Реакција на Митрополитот во весникот „Дневник“ |
19.04.2012. | |
Одговор на колумната на Кире Наумов - Клерикализација за крај - објавена во Дневник, на 19.04.2012 год.
Прво, да бидеме на чисто, Атанас Станковски е одамна починат, она што вие г. Наумов го цитирате во колумната се мои зборови и ставови како Митрополитот Повардарски Агатангел и не гледам никаква пристојна логика во тоа да сакате да полемизирате со мртов човек. Второ, Црквата е совест на државата, бидејќи е Тело Христово и е вдахновена и раководена од Светиот Дух и се стреми кон вечните вредности. Црквата не е само „клерот“, како што вие велите, туку е целиот верен народ - инженери, лекари, новинари, автомеханичари, кројачи и т н. Во неа се вброени сите овоземни дарови и професии, па имајте предвид дека кога се обраќате до Црквата, всушност и ним им се обраќате, зашто секаде каде што има вера во срцето и активен духовен живот, втемелен на спасоносното Христово учење, таму е и Црквата. Што значи Црквата и христијаните не се аутисти и тугинци во овој свет, туку се активни учесници и чинители на ова наше општество. Според тоа не знам зошто г. Наумов сите ги повикува на критика, а и ја одзема гласноста на Црквата и можноста таа јавно да ги брани своите ставови или да критикува тогаш кога ќе процени дека има некое застранување во општеството. Црквата е чувар на моралното и духовното здравје на личноста и на државата во целост и ако не реагира на било кое застранување тогаш таа не заслужува да се нарече Црква. Црквата ќе критикува и ќе проблематизира одредени општествени појави, но за разлика од сувопарните критичари секогаш ќе дава решение и излез од ситуацијата, бидејќи е ризница на добрини и човекољубие. Христос, основоположникот на Црквата, тогаш кога бил неправено осудуван, прашал зошто е биен, што значи и Црквата има право да го поставува истото прашање и да ги брани своите ставови. Трето, Јас лично се согласувам секогаш да има добронамерна критика. Но во нашево општество, кон Црквата нема никаква критика, туку има клевета. Тука треба да правиме разлика. Истите оние луѓе, кои на почетокот жестото го напаѓаа возобновувањето на монаштвото во МПЦ на своите насловни страници или во ударните вести, мислејќи дека со тоа ќе си го зголемат рејтингот или гледаноста (што значи од среброљубие!), потоа продолжија да го клеветат Архиепископот, за кражба и некакви финансиски афери, ги подгреваа ниските страсти на неуките дека Митрополитите се лицемери бидејќи се возат во луксузни возила или џипови и покрај нашето укажување дека возилата не се лична своина и не спаѓаат во „наследство“ на Владиците, туку се имот на Епархиите, и не се користат за луксузирање или себевоздигнување пред другите. Истите тие луѓе пред секој голем празник, како по правило жестоко ја напаѓаа Црквата и нивните претставници, поттикнуваа и подржуваа меѓунационални инциденти, тогаш кога требаше да се возобнови разурнатата градска црква „Св. Константин и Елена“ во Скопје, преку Уставниот суд на Р. Македонија политизираа одредени општокорисни проекти како што се веронауката или поттикнувањето на зголемување на наталитетот кај македонскиот народ, кој се повеќе старее и се намалува. Потоа се исмеваа со кампањата против абортусот, бранејќи го чедоморството како слобода на поединецот, а оние кои го бранеа животот требаше според нив да се чувствуваат засрамени. Се исмеваа со меѓународните успеси на нашите спортисти, отворено провоцираа и ширеа страв и паника меѓу народот дека виткањето на кичма пред модерниот европски фашизам е единствениот излез и спасение за ова општество. Бесрамно подржуваа некои белосветски политичари, кои на наше тло од високо ни советуваа дека изграденото по наша волја, слично како и Талибанците потоа ќе треба да го срушиме. Како врв на дејствување на оваа малубројна групација на заслепени, а можеби и добро потплатени поединци, беше исмевањето со чудото во црквата „Св. Димитриј“, при тоа фалејќи се со својот атеизам ги повредуваа верските чувства на православните христијани, а и ги клеветеа свештениците дека самите со крпи или со кофи вода ги бришеле фреските во оваа црква. Овие „експертизи“, без нималку срам, јавно беа дадени од еден опозиционен хемичар, навикнат се да политизира и од еден господин, познат во истокот како рушител на цркви. Нивните изјави се „најрелигиозните експертизи“ што сум ги слушнал во последниве 20 години, бидејќи овие двајца Томовци не видоа, а поверуваа. Според погоренапишаното Црквата не само што треба, туку и мора отворено да им укаже на застранетоста и заслепеноста на овие луѓе. Јас не разбирам како ја разбирате одвоеноста на Црквата и државата, но оваа македонска држава не може да има никаква историја или култура без Црквата и нејзините претставници кои им оставиле во наследство на своите потомци возвишена уметност, писменост и корисна наука. Црквата е авангарда на ова општество и врз основа на нејзиното учење општеството ги гради своите цивилизациски вредности и својот сопствен идентитет - сакале ние тоа да го признаеме или не. Вие тргнувате од едно застарено клише дека Црквата треба да биде декоративен елемент во богатото историско минато и да не биде присутна во сегашноста. Црквата, според вас, треба да биде скриена во глувчешка дупка, а коментирањето и критиката на општествените случувања да им го препушти на некакви „специјалци“, но имајте предвид дека ако јас како поединец не прозборам, тогаш камењата ќе прозборат, како што тоа неодамна се случи во црквата „Св. Димитриј“. Бидејќи ми импутирате некаква политичка пристрасност би сакал да Ви укажам дека целта на моето интервју беше да го повикам народот на обединување околу вистинските вредности кои Црквата ги проповеда, а кои некои партии и поединци се обидуваат да ги спроведуваат. Генерално погледнато моето интервју беше извадено од контекст и седум различни медиуми различно го пренесоа, ставајќи го во контекст на нивната блискост до некоја политичка опција. Црквата одсекогаш ги подржувала оние кои работат за интересот на македонскиот народ, но и јавно ги критикувала и осудувала оние кои застраниле во своите постапки, без разлика дали биле цареви или некои видни граѓани. Мене г. Наумов политикантство не ме интересира, па затоа Ве замолувам, во иднина, не ставајте ме во никаков политички кош, бидејќи јас не припаѓам никому од споменативе. Јас припаѓам на Бога, на Македонската православна црква и на македонскиот народ. Имам прекрасни односи и искуства со луѓе од различни политички опции и имам намера и понатаму така да остане. Гледам дека добро знаете дека Црквата не е од овој свет, но исто така имајте предвид дека вечноста се здобива во овозамниот живот, доколку љубовта, радоста и вистинољубивоста станат наши секојдневни патеводителки. Ова последново особено Ви го ставам на знаење и разбирање. МИТРОПОЛИТ ПОВАРДАРСКИ †Агатангел (Станковски)
|
< Претходно | Следно > |
---|