Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow За клеветењето - 2 дел
За клеветењето - 2 дел
1.10.2007.

Наклеветениот епископ Спиридон Тримитунтски

(1888 – 1963)



 

 

Sample Image

 

(Од редакцијата: Иако не се согласуваме со некои еклисиолошки ставови и пракса на старокалендарските фракции, сепак заради поучноста го објавуваме овој пример.)

 

Во Неговата љубовна промисла, Бог честопати допушта многу маки и искушенија врз оние кои Го љубат. Свети Исаак Сириски пишува: „Страдањата што доброволно се поднесуваат го изнесуваат на видело доказот на љубовта“.

Овој „доказ на љубовта“ е двострук. Тој е доказ за љубовта Божја кон нас, зашто „Господ го казнува оној, кого што го сака; го бичува секој син, кого што го прима“ (Евр. 12, 6). Исто така, страдањата ја испитуваат нашата љубов кон Бога. „Ете зошто светителите се докажаа преку страдањата за љубовта Христова, а не со леснотија“, вели Свети Исаак. Вака триумфираше Јов. Вака мачениците ги надвишија нивните мачители. Вака исповедниците на вистинската побожност и Православие ги освоија нивните венци и стекнаа вечна слава.

Во овој живот, нема друг начин за оние кои Го љубат Бога. Свети Павле е потполно недвосмислен за ова: „Ако, пак, останете без казна ...тогаш сте деца незаконски, а не синови“ (Евр. 12, 8).

Дури и во нашиот первертиран и неверен род, Бог ни дал прекрасни примери на личности кои претрпеле страдања и клевети заради вистината и праведноста. Во Советскиот Сојуз, колку милиони беа испратени во смртоносните логори, цинично обвинети за учество во „антисоветската пропаганда“ – односно, проповедање, или пеење на црковни химни? Свети Нектариј Егински исто така е пример за извонреден и свет архиереј, кој дури на стари години стана жртва на најнизок вид клевета.

Епископот Спиридон Тримитунтски, исто така е таков пример. Тој беше роден во 1888 година во Кидонија, Етолокарнанија. Неговото световно име беше Ѓеорѓи Пасиос, а неговите родители, Спиридон и Марија, забележаа дека нивниот син беше пораснат во „негата и советите Господови“. Во 1907 год., на деветнаесетгодишна возраст, Ѓеорѓи замина за Света Гора. По кратко време, му се придружи на братството на Манастирот Ксенофон. Со поминувањето на канонскиот искушенички период од три години, тој доби Велика и Ангелска Схима, и беше преименуван во монах Гидеон.

Многу брзо, отците на манастирот почнаа да го почитуваат младиот отец Гидеон, кој сите ги восхитуваше со неговата скромност, послушание, смирение и себеодрекување. Беше ракоположен за свештеник, а потоа, после четиринаесет години во братството, поради смртта на игуменот, отец Гидеон беше избран од братството да биде новиот претпоставен. Така, на триесет и тригодишна возраст, во 1921 година, отец Гидеон го зеде врз себе јаремот на духовното отчинство.

Меѓутоа, тој не остана долго игумен. Во 1924 год., Вселенската Патријаршија се обиде да ги принуди Атонските братства да го прифатат новиот календар. Увидувајќи дека секуларните авторитети беа решени да ги принудат манастирите да го спомнуваат новотарскиот Вселенски Патријарх, отец Гидеон поднесе оставка од функцијата игумен. Тој се повлече во скитот Капсокаливија, каде што остана три години. Потоа, барајќи поголемо осамеништво заради тихување и молитва, тој отиде во дивините на Свети Василиј и пустината на Свети Петар Атонски, каде што остана уште седум години.

Истовремено, гонењата против старокалендарците кулминираа во Грција. Со благослов на новокалендарските црковни авторитети, полицијата отворено ги шиканираше, затвораше и ги тепаше, и клириците и лаиците. Имаше дури и инциденти каде што Православни Христијани, вклучувајќи и млада мајка, беа претепани до смрт во „Христијанска“ Грција. А нивната вина? Следењето на богослужба, отслужена според традиционалниот црковен календар.

