проф. м-р Дарко Милев - говор по повод матурата |
20.06.2012. | |
Ваше Блаженство, Ваши Високопреосвештенства, почитуван пратенику на САС, Ваше Преосвештенство, Ваши Преподобија, отци, професори, колеги и почитувани гости, матуранти, По 44-ти пат од историјата на нашата Македонска православна богословија „Св. Климент Охридски“ дојде овој радосен, но истовремено и многу тажен ден за сите нас. Велам многу тажен, затоа што дојде денот во којшто ќе се разделиме со уште 15 наши чеда, но исто така и радосен гледајќи го плодот на нашите раце, сеќавајќи се на моментот од нашата прва средба, па гледајќи ве денес кога стоите пред нас наоружани со сите оние оружја, кои Христос ѝ ги остави на Црквата заради нас луѓето и нашето спасение, и со коишто ги испрати своите апостоли да го проповедаат Евангелието на секоe создание, та секој кој поверува и се крсти да биде спасен; а кој не поверува да биде осуден. (Марко 16, 15-16). Гледајќи го овој клас, секогаш се потсетував и се потсетувам на Христовите зборови: „Како што си Ти Оче во Мене и Јас во Тебе, па и тие во нас да бидат едно ...да бидат едно како што сме Ние“ (Јован. 17, 21-23). Токму таа меѓусебна љубов, за која што Христос рече дека само по тоа ќе познаат дека сме Негови ученици, ги одржуваше во тоа прекрасно единство и направи од нив еден прекрасен духовен мозаик, во кој на еден вистински начин се отсликува Христовиот образ. Токму тоа е една од најглавните причини, денес сите ние да се чувствуваме особено горди, бидејќи многу добро ги знаеме зборовите на св. ап. Павле од неговото Послание до Коринтјаните: „Да зборувам на сите човечки јазици, па дури и на ангелски, штом љубов немам, ништо не сум“ (1. Кор. 13, 1-2). Но, ќе ја искористам оваа прилика за да ве потсетам на она, за коешто го користевме секој миг од вашето образование, да ви го посочуваме и да ве потсетуваме, а тоа е идеалот, којшто Христос ни го посочи откривајќи им го на Своите апостоли Своето возвишено учење: „Бидете совршени како што е совршен вашиот Отец Небесен“! (Мат. 5, 48) За време на вашето богословско образование, постојано ви ја потенциравме недостижноста, но истовремено и начинот за достигањето на овој идеал, којшто постојано и постојано да ве тера да раснете во мерата Христова, и сè повеќе и повеќе и да се надградувате во Неговата Божествена наука и Божествено Слово, и по тој начин да го очистувате сè повеќе и повеќе она коешто ни è дадено, и за да можете да го достигнете она коешто ни беше зададено уште при нашето создавање. Затоа ќе ви го препорачам она коешто и Христос им го препорача на Своите апостоли праќајќи ги како овци помеѓу волци, да „бидете мудри како змии и незлобни како гулаби“ (Мат. 10, 16), и на нашиот ап. Павле: „радувајте се со радосните, и плачете со расплаканите! Бидете помеѓу себе едномислени; не мислете за високи работи, туку држете се смирено; никому не враќајте зло за зло, а размислувајте за тоа што е добро пред сите луѓе; и бидете во мир со сите!“ (Рим. 12, 15-17). Нека ви е честит овој успех и ви посакувам секое добро од Бога во животот. Амин!
М-р Дарко Милев, класен раководител |
< Претходно | Следно > |
---|