Мајката во христијанското семејство |
18.04.2012. | |
Матеј Арсенијевиќ Бракот стекнува полнота преку раѓањето на деца. Децата се навистина благослов Божји. Преку раѓањето на деца, малата црква поприма таканаречен Божествен лик, затоа што станува единство на три или повеќе човечки битија. Се пројавува нов степен на совладување на егоизмот. Се стекнува можност двајца заеднички да принесуваат жртва за третиот. Заедничката жртва на родителите им дава нова сила на нивната љубов. Во исто време, детето станува ново „јас“ на родителите. Она што не се остварило во нив, може да се воплоти во децата. Децата може да станат нова слика за родителите, нивниот нов жив збор (слово). Во раѓањето, а особено во воспитувањето на децата, постои некој отсјај, одраз на вечното раѓање на Бог Словото. Уште поблизок одраз на таа предвечна тајна може да биде духовното раѓање, духовното татковство. Во границите на Црквата тоа треба да биде плод на пастирската љубов, а во границите на малата црква, во семејството, родителите христијани, несомнено се повикани и на духовно раѓање на своите деца (паралелно со пастирите и кумовите). Родителската љубов е пожртвена од сопружничката. Родителите, пред сè, ги жртвуваат нагоните за беспомошноста на децата... За нив и поради нив многу треба да се прави. Но, и тоа може да биде малку, родителската љубов, во одредена смисла, треба да биде подготвена на уште пострашна жртва, жртвување и на самите деца заради нивно духовно спасение. Способноста за таа жртва се мери со вредноста на родителската љубов. Црквата знае за примери во кои родителите ги бодреле своите деца за примање на маченичка смрт. Примерите на таквите драми или трагедии ги изведуваат родителите до уподобување (слично постоење) на Божјата Мајка и дури на Самиот Бог. Најнеподнослива, како за пастирската, така и за родителската христијанска љубов, е опасноста од духовната смрт на децата, најнеподносливи се горките падови на децата. Пред лицето на овие опасности, значењето на главата на семејството, таткото, и неговата одговорност, постануваат неизмерни. Но, за жал, колку често, луѓе кои по природа не се лоши, апсолутно не се свесни за возвишеноста на својот призив како глава на семејството, како кормилар на малата црква, како маж и татко! Колку често, главата на семејството или излегува од дома за своја лична вокација, или се ограничува на придобивање средства за издржување, а детето во момент на болен сомнеж или духовна опасност слуша од таткото само – оди, не ми пречи, гледаш дека сум зафатен! Да можеме барем и во најмал степен да ја измериме неизмерната големина на мајчинството, треба да имаме смелост и да се загледаме во самиот свет Образ на Мајчинството, во образот на Мајката Божја, секогаш Дева Марија. Исклучителна е нејзината себепожртвуваност. За време на сето свое служење на Спасителот, Таа постојано ги принесува на жртва своите мајчински чувства, а потоа со Него духовно се сораспнува, стоејќи под Крстот и со самото тоа, принесувајќи се на жртва заради целиот човечки род, станува Мајка на сите луѓе. Тоа е она восиновување на светиот апостол Јован крај Господовиот Крст, кога Господ ì рекол на Својата Мајка: „Жено, ете ти син!“ И на Јован: „Ете ти мајка“. Мајчинството на Божјата Мајка е универзално. И гледај, секое природно мајчинство го носи во себе ликот на таа универзалност и содржи во себе способност за неа! Дури и во животинскиот свет може да се наиде на појава каде мајката ги одгледува малечките не само од својот вид, туку и од друг вид и семејство. А кај луѓето, посвојувањето на туѓи деца, особено од страна на мајката, широко е распространето. Но, всаденото проширено мајчинство во природата, за да стане совршено, потребно е да биде осмислено со вера и да биде облагодатено, по образот на универзалното Мајчинство на Божјата Мајка. Многу патишта водат кон тоа, но пред да проговориме за нив, треба да се подвлече дека мајчинството се разликува, дури и по својата духовна суштина, од татковството и од секоја друга пожртвувана