Свештеникот треба да им помага на луѓето |
18.04.2012. | |
„Само оној свештеник кој целосно го посветил својот живот во служење на Бога и на ближниот, е во можност да ги привлече кон Бога човечките срца кои огрубеле од животната суета, и да им помогне да ја најдат верата и надежта“. - Неговата Светост Патријархот Московски и на цела Русија Говор на Неговата Сесветост, Патријархот Алексеј на отворањето на конференцијата: „Пастирство: традиција и современост. Сто години од упокојувањето на Свети Јован Кронштатски“. Ваши Високипреосвештенства, Ваши Преосвештенства, Свети отци, драги браќа и сестри! Срдечно ве поздравувам на конференцијата посветена за проучување на искуството на пастирското служење во црковната традиција и модерниот живот, а исто така и на размислувањето и за иднината на пастирството. Оваа година конференцијата е посветена на стогодишнината од упокојувањето на еден извонреден аскет на Црквата - светиот и праведен Јован Кронштатски. Отец Јован со своето служење покажа образ на добар пастир, „кој го полага животот свој за овците свои“ (Јован 10, 11), го воплоти евангелскиот идеал на жртвена љубов. Традицијата на раководство на Божјиот народ заснована на сликата на вистинскиот Пастир Христа, и на неговото учење за духовното поучување на словесните (разумни) овци, вклучува во себе илјадагодишен опит на служење на Бога и на Неговите верни чеда од страна на голем број подвижници, изобилно надарени со дарот на татковска љубов и грижа. Нивното наследство служи како сигурна потпора за современите пастири и ги раководи во нивното одговорно служење. Во секое време духовните наставници, следејќи го Пастироначалникот Христос, стојат на чело на заедницата на верните, го поткреваат нивниот духовен живот во молитвено општење со Бога преку Богослужението, црковните Тајни и во прв ред Светата Тајна Евхаристија. Божествената Литургија таинствено ги соединува Христос и Паството и самиот служител во олтарот Господов. Устројувањето на човечкиот живот во Христа и во црковната заедница пред сè значи работа на пастирот. Меѓутоа, таа работа ќе има успех само под услов ако грижата на пастирот како за духовниот раст на неговите духовни чеда, така и за надминување и на неговите недостатоци. Учителот на Божјите чеда треба секогаш да ги држи во своето срце зборовите на Спасителот: „Кој Ми служи Мене, нека врви по Мене“ (Јован 12, 26). Пастирот е повикан да го воплоти во својот живот евангелскиот морален идеал. Само оној пастир кој во потполност му го посветува својот живот на служење на Бога и ближните, способен е да ги привлече кон Господа човековите срца извалкани од човечката суета и да им помогне да најдат вера и надеж. Понекогаш духовниот учител, потпаѓа под искушение на суетата и гордоста, заборава на своето учење и се става себеси на местото на Божествениот учител. Не да го отстрани Христос од себе, туку им да го открие на луѓето – тоа е вистинскиот начин на пастирска работа, сведоштво на неговата духовна мудрост и искуство. Вистинското пастирство е можно само тогаш кога свештенослужителот е свесен за својата непрекината врска со Полнотата на Црквата. Единството на пастирот со парохиската и монашката заедница, со собраќата по служење, со Свештеноначалството придонесува внатрешна хармонија на црковниот живот, спречува развој на конфликти, учи на „запазување на единството на Духот преку врските на мирот“ (Ефес. 4, 3). Послушноста на пастирот на законската ерархија, вкоренета во зборовите Божји и традицијата на Светата Црква, треба да биде важен дел од неговата еклисиолошка свест, и да му помогне да се чувствува како дел од црковното тело. Свети Игнатиј Богоносец им со обраќа на пастирите со следниве зборови: „Покорувајте се на епископот и едни на други, како што Исус Христос му се покоруваше на таткото по тело и апостолите на Христа, за единството да биде и телесно и духовно“ (Послание до Магнезијците гл. 13). Современоста става пред духовниот учител нови прашања на кои тој треба да даде внимателен, достоинствен одговор. Општеството значително се променило во последните неколку децении. Заедно со надворешната слобода дојде и соблазната, способна да ги зароби човечките души во лажната претстава за смислата на животот и да ја успие со задоволството на гревот. Во овој лукав век пастирот треба да биде буден, софистицирано да чувствува како живее современиот човек, да знае да разликува вистина од лага и да проповеда апсолутен евангелски закон. Голема помош во проповедта на Евангелието претставуваат зголемените информациски можности и транспарентноста на различните слоеви на нашето општество кон Црквата. Во тие услови пастирот е обврзан со посебна ревност да сведочи за вистината, да го разобличува гревот и неправдата „со голема долготрпеливост и поука“ (2.Тим. 4,2). Денеска е невозможно да се скриете од предизвиците на секуларниот свет. Пастирот е должен да им помага на луѓето, да ги поддржува слабите по дух, да им помогне на оние кои ја бараат вистината да ја најдат, да пресудува правилно во изборот на оние кои се сомневаат и да ја враќа надежта за спасение кај оние што ја изгубиле. Опитот на духовното раководење на словесните овци, ни е предаден нам во аманет од богомудрите учители, тоа побудува кај новите пастирски поколенија да го следат нивниот пример – ревносно да се молат за своето паство, татковски да љубат, заедно со чедата Божји да преживуваат тешкотии и неволји и да се радуваат на нивните успеси. Само бескрајната, жива љубов на пастирот кон Бога и своето паство навистина формира Христово стадо, насочувајќи го на патот кој води кон Вечниот Живот. Се надевам дека нам оваа Конференција ќе ни помогне во духот на братската љубов и меѓусебно разбирање, внимателно да ја чуваме црковната традиција на вистинското духовно раководство, да поразговараме за важноста на современото пастирство, за неговата мисија во нашиот ни малку едноставен свет. Нека Самиот Пастироначалник Христос биде со нашите раководители во денешната соборна дискусија.
Превод од српски јазик: Бобан Ѓорѓиевски
|
< Претходно | Следно > |
---|