Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Православна Светлина бр. 21 arrow Етимологија и примена на поимот „поп“
Етимологија и примена на поимот „поп“
18.04.2012.

Ѓакон Јани Мулев

 Поимот поп, кој е народен синоним на поимот свештеник, доаѓа од грчкиот збор папас, што значи татко, или од папус, што значи дедо. Кој збор и да се земе од овие два како потекло на поимот поп, во секој случај означува сродство, родителски авторитет, искажување почит како кон свој татко или дедо. Затоа на свештениците им се обраќаме со поимот „отец“ (на црковнословенски јазик – татко), или народно „дедо“. На Света Гора јеромонасите ги викаат попови, на пр. поп Христо, поп Стефан, иако тие се монаси, со свештенички чин.

Во Македонија необразованите и црквоборните луѓе го користат овој термин секогаш кога сакаат да ги навредат свештениците, па дури и владиците, или во некаква негативна конотација. Би било прекрасно кога оние кои го користат би биле малку пописмени, и би сфатиле дека поимот поп означува родителство, и дека да го наречеш некого поп, наместо свештеник, е исто како да си го нарекол татко или дедо, а во тоа не само што нема ништо негативно, ниту навредливо, туку има дури и почит и достоинство. Па така, кога во новинарски напис, наместо поп, би го ставиле поимот татко или дедо, тогаш ќе видиме дека веста воопшто не звучи лошо. Но новинарите, за да постигнат поголем ефект, и да привлечат повеќе внимание, го користат овој поим со негативно значење, или омаловажувачки. Кога би го третирале овој поим според неговото изворно значење, тогаш во него (во поимите татко и дедо) ќе видиме сосема поинаква димензија, од онаа што авторот тенденциозно сакал да ја прикаже.

Исто така, кога сме кај користењето на поимот поп, би сакал да наведам уште една неправилна употреба. Имено, пред десетина години во Скопје, од една постара жена го чув поимот „попци“. Таа зборуваше со гнев и омраза за свештенството, и притоа го кажа тој збор, веројатно со цел, што е можно повеќе да ги понижи. Јас најпрво се збркав, затоа што првпат го слушнав тој збор, и не знаев што значи. Дури понатаму од нејзиното гневно изложување сфатив дека тоа се однесува на свештениците. Истиот збор вторпат го чув пред неколку години и во Велес, од една жена, која го употреби без никаква доза на гнев или омраза. Веројатно и таа го чула од некаде, но и самата не знаела што значи. По тој повод, за оние кои не ја знаат доволно граматиката на македонскиот литературен јазик, би сакал да изложам кратки граматички објаснувања за овој поим.

Поимот поп, е именка од машки род, еднина. Во множина – попови. Деминутив – попче или попчиња, аугментатив – попиште или попишта. Значи, според современата граматика на македонскиот литературен јазик таков поим или форма „попци“ воопшто не постои.

Да нè чува Бог од гнев и омраза кон било кого, за да не го загубиме умот и да потонеме во мракот на незнаењето и богоборството.

 
< Претходно   Следно >