На покана од јеромонахот Матеј (подоцна архиепископ на старокалендарците „Матеевци“), отец Гидеон дојде во Атина да помогне укрепувајќи и охрабрувајќи ги Христијаните. Ова беше во 1934 год. Исто така во овој период старокалендарците почнаа да ги организираат нивните монашки заедници. Беше основан женскиот манастир во Кератеа кој ќе достигне и до петстотини калуѓерки. На оддалеченост од два часа пешачење од женскиот манастир, во Кувара на Атика, беше основан машкиот манастир на Светото Преображение, и во неговиот најславен период имаше околу деведесетина до сто отци во братството. Токму во овој манастир, на 31 мај, отец Гидеон беше избран за игумен.

Но и овде, исто така, неговата служба како игумен траеше само кратки три години.

Што се случи?

Еден ден, во пролетта 1944 год., група монаси се појавија во резиденцијата на Архиепископот Матеј во женскиот манастир. Водачот на групата, отец Виктор Матеј, еден од постарите отци на манастирот, побара прием кај Архиепископот во врска со една „сериозна работа“. 

Архиепископот Матеј ги пречека отците во неговата резиденција и ги праша за причината на нивната посета.

„Ваше Блаженство, би сакале да позборуваме со вас за отец Гидеон“, одговори отец Виктор.

„Многу е сериозна работата, Ваше Блаженство. Сите ние овде сме спремни да сведочиме, ако е потребно и писмено, дека отец Гидеон е неморален. Тој има непристојна и перверзна склоност кон млади мажи“.

Архиепископот Матеј беше како од гром погоден. Тој отсекогаш многу го почитуваше отецот Гидеон, и познати му беа неговата строгост во постењето, неговите бдеења на молитва, и неговата духовна трудољубивост. Обвинувањата беа неверојатни. Навистина, тие беа бесмислени.

„Не, Ваше Блаженство, сè што ви велиме е вистина, и спремни сме да се заколнеме на тоа и да го изложиме писмено.

Архиепископот се најде во ќорсокак. Од една страна, тој го познаваше и го сакаше отецот Гидеон и го почитуваше поради строгоста на неговиот живот и постојаноста во работите од верата. Од друга страна, пак, имаше многу сведоци. Освен тоа, тие беа постари членови – столбовите, такаречено, на манастирот. Тие ниту имаа избегано од манастирот, ниту имаа украдено нешто, ниту имаа направено нешто недолично. Тие беа очигледно здраворазумни, и, барем од канонски аспект, требаше да бидат почитувани како веродостојни и сигурни. Всушност, водачот на делегацијата – отец Виктор Матеј – беше оној кој подоцна ги испечати монументалните томови од Житијата на Светиите (Големите Житија) во четиринаесет томови.

Сега Архиепископот Матеј се најде во многу тешка ситуација. Откако заминаа другите, тој го повика отецот Гидеон за да го испита за овие тешки обвиненија.

„Што имаш да кажеш на овие обвинувања, отче Гидеон?“ праша Архиепископот.

„Свет Владико, единственото нешто што можам да го кажам е дека имам многу гревови; но не сум виновен за овие одредени гревови, за кои сум обвинет“.

„Но има многу сведоци, и сите тие се одговорни членови на нашиот манастир“.

„Што повеќе да кажам, Владико свет?“

Архиепископот Матеј беше оставен без избор: отецот Гидеон беше расчинет и прогонет од манастирот.

Невознемирен, и во мир со себе, отец Гидеон – сега како прост монах – си ја спакува торбата и се упати кон планините. Си најде мирно место и почна да гради мала куќарка. Кон оваа градба тој додаде и мал параклис, каде би можел да ги пее секојдневните богослуженија во мир и тишина.

