Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Православна Светлина бр. 21 arrow ДУХОВЕН МОЗАИК (4)
ДУХОВЕН МОЗАИК (4)
18.04.2012.

 ЗАРЕМ НЕ ГОРЕА СРЦАТА ВО НАС?

 Колку време помина, а да не се погледнаа? Колку време еден на друг не си упатија вистински збор? Зашто, додека „меѓусебно разговараа за сè што се случуваше, постапуваа онака, како што и ние најчесто постапуваме: секој говори за себе, не слушајќи го одговорот на другиот. Се жалиме дека не нè разбираат. Но, дали ние имаме разбирање за другите? Па, зарем не е потребно и да слушаме, ако сакаме да разбереме? Другите нам ни се огледало или ѕид и од нив не бараме друго, освен сопствениот одраз...

Љубовта нам набрзо ни станува навика, па затоа, речиси секој трет човек, мора да нè извлекува од нашето презаситено задоволство, од нашата затапена дволичност. Обично, детето е она нешто, кое внесува милина, смисла и новост во љубовта на секој брачен пар. Малку се оние семејства, кои заради волјата на некој гостин, ја покажуваат сета своја внатрешна убавина. Во таков случај, третата личност е токму Христос. Ќе се јави ли Он вечерва во ликот на некој осамен патник? Зашто, „каде што се двајца или тројца.... Он исчезна од пред нивните очи по патот за Емаус, но претходно ги обнови. Во малку направи едно од своите вообичаени чуда: како глуви – прослушаа; како неми – проговорија. Секојпат, кога Христос ќе помине низ нашиот живот, се случува истото чудо: ни дава очи да прогледаме и уши за да прослушаме. Тоа е смислата и на секоја Литургија. Многумина со леснотија ì се потсмеваат на големата чета, која пристапува пред Светата Причест, но која секогаш заминува од храмот „снабдена со својот Бог! Многумина им се потсмеваат на луѓето, кои излегуваат од просторијата за исповед со лице кое светли од смиреноста на одлуката, или понекогаш е облеано со солзи. Оној, кој се исповедал, излегува од својот смрдлив и загушлив ормар, па луѓето лесно паѓаат во напаст и почнуваат да говорат за магијата и автоматското простување.

Но оној, чија душа не може да живее без таа Храна и кој во исповедалницата се ослободува од стариот човек, не може да го сфати таквиот потсмев од останатите. Зошто и тие барем еднаш не се обидат? Зарем сè уште немаат сфатено дека христијанството е искуствена и богооткриена религија? Таму, каде што се двајца или тројца... Таму, каде што илјадници и илјадници ги затвораат очите и ги прекрстуваат рацете во Негово име и чувствуваат како срцето им гори, ете, таму е Он! Како дете им бев љубоморен на Петар, Јован и Симон Киринеецот. Не знаев што е тоа Литургија и света Причест, ниту што е тоа заедница на светиите. Не знаев дека секој од нас може да Му помогне на Исуса во носењето на Неговиот крст, а притоа да не мора да ја навали главата на Неговите гради и да Му поставува прашања со тивок глас. Не ги познавав зборовите, кои засекогаш ја бришат љубомората од секаков вид; не го знаев ни ветувањето, од кое живееле, живеат и ќе живеат милијарди христијани низ сите векови: „Блажени се оние кои не виделе, а поверувале. Колкава благодарност му должиме на апостол Тома, за тоа што ја изнудил оваа дефиниција на верата и тоа ветување?

И колку многу мораме да им бидеме благодарни на двајцата патници од Емаус, чија мрзоволна заслепеност Го присилила Спасителот да го изложи Божјиот план, толкувајќи ги пророците. На многумина Библијата не им се допаѓа, но бидејќи Христос ја цитирал, ја прифатиле, запознале и засакале. Он ги цитирал пророците, но говорел со сосема поинаков тон. Затоа и дошол меѓу нас. Времето го оддалечило од Бога малиот народ со цврст врат, со неговите крвави жртви, со смешните идоли, со неговата лукавост и немилосрдните војни. Еден друг глас се издигнал да ја објави истата вистина; глас, кој бил толку чист, толку вистинит, кој како стрела поминал низ времето и просторот и го допрел секој жив човек; глас, кој е толку жив, така што секогаш, кога ќе го чуеме во Евангелието, чувствуваме како срцето ни гори...