љубов. Мајчинството е секогаш поврзано со материјалниот свет. Не само во раѓањето и хранењето, туку и во сите свои понатамошни пројави, тоа се открива во некој материјален дар или во материјална жртва. Во самата природа на мајчинството е всадена грижа за размножување, растење, зајакнување и чување на сè телесно што живее, а пак, највозвишената пројава, во лицето на Мајката Божја и Мајката на целокупниот човечки род, таа грижа преминува во грижа за осветување и преобразување на телата и материјата воопшто. Божјата Мајка која бессемено Го родила Спасителот, и духовно соучествувајќи во Неговата Голготска Жртва, му го даде на светот Воскреснатото, Преобразено Тело на Господ, Кое стана Храна на Бесмртноста и залог за воскресението и преображението на сите христијани. Како со овие возвишени богословски созерцанија да се прејде на земните, практични заклучоци? Како да се одредат основните патишта на христијанското мајчинство? Заклучоците сами од себе се наметнуваат. Прво, мајката – христијанка треба да го надмине семејниот егоизам и да ја распростира својата мајчинска грижа надвор од границите на семејството. Тоа не мора да значи примање на посвоени дечиња во семејството или работа на страна во некоја добротворна организација, макар што наброените стремења, навистина, претставуваат функции на проширено мајчинство. Одуховувањето на материјалната страна на животот во својот сопствен дом претставува големо христијанско дело. Овде има разнообразни можности и нивното набројување би било бескорисно и неможно. Хранењето припаѓа на природната функција на мајчинството, која се изразува (по првото пројавување во донесувањето на свет и доењето) во грижата во кујната и околку трпезата. Во некои христијански семејства домашната трпеза и грижата за неа е духовно, дури и верско случување, средство за духовно општење и заедничарење на целото семејство, а во други, наместо таква трпеза, постои само заедничко јадење без поредок. Овде, значењето на мајките христијанки е од голема полза. Само таа може да го воведе и приближи собирањето околу домашната трпеза и неговата праслика – Евхаристиската Трпеза. Токму домашната трпеза е природен символ на осветената христијанска трпеза и таа ќе стане светла, благословена, ако и во најмала мера, ја има онаа иста цел како и нејзината Величествена Праслика. Домашната трпеза треба да биде место и време на духовно општење и заедничарење на луѓето. На свадбата во Кана Галилејска, кога, Мајката Божја Го замолила својот Син да ја претвори водата во вино, нам ни го открила символичкото значење на овоземната трпеза, затоа што ова прво чудо Господово претставувало предзнак на идното чудо на Евхаристијата. Некои мајки умеат да ги извршуваат своите, не баш лесни, домашни обврски со внимателно просветлување кон сè. Тогаш и децата и другите членови од семејството некако сами од себе се учат како да ì помогнат и сè да биде во ред, а на тој начин, трпезата започната со молитва се украсува со радосно гостољубие. Во други семејства, пак, мајката – домаќинка гледа на своите обврски како на проклетство, и тогаш секој си го бара своето и еден на друг не си помага. Во таквото семејство дури не ни постои некое одредено време за ручек и нема молитва, а за гостопримство не треба ниту да се зборува. Посочените примери имаат за цел да покажат дека христијанското мајчинство преку материјалната грижа и преку одуховување на таа грижа, може и треба да ги воведе луѓето и, пред сè, своите родени деца кон нивниот Првообраз, кон Бога. Божјиот образ се остварува во луѓето на разни начини и преку разни патишта. Меѓу нив, патот на татковството и мајчинството ќе остане засекогаш еден од најблагословените патишта, само ако се сфати христијанската смисла на тој пат. Од христијанска, православна гледна точка, сопружништвото, односно, татковството и мајчинството се посебни духовни дарови, посебен свештен призив на патот на служење на Бог и Црквата.
Превод од српски: Презвитера Данче Миланова |
< Претходно | Следно > |
---|