Одвреме навреме, одовде поминуваа овчарите пасејќи ги стадата. Тие ја забележаа малата куќарка и честопати гледаа фигура облечена во црно како ја обработува малата градина со билки, зеленчуци и зеље. Поттикнати од љубопитност, тие дојдоа да испитаат. Отец Гидеон љубезно ги поздрави и кратко позборува со нив. Малку подоцна, кога нивните стада пак пасеа во околината, овчарите отидоа да го посетат монахот. Отец Гидеон им говореше од параболите на нашиот Господ, од житијата на Светиите. Тој им зборуваше за работите кои ги разбираат – за стадата, за добрите пасишта, за волците што сакаат да ја проголтаат овцата, за Добриот Пастир. Тој им зборуваше за тврдата земја, за трњата и каколот кои ги угушуваат никулците од пченица, исто така им зборуваше и за добрата земја. Тие беа прости луѓе од планините, па така и ги разбраа овие прости работи што тој им ги кажа. Самите тие беа луѓе од земјата, добрата земја, и така зборовите на отец Гидеон почнаа да се вкоренуваат.

Кога се вратија дома, овчарите им кажаа на нивните сопруги за љубезниот отец што го сретнаа во планините. Тие раскажуваа како отецот им зборувал дека треба да бидат побожни, добри, и чесни во сè што работат, и дека треба да Го љубат Бога и човекот, и да ñ бидат верни на Православната Вера.    

Се разбира, жените почувствуваа дека тие треба да го проверат сето она што нивните сопрузи им го раскажаа.

Оттука, и тие почнаа да се искачуваат во планините за да го посетат отецот Гидеон. Секако, нивното филотимо не им дозволуваше да одат со празни раце. Па така, натоварени со торби полни со храна и шишиња со маслиново масло („за кандилата, малечок отче“), овие силни женички дојдоа во испосницата на отец Гидеон.

 Како што зборуваше со мажите, отец Гидеон, така зборуваше и со жените. Тој им кажа многу параболи и раскази од Житијата на Светиите. Тој им кажуваше за молитвата, за постот; ги советуваше како да се борат во побожниот живот, исто така и како да излегуваат на крај со нивните мажи.

Како што се зголемуваше бројот на новите духовни чеда на отец Гидеон, многумина од нив почнаа да се прашуваат зошто да немаат во близина парохија која би го следела традиционалниот календар на Црквата.

„Отец Гидеон, ни имаш објаснето многу работи за духовниот живот, и за Православието, и за црковниот календар“, му рекоа верните чеда. Тогаш дојде големото прашање: „Зошто не станеш наш свештеник?“

Отец Гидеон се накашла и очајнички погледна наваму-натаму. „Па... ситуацијата е комлицирана“, се огради тој.

Неговата нова паства – повеќето од нив поранешни новокалендарци – не се откажаа. Очигледно беше, си зборуваа помеѓу себе, дека отец Гидеон избегнува само од смирение. Тие напишаа петиција директно до Архиепископот Матеј, барајќи добриот отец Гидеон да биде ракоположен за нивни свештеник.

Архиепископот Матеј беше запрепастен кога ја доби нивната молба, зашто сфати колку голем број луѓе се вратил на традиционалното Православие, благодарение на учењето и примерот на отец Гидеон.

Гласините за овие собитија конечно стигнаа и во машкиот манастир на Светото Преображение. Притиснат од неговата совест, отец Виктор Матеј – водачот на групата која на почетокот го обвини отецот Гидеон – уште еднаш отиде во канцеларијата на Архиепископот.

„Ваше Блаженство, морам да разговарам со вас“.

„Што имаш да кажеш, отец Виктор?“

„Имам да ви исповедам нешто. Сите оние обвиненија што ги изнесовме против отецот Гидеон пред неколку години...“

„Да, што за тие обвиненија?“

„Тие беа лажни – сите“.