 

НАЈДОЛГИОТ ПАТ ВО СВЕТОТ...

 

Најдолгиот пат во светот е патот за Емаус. Сите човечки домови гледаат кон тој пат. Тој пат поминува покрај нашите врати, и во секој од Бога создаден ден може да дојде до Средба, но тоа зависи само од нас. Имало и други патишта кои воделе од Ерусалим, и во тоа историско попладне, по тие патишта имало многу патници. Тогаш, зошто биле избрани токму Лука и Клеопа. Зошто се случил токму овој историски настан, за кој ќе се говори до крајот на сите времиња? Затоа што, токму тие двајца ја загубија секоја надеж. Кога Христос ја здогледа Марија, сестрата на Лазар, како плаче, се вознемири и возбуди... А кога дојде на гробот од пријателот, заплака. Замислете: Бог заплака! Христовата милост, нашата единствена надеж... Он им пристапил во средба на Лука и Клеопа, зашто од нив бил допрен до дното на душата, како што дошол во средба на Марта и Марија, како што дошол во средба со вдовицата од Наин. Тие не биле само разочарани и обесхрабрени, туку навистина биле загубени деца. „Нема да ве оставам сироти, ќе бидам со вас. И тоа е дел од ветувањето. Значи, тоа не се остварува само од онаа страна на гробот; веќе овде, во нашата најмрачна ноќ, ние ги наѕираме зраците на зората...

Пријатели од Емаус! И моето маловерно и неразумно срце, кое честопати е допрено од крилјата на очајот, нека биде налик на вашето. Зарем некогаш сум бил нешто друго, освен разочарано детиште и ученик, кој премногу нетрпеливо ги извршува своите задачи? А времето само минува... „Оној, кој ќе го загуби својот живот заради Мене, ќе го сочува. Господи Исусе Христе, го губиме ли својот живот заради Тебе, кога на земјата ја љубиме само Твојата трага во секое битие; кога ја љубиме само светлината што ја остава Твојата присутност, или кога ја љубиме празнината, што ја остава Твојата  отсутност?

Но, да се загуби својот живот заради сомилост, заради ненасилство, заради чистотата на срцето, да се загуби во очите на крвниците, за да го спасиме единствено во Твоите очи, ете тоа се вика светост, а ние за тоа навистина не сме способни. Господи Исусе Христе, погледни на нас, кои денес сме исто така празни, исто како двајцата патници, и кои исто така ја очекуваме средбата. И извикуваме како остарениот апостол Јован, на крајот од своето Откровение: „Да, дојди, Господи Исусе!. Сепак, нас нема да нè убедат објаснувањата, туку како и очите на патниците од Емаус – најголемата љубов и прекршувањето на Лебот.

Поуката од Емаус се состои во тоа, на време да умееме да го познаеме Оној, Кој ни доаѓа во средба: во ноќите на очај Самиот Христос; во деновите на милост – светиите. Да бидеме храбри секогаш, дури и тогаш, кога се спушта ноќта. На патот за Емаус ние никогаш не сме сами.

 

ДА СЕ ОДИ НАПРЕД

 

Зарем не гледате дека сме патници?

А прашувате: Што значи да се патува?

Одговарам со еден и единствен збор: Да се оди напред,

зашто се плашам дека нема да разберете

и дека ќе станете мрзливи по патот.

 

Испитај ги самиот своите сили.

Никогаш немој да бидеш задоволен со она што си,

за да допреш до она, што сè уште не си.

Зашто, би се закотвил онаму

каде што си се допаѓаш самиот на себе.

Оној ден, кога ќе речеш: доста е!

Ти си веќе мртов.

Секогаш биди повеќе, секогаш напредувај,

секогаш чекори. Не застанувај на патот.

Оној, кој не оди напред, стои неподвижен.

Оној, кој се врти, се враќа назад,

од каде што тргнал.

Оној, кој се оддалечува од верата,

го загубил својот пат.

- Блажени Августин

 

Превод и избор:

протоереј Златко Ангелески

 
< Претходно   Следно >