Говор од името на матурантите |
20.06.2012. | |
Матурантско слово на 44-та генерација Ваше Блаженство, Ваши Високипреосвештенства, почитуван пратенику на САС, почитувани отци, професори и драги гости!
Матурираше 44-тата генерација богослови! Токму на вчерашниот ден, 15 јуни, петок, точно пред пет години пред вратата на овој духовен расадник пристигнаа петнаесет деца. На нивните лица се оцртуваше збунетоста, својствена на детската невина душа. Тие преминуваа во „нов свет“, свет кој се разликуваше многу од поранешниот во кој живееја и свет во кој се стекнаа со многу доблести. Мало место по обем, но големо ако се суди по „заедничкото срце“ кое чукаше во сите нив, истовремено, во текот на овие пет години, а беше исполнето со безгранична и братска љубов. Тука, тие петнаесет богослови научија нешто што не се учи ни во најголемите училишта во светот. Копнеејќи да не останат „кимвал што ѕвечи“ дознаа за универзалниот јазик, јазикот на љубовта, оној со кој луѓето најдобро се разбираат, за да се во заедница вечно. И сè уште не можам да поверувам дека тоа сме ние, оние збунети деца, кои сега повеќе ги нема. Кога и да се свртам околу себе, во нас гледам успешни луѓе, иднината на нашата МПЦ. И се надевам дека овој „свет“ во кој поминавме толку радосни моменти заедно, го упатил секој од нас правилно кон конечниот крај - да спознае, како што е спознат. Но, ние ќе останевме „слепи“, ако не беа нашите почитувани архиереи и професори да нè упатат на патот кон спасението. Затоа: Најнапред изразуваме голема благодарност до нашиот архипастир, Неговото Блаженство, архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан, бидејќи поради сите напори кои тој ги вложува, ние и денес сме „дел од телото“ на една потполно канонска Црква, достојна да биде наречена наследничка на великата Охридска Архиепископија. Му посакуваме уште многу години, богомудро, како и досега да ја раководи светата македонска паства. На многаја лета! И на овогодинешниот матурски, зрелосен испит се докажа дека од ова училиште излегуваат солидни ученици. Огромна благодарност испраќаме и до пратеникот на САС на МПЦ, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Преспанско - пелагониски и Администратор Aвстралиско - новозеландски, г. Петар, кој одвои дел од своето драгоцено време за да ги оцени нашите скромни знаења, на начин кој беше олицетворение на Христовата педагогија, полн со љубов и поддршка. Особено чувствуваме голема потреба да му заблагодариме и за неговата добросрдечност, благодарение на која, успеавме да го оствариме нашето матурско патување. На многаја лета! Добросрдечноста не изостануваше и надвор од редовите на нашите архиереи, па затоа голема благодарност заслужува и г-динот Раде Трајковски, за целокупната поддршка на Богословијата во изминативе години. Со сето свое срце му благодариме и на нашиот ректор, нашиот „татко“, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Повардарски, г. Агатангел, кој и покрај сите наши грешки, секој пат повторно нè примаше во својата „куќа“, онака како што таткото го прифаќа својот блуден син, во најголема радост. Ќе заблагодариме и за неговите поуки и совети, кои секогаш се покажуваа правилни и спасоносни. На многаја лета! И никако не смееме да ги заборавиме сите наши професори, кои во текот на овие пет години постојано ги радувавме, но понекогаш знаевме да им бидеме и товар, за што сега јавно молиме да ни простат. Со нив се смеевме, при нив одевме кога ни беше најтешко, престојуваа долж истиот ходник каде што ние живеевме, беа дел од нашето секојдневие и така ни покажаа како пред Христа сме сите исти. Тие се луѓето по чија заслуга ние почнуваме да го градиме нашето образување и како секој ученик кон својот учител, со почит им велиме: „Ви благодариме!“ За засекогаш да останеме во срцето на нашиот класен раководител м-р Дарко Милев, во знак на почит, би сакале да го даруваме со овој симболичен подарок. Благодариме професоре за вашето покровителство! Со овие кратки зборови инспирирани од бројни спомени, зборови напишани со чувства, се збогуваме и пренесуваме со мислите во некое идно време. А дотогаш усрдно упатуваме прозба до Оној од Кого просиме сè, на начин на кој, пред повеќе од дваесет векови светиот апостол Павле им посакуваше на Коринтјаните: „Благодатта на Нашиот Господ Исус Христос и љубовта на Бога Отца и заедницата на Светиот Дух да бидат со сите нас!“
АМИН!
|
< Претходно | Следно > |
---|