„Лажни?“ извика Архиепископот. Во името на Бога, што ве поттикна да направите такво нешто?“

„Тој беше премногу строг! – зашто со неговите непопустливи постови и неговите непрекинати работни часови  - тој нè тераше да работиме дури и за време на Великиот Пост, иако не требаше да јадеме до Деветтиот Час! Отците рекоа дека ако не се ослободиме од него, тој сигурно сите би нè убил!“

Според Светите Канони, доколку отец Виктор и другите обвинители се свештеници или ѓакони, тогаш тие би требало да бидат предмет за расчинување, поради клевета.

Меѓутоа, отец Гидеон се согласи да се врати назад во манастирот само ако неговите обвинители не бидат казнети.

Тој беше повторно ставен во свештенството, и на 1 септември, 1948 год., Матеј го ракоположи во епископски чин и му даде име Спиридон. Негова епархија беше Тримитун, на Кипар, и така стана „Спиридон Тримитунтски“.

И покрај тоа што неговиот престој на Кипар траеше само две години, новиот епископ Спиридон ракоположи многу клирици, основаше машки и женски манастири, и парохии, и воглавно, целосно го организираше црковниот живот на традиционалните Православни Христијани.

Меѓутоа, авторитетите на Британската влада на Кипар, почувствуваа дека тој беше премногу активен и популарен. Затоа, по заложбите на новокалендарската ерархија, Британците го протераа назад во Грција.

Меѓутоа, во Грција исто така, традиционалните Православни Христијани беа изложени на нови страшни гонења од друг Спридон – новокалендарскиот Архиепископ Атински. Покрај тоа, Епископот Спиридон Тримитунтски остана активен уште три години, сè до упокојувањето на Архиепископот Матеј во 1953.

Веднаш после погребот на Архиепископот Матеј, Епископот Спиридон исчезна. Тој едноставно исчезна во воздухот без трага. Десет години никој ништо не знаеше што се случило со него. Всушност, епископот Спиридон се беше повлекол. Веднаш покрај женскиот манастир во Кератеа има село на морскиот брег. Едно старокалендарско семејство во селото Кератеа се согласи тајно да го прими епископот во нивниот дом. Таму, во подрумот на оваа куќа, Епископот Спиридон си направи тајна испосница, и десет години никој не знаеше за неговото живеалиште.

Околу една година пред неговото упокојување, тој слезе со рак. Во најголемиот дел од овој период тој, прикован за креветот, трпеливо ја поднесуваше ужасната агонија на неговата болест без ниту еднаш да се пожали. Заедно со праведниот Јов, тој извикуваше, „Господ даде, Господ зеде. Како што Му беше угодно на Господа, така и станува. Нека е благословено името Господово!“

Сепак, тој одлучи да го направи последното поклоничко патување. Пред многу децении, тој беше потстрижан за расофор во Скитот на Света Ана, на Света Гора. Сега, неговата последна желба беше да ја посети скитската црква – киријакионот – за да може да се поклони на иконата на Света Ана, таму во самата црква каде што тој се откажа од светот.

Никогаш не стигна таму.

Стигна само до Дафни, „вториот главен град“ на Света Гора. Додека чекаше да се префрли на друг брод, кој би го однел до брегот на Атонскиот полуостров, некој го препознал. Веднаш, таа личност отрчала до локалната полициска станица и ги известила дека еден старокалендарски епископ се обидува да се протне на Света Гора. Вознемирени, џандарите истрчаа на пристаништето и го уапсија Епископот Спиридон.

„Морате веднаш да заминете. Света Гора е под јурисдикција на Вселенската Патријаршија, и вие немате право да бидете таму“.

„Чеда мои, ми се ближи смртта. Немам друга цел за доаѓање овде, освен да ја целивам иконата на Света Ана во скитската црква каде што бев замонашен. Ако не ми верувате, дојдете со мене. Можете да ме држите под рака ако сакате. Мојата единствена желба е да се поклонам на иконата на Светителката и да се вратам во мојата испосница и да умрам“.

