очистувањето на срцето и просветлувањето на умот го прави еден богослов да биде богослов, дури и да не завршил некое богословско училиште или богословски факултет. Што значи, вашата должност, отсега па натаму е да не заборавате на тоа дека треба да бидете вистински богослови, со очистување на вашите срца од страстите и од похотите, а исто така, откако тој степен на очистување на срцето го постигнете, да одите понатаму со просветлување на умот. Иако некој тоа го постигнал, односно се излекувал од нечистотијата на срцето, односно од нечистите страсти на срцето и похотите, и оној којшто го просветлил својот ум, односно барем се обидел или постојано настојува да го просветлува својот ум, со тоа што нема да вообличува во него, разни слики и било какви претстави и помисли, тој веќе тргнал по патот на очистувањето и просветлувањето, и како таков, ќе може да ги разликува Божествените нешта од создадените. Исто така, богослов, секако е оној кој ја практикува постојаната, умната молитва, како што вели преподобен Нил подвижник, или како што вели Свети Григориј Палама: „Вистински богослови се оние што Го гледаат Бога, а богословието е созерцание“. Богословието е плод на лечење на човекот а не рационална дисциплина.

            Во таа смисла, би сакал уште да укажам на тоа дека не треба да заборавите, како што вели Свети Максим Исповедник, дека „Богослов е оној кој успеал преку практична философија, која е покајание и очистување на срцето од страстите, да премине во просветлување на својот ум“, и дека оние кои тоа нешто не го направиле, а сметаат дека успеале преку размислување и напрегнување на интелектуалната способност што сме ја добиле од Бога, дека на тој начин постигнале нешто во животот. Тогаш, тие не богословствуваат, туку, веќе на некој начин имаат демонско богословие. Демонското богословие, како што вели свети Максим Исповедник е „Богословие кое нема практична философија - покајание“. Практичната философија се состои, од она што ни е откриено од Бога преку Светите Отци, преку Светите Апостоли, преку другите Свети луѓе, да го преточиме во живот. Знаењето за Бога, не се постигнува со интелектуалните способности, и како што велат Светите Отци, со аристотелово размислување, туку напротив, со дејствувањето на Светиот Дух, како што тоа го практикувале светите спостоли. Што значи, светите апостоли не станале свети размислувајќи за Бога, туку задобивајќи ја благодатта Божја и на тој начин, успеале во нив да дејствува Светиот Дух и само преку дејствувањето на Светиот Дух и ние можеме нешто да постигнеме, како што и самиот Господ Исус Христос на прашањето од оној млад човек „Учителу добар, што треба да направам за да добијам живот вечен“, Му рекол, „Не ме викај добар, зашто никој не е добар освен Единиот Бог“. Што значи, дека доброто кај луѓето и доброто кај секој еден човек, не може да се препознае ако не е добро заради Бога. Само она добро што се прави во името на Бога, како што вели Светото Писмо и една чаша вода која ќе ја дадеме во името Божјо, ќе добиеме награда од Бога на небесата. Ние можеме да направиме многу големи дела, но ако тие не се во името на Бога, тие нема да имаат никакво значење за Бога и пред Бога. Светиот апостол Павле, убаво вели: „Не можам да се наречам Христов апостол, оти ја гонев Црквата Божја“, но потоа веднаш укажува на тоа дека од сите апостоли, повеќе се потрудил, односно повеќе ревнувал од апостолите, а ревноста за Црквата го изела, и веднаш додава: „Не јас се потрудив, туку благодатта Божја која е во мене“. Што значи, трудот наш што ние го правиме е само повод, Господ да ја излие врз нас Неговата Света Благодат. Така, и вие во вашиот живот, понатаму трудете се да ја задобивате благодатта Божја, да го задобиете Светиот Дух, зашто сè друго што ќе постигнете, нема да има никаква важност, нема да има никакво значење, освен она што го нарекуваме благодат Божја која ја добиваме преку покајание и преку Светите Тајни, но и преку очистувањето на срцето од страстите и похотите и преку просветлување на умот, со тоа што ќе ги избегнеме вообличувањата на помислите со претстави, слики и фантазии што претежно доаѓаат од нечестивиот.

Во таа смисла, ви посакувам мир и благослов од Бога, успех во вашиот понатамошен живот и како што веќе спомна и вашиот класен раководител, дека секогаш при секоја разделба се чувствуваат и тажни моменти, заради тоа што не ќе можете да бидете секогаш заедно, како што сте сега, како што бевте досега, но тоа не значи дека вие не треба да мислите постојано едни на други и да се молите еден за друг, но не само за вас, туку и за сите луѓе тоа да го правите. Очекуваме дека ќе продолжите, барем најголем дел од вас, на Богословскиот факултет, и дека таму ќе покажете соодветно и солидно, не само знаење, туку и живот и дела. Нека ви е честито и од Бога благословено матурирањето.

Амин.

 

Митрополит Преспанско-пелагониски и

Администратор Австралиско-новозеландски

Г. Петар

 

 
< Претходно   Следно >