Проповед во Втората Недела по Педесетницата |
19.06.2012. | |
Во името на Отецот, Синот и Светиот Дух, Амин! По некое непишано правило кога ќе дојде времето за пост ќе почнеме да се преиспитуваме за нашата вера, за нашиот талант дека не донел никаква корист, па дури и полошо од тоа, не можеме да го вратиме на Бога онака како што сме го добиле. Речиси сите сме биле во човечка ситуација, кога човек гледа слика со раскошна гозба, маса со поставени јадења, но останува гладен. Така ние го читаме Светото Писмо, кажувањата на Светите Отци, се молиме, а душата многу пати ни останува гладна и слаба. Многу пати сме зборувале за постот, па и овој пост да го искористиме како повод, за добар почеток и да се потсетиме за правилно да го искористиме периодот на Петровденскиот пост и да поставиме нов почеток на покајание. Ние кои сме Христови, повикани сме да бидеме Негови сведоци на овој свет. Повикани сме да го сведочиме со мисла, со збор, со дело, со целото наше битие. Со еден збор повикани сме да ја бараме Божјата правда во својот живот, а не човечката. Барање на Божјата правда е кога во секој момент од нашиот живот се трудиме да живееме како што Богочовекот Христос живеел и како што Тој ни заповедал да живееме, во заповедта на љубовта. Кога постапуваме според задоведта на љубовта, нашиот ближен ќе го оправдаме, а вината ќе ја најдеме во себе. Кога, пак, постапуваме според човечката правда, ќе се оправдуваме себеси, а вината ќе ја најдеме во нашиот ближен. Човечката правда во суштина е враќање со зло на зло, односно одрекување од Христос. Божјата правда е кога на злото му враќаме со добро и тоа е сведочење на Христос. Да Го послушаме Христос и со делата да заличиме на Него. Да ја познаеме својата ништожност, својот неисплатлив долг, да ги заборавиме сите добри дела што сме ги направиле. Да се молиме само за помилување. Кога човекот ќе ја почувствува во срцето немоќта да се излечи од гревовите, тогаш останува една надеж, едно прибежиште – Спасителот наш Господ Исус Христос. Тој е наш спасител, Кој слезе од Небесата да нè спаси и да ги земе нашите гревови, Кој претрпе страдање, ги покри со љубов сите наши беззаконија, ни вети дека ако имаме вера во Него и покајание ќе ни прости и ќе нè направи синови на Својот Отец, а преку тоа учесници во вечната Божја слава. Тоа е Божјата милост кон паднатиот род човечки, нека молчи секоја човечка плот, нека стои со страв и трепет пред Крстот Христов, пред љубовта Божја, која го повикува секој грешник на спасение. Господ Исус Христос дојде, не да им суди на грешниците, туку да ги спаси. Покајте се зашто се приближи Царството Небесно! Да го молиме единиот семоќен, милостив, Спасител Господ Исус Христос и Тој ќе ни прости, ќе нè повика за свои, ќе нè избави од осуда и ќе нè воведе во Царството Свое. Тоа е радост во Господа. Таа радост што ни ја нуди Христос да ја искористиме во нашиот живот, да се соединиме со Господ, а тоа ќе го направиме ако се исповедаме, ако постиме, ако се причестуваме, а верувајте само тоа е патот до вечната радост со Христос. Постот нека ни биде старо-нов почеток на покајание и на препородување на Воскресение. Амин! |
< Претходно | Следно > |
---|