Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow За свештеничката служба
За свештеничката служба
2.05.2012.
Христос нашиот Бог и Спасител, Кој со Своето воскресение ни ги отвори вратите на покајанието, вратите на Царството Небесно, вратите каде што се дијамантите на Рајот, жителите на Рајот. Тој Воскреснатотиот благоизволи денеска кога ги прославуваме Жените Мироносици во нашата Света Македонска Православна Црква, во Црквата на свети Климент и на сите наши светии, на сите оние кои по застапништвото на Пресветата Владичица наша Богородица се трудеа да ја сочуваат од неверниците, од богохулниците, од сите погрешни учења, Тој благоизволи во стадото на Црквата Македонска, преку добивањето на благодатта Негова, нашиот ѓакон Мишо да го произведеме во свештенички чин.
Во молитвата што ја читавме Самиот Христос му вели на презвитерот Мишо – Те познавав уште во утробата на твојата мајка.
Во нашата Света Црква, драги мои, нема ништо случајно! Бог промислил нашиот собрат Мишо да Му служи во Светиот Олтар, да  Му се моли за опростување на гревовите на паството што ќе му биде доверено, духовно да раководи со своето паство. Да коленичи пред Неговиот Престол и да се моли за здравјето и спасението, телесно и духовно. Да Му се моли за благосостојба, мир и спокојство. Да Му се моли за напредок на нашата Македонска држава, за напредок на нашата Света Македонска Црква. За црквата што апостолот Павле ја формира уште во педесет и четвртата година. Не сме ние нови или како што некои сакаат да кажат новокомпонирани.
Апостолот Павле, драги мои, кој го проповедаше Христа, кога чекореше на овие простори уште тогаш ја благослови Македонија, ја освети, ја просвети. И еве две илјади години Му служиме на нашиот Бог, на Вистинскиот и Праведниот наш Господ Исус Христос. И јас верувам дека преку благодатта што денес ја доби нашиот брат Мишо, дека достојно ќе Му служи на нашиот Бог, на Воскреснатиот Христос, ќе му служи на својот Македонски народ, дека ќе се моли за него и ќе служи достојно на својата Света Македонска, Апостолска, Вселенска, Православна Црква.
Нека нашиот Спасител, Воскреснатиот Господ Исус Христос му помогне во ова негово тешко мисионерско делување за победа на доброто над злото. Со својот кроток и скромен живот што повеќе зли јазици да придобие кон Светата Православна Црква за здобивање на Царство Божјо, Царството Небесно.
 Секогаш во маките и  страданијата што ќе ги имаш повикај Го Христа Бога Спасителот наш. Тој секогаш ќе биде со тебе, доколку од длабочината на душата и срцето Го бараш и повикуваш – Господи помилуј, Господи помилуј, Господи помилуј...
Господ  да ти помогне! Нека ти биде за спасение твое и на паството твое!
митрополит Повардарски г. Агатангел
 
 
< Претходно   Следно >