ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!!! ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!!! ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!!! Возљубени наши чеда, оваа недела Светата Црква ја има посветено на Жените Мироносици, на оние кои не се исплашија од евреите, на оние кои не се исплашија од мачителите и распнувачите на Христа Бога и Спасителот наш Исус Христос, на оние кои Го следеа Христа цело време, кои го следеа секој Негов чекор. Истото го правеа и апостолите, силни, возрасни мажи, но тие се исплашија да не бидат убиени, се исплашија да не бидат фатени од евреите, и како што вели апостолот Матеј, се затворија во горната одаја и така затворени Го чекаа Утешителот што им Го вети Христос. А, жените мироносици стоеја до Крстот и се чудеа што се случува со Оној што проповедаше љубов, што се случува со Оној Кој кога со својата рака ќе се допреше до болниот и тој оздравуваше, со Оној Кој правеше слепи да прогледуваат, неми да прозборуваат, глуви да прослушуваат, мртви да воскреснуваат? Како можеше со нивниот Христос да се слчи вакво нешто, да биде распнат? А еден од Неговите тајни ученици, Јосиф од Ариматеја, член на советот, на Синендрионот, учен човек, веруваше во Царството Божјо, веруваше во Воскресението, веруваше во рајските населби, веруваше дека после овој живот има друг живот, многу пати тајно разговараше со Христа и Христос му ги објаснуваше тајните на Царството Небесно. Тој, го побара од Пилат телото Христово да го симнат и да го погребат. А Пилат, откако го сослуша и се увари дека Христос веќе е починат му го даде телото. Јосиф, пак, купи миро да го помаже телото Исусово, купи плаштаница во која го завитка и го положи во нов гроб издлабен во карпа и го затворија со голема карпа и си заминаа. А жените, сето тоа го следеа. Колку биле храбри нашите мајки, драги мои! И денес жената е храбра! И денес жената не се откажува толку бргу од Христа Спасителот! Оние што ги читаат Житијата на Светиите ќе видат како жените страдале за Христа, како биле измачувани. Да ја земеме за пример Света Софија со нејзините три ќерки – Вера, Надеж и Љубов. Како мајката ги бодри своите ќерки да пострадаат за Христа, како таа сето тоа го гледа, како гледа како ги измачуваат нејзините дечиња и ги бодри и им вели – Немојте да се откажете од Христа Воскреснатиот, затоа што повторно ќе се видиме во Царството Небесно! Издржете ги овие страданија и овие маки! Таква е мајката Православна, таква е мајката што го љуби Христа Спасителот и нашиот Бог! Таква е и денешната мајка, мајка која верува во Христа Бога и ги воспитува своите чеда во верата Православна, ги воспитува да не се срамуваат да кажат дека се Христијани, дека го љубат Бога, дека го љубат Воскреснатиот Христос! И така, жените мироносици, уште рано наутро, уште сонцето не изгреало, тие појдоа на гробот. Одејќи по патот разговараа помеѓу себе – Кој ќе ни го тргне каменот за да можеме да го помажеме телото. Оттука и обичајот, драги мои, денеска да се оди наутро прво на гробот на покојникот, да се повика свештеникот да се помоли за душата на покојниот. Но, кога пристиганле и виделе дека гробот е отворен тие се исплашиле, а ангел Господен седнат на гробот им објавил дека Христос Воскресна! Христос Воскрена и тие со радост отишле и им кажале на апостолите за Воскресението Христово! Тој камен, таа тежина, што сите ние денес го носиме, е нашиот грев, нашите гревови. А кој може да го тргне тој камен од нас? Оној што пострада за гревот, Оној што го распна гревот на крстот, Оној што Воскресна! Само Тој може да го тргне каменот од нашиот ум, од нашето срце, за да можат и умот и срцето да вршат добри дела, да се оддалечат од гревот, да се оддалечат од соблазната и од сето она што не им дозволува да ги отворат рајските порти, дверите на покајанието, за да можеме да разбереме дека Христос навистина Воскресна. Се додека стои тој камен, ние ќе се плашиме од смртта, но кога ќе се тргне тој камен, кога Христос ќе го посети нашето срце, нашиот ум , кога Христос ќе го посети секое болно место во нас, тогаш ќе исчезне секој страв, тогаш ќе исчезне стравот од гревот, стравот од смртта, тогаш ќе одиме по патот на вистината, по патот на правдата, по патот на љубовта, по патот на Воскреснатиот наш Спасител. Затоа Црквата денеска се молеше, се молевме на оваа Света Литургија за сите оние што имаат таков камен, да нашиот Спасител им го оттргне тој камен од срцата и умот, да им ги отвори дверите на Царството Небесно, дверите на љубовта, каде светите отци на нашата Света Црква ќе не пречекаат да Му запееме на Бога Воскреснатиот. Пеејќи Му Нему, драги мои, ние пееме и на сите оние што Му се поклонуваат и Го слават, на сите оние што тропаат на Неговите Порти. Воскреснатиот Христос нека воскресне во вашите срца, во вашите души, во вашите мисли, во вашите умови и да го тргнеме каменот на стравот, каменот кој ни прави тешкотии во живот. Доколку го тргнеме тој камен, драги мои, како што Христос го тргна каменот од гробот, тогаш Царството Божјо ќе го почувствуваме во нас уште тука на земјата, како што не поучува Светата Црква – Царството Божјо е во вас! Сите денес кои искрено присуствуваа на оваа Света Литургија почувствуваа дека Христос е присутен тука со нас, дека Мајката Божја е присутна молитвено со нас, дека со нас молитвено беше присутен заштитникот на овој град светиот великомаченик Димитриј, дека присутни се ангелите, архангелите и целата небесна хиерархија, славејќи го Воскреснатиот Христос да воскреснеме и ние, сега, секогаш и во вечни векови. Амин! ХРИСТОС ВОСКРЕСНА!!! ХРИСТОС ВОСКРЕСНА!!! ХРИСТОС ВОСКРЕСНА!!! мотрополит Повардарски г.Агатангел преземено од сајтот на Валандовската парохија при Повардарската епархија
|