„Никако! Нема одење понатаму. Морате веднаш да си заминете со стража“.

Со скршено срце и потиштен, Епископот Спиридон, сега придружен од џандари, се врати на копното и тргна назад во Кератеа.

Тој мораше да помине низ Солун. Кога стигна во тој град, повторно го препознаа... Веста се ширеше како оган: „Спиридон од Матеевците е овде во градов!“ Веднаш, огромен број на верници почнаа да се собираат, вклучувајќи ги и оние од другите старокалендарски јурисдикции. Секој сакаше да добие од него благослов, да ја целива неговата панагија, да го целива крајот на неговото расо, да му целива рака, да го допре.

Конечно, со голема тешкотија се врати назад во неговата малечка испосница. Таму, после неколку недели, мирно се упокои во Господа на 18 февруари, 1963 година.

Се разбира, дури и да не се покаеја непријателите на Епископот Спиридон, не ќе имаше разлика, зашто Бог ја знаеше невиноста и искреноста на неговата душа. Дури и да продолжеа да го клеветат – како што непријателите на Свети Симеон Новиот Богослов продолжија да го клеветат сè до неговата смрт – Епископот Спиридон не ќе претрпеше штета од нив.

Малкумина знаат дека Свети Симеон Богословот – кој е еден од најголемите монашки отци – беше во една прилика насилнички нападнат од страна на триесетина монаси, додека тој беше игумен во Манастирот на Свети Мамас во Цариград. Да можеа, тие монаси би го убиле – толкава беше нивната озлобеност кон него. Причината? Светителот постојано ги укоруваше за нивните лоши дела. Како што се вели во Книгата Изреки Соломонови:

„Укорувај го мудриот и тој ќе те сака. Укорувај го безумниот и тој ќе те мрази“ (Изрек. 9, 8).

Ова не беше единствената тага што Свети Симеон ја претрпе во животот. Неколку Епископи на Вселенскиот престол негуваа длабока омраза кон него. Благодарение на нивната завист и непријателство – кои беа обвиткани во руво на учтивост – Свети Симеон ги помина последните тринаесет години од неговиот живот во прогонство.

Светителот ја прифати оваа неправда бидејќи, иако епископите од негово време беа духовно немарни и заведени по погрешен пат од нивните страсти, тие беа, и покрај сè, Православни. Меѓутоа, ако неговите епископи имаа грешки во верата, светителот не ќе имаше обврска да им биде послушен. Свети Атанасиј Велики, Свети Максим Исповедник и Свети Григориј Палама се примери на Црковни отци кои беа наклеветени за многу недела и кои пружаа отпор – зашто во нивниот случај, не се работеше едноставно за лична одбрана, туку за одбрана на Православната Вера.

Сепак, еве ја иронијата: наспроти фактот што Свети Симеон – како Свети Нектариј и Епископот Спиридон – претрпеа неописливи клевети и обвиненија, зарем денес Православните Христијани длабоко не ги почитуваат? А кој ги памти имињата на неговите неумоливи непријатели? И кој може да ги задржи солзите додека ја чита неговата скрушена молитва во подготовката за Света Причест?

Навистина, како што вели псалмопеецот Давид: „Многу невољи ќе ги снајдат праведните, и Господ ќе ги избави од сите“.

Тоа е токму поради нивната надеж во Господ, дека оние кои Го љубат Бога може да ги примат страдањата со радост. И ете зошто – наспроти сета тага што ја претрпе и прогонот – Свети Симеон, како и сите кои пострадаа поради злобата на другите, можеше да ја заврши неговата славна поема со зборовите:

Затоа, со ум благодарен,

И со срце благодарно,

Благодарен и со членовите,

На мојата душа и на моето тело,

Те обожувам и величам Тебе,

Како Един вистински свет,

Сега и секогаш, и во сите векови.

Преводот е од англиски

Наслов на изворникот:

Bishop Spyridon of Trimythus

(1888-1963)

www.homb.org

 

 
< Претходно   Следно >