Зошто луѓето не можат да го видат Бога со очи? |
18.04.2012. | |
ЗОШТО ЛУЃЕТО НЕ МОЖАТ ДА ГО ВИДАТ БОГА СО СВОИТЕ ТЕЛЕСНИ ОЧИ? Кога ќе се започне разговор за Бога, многу луѓе бараат прво да Го видат, па потоа да поверуваат во Него. Таквиот нивни став нужно бара за сите луѓе постојано и видливо Божјо присуство во светот: сите луѓе постојано да Го имаат пред очите, па дури потоа да го исполнуваат она, кое Он го бара од нив, заради нивното вечно добро. Таквиот Бог би бил деградиран во улога на строг полицаец, чии заповеди луѓето многу повеќе би ги исполнувале од страв заради казната, а не заради синовска љубов и почит. Во тој случај, и луѓето би биле деградирани и би биле доведени на ниво на неразумни животни, кои под страв и закани од ќотек, би ја извршувале волјата на својот господар. Меѓутоа, луѓето со својата духовна природа се слични на својот Творец и од Него се надарени со високи духовни дарови: разум и слободна волја, кои животните ги немаат. Бог од луѓето не бара слепа, животинска покорност од страв, туку разумна и доброволна послушност, која е придвижена од синовската љубов, а не од животинскиот страв. На таков начин, Творецот ги издигнал луѓето високо над животните, на достоинство на свои синови, и како на такви им го доверил управувањето над Земјата и над сè што е на неа, та во Негово име да управуваат со сè, а на крајот да положат сметка за својата работа, како што добрите синови секоја вечер реферираат пред својот татко за извршената работа во текот на изминатиот ден. На оваа одговорност пред Бога нè предупредува и свети апостол Павле, во своето Послание до Римјаните, кога говори: „И така, секој од нас ќе одговара пред Бога за себе“ (Рим. 14, 12). За луѓето, како разумни и слободни битија, што е подостојно и почесно: Да ги извршуваат заповедите од страв од присутниот и видлив Господ, или тоа да го прават од синовска љубов и благодарност за примените добрини, иако не Го гледаат со телесните очи? Кое добро дело има поголема морална вредност и пред Бога и пред луѓето: Она, кое се извршува поради страв од казна, или она, кое се извршува од љубов? Секој човек со нормален ум ќе рече: „Второто!“ Тоа е подостојно за човекот. Бог постапил така, зашто високо го цени и вреднува човекот и кон него се однесува како Татко кон своите деца. Но, и покрај ова, има и други причини, кои оневозможуваат со своите телесни очи да Го видиме Бога. Прво, телесните очи ни се дадени за да ги гледаме материјалните предмети, а „Бог е Дух“. Тоа ни го открил Господ Исус Христос во разговорот со жената Самарјанка (Јован 4, 24), а истото тоа го повторува и свети апостол Павле: „Господ е Дух“ (2. Кор. 3, 17). И навистина, ние со своите телесни очи не го гледаме ни воздухот, ни електрицитетот, ни радиобрановите, ни магнетизмот – невидливите природни сили, со кои секојдневно се служиме, па не треба да нè чуди што не го гледаме нивниот Творец, кој е најчист и најсовршен Дух. Второ, луѓето не би можеле да го издржат гледањето на Бога и да останат живи. Потврда за ова имаме во Светото Писмо на Стариот Завет. Кога Бог му се јавувал на пророкот Мојсеј, Он тоа го правел преку посредници – ангелите. Така, првиот пат се јавил во лик на огнен пламен, кој горел во џбунот на капината, а не согорувал (2. Мој. гл. 3). А, кога подоцна Мојсеј посакал да Го види Бога, Господ му одговорил: „Лицето Мое не ќе можеш да го видиш, зашто не може човек да го види лицето Мое и да остане жив“ (2. Мој. 33, 18-20); „Бидејќи Господ твојот Бог, е оган, што гори, Бог ревнител“ (5. Мој. 4, 24). Затоа светите апостоли ги предупредуваат оние, кои имаат желба да Го видат Бога: „Бог е светлина... и живее во непристапна светлина, Кого никој од луѓето не Го видел, ниту може да Го види“ (1. Јн. 1, 15; 1. Тим. 6, 16). А на Синајската Гора, Бог на Мојсеј му говорел од огнен облак (2. Мој. 19 гл). На пророците по Мојсеј, Бог им се јавувал на разни начини, не онаков, каков што е во Својата суштина, туку преку разни симболи и слики, или најчесто, како глас кој се слуша, но говорникот не се гледа. Некои пророци Божјата сила за миг ги пренесувала од едно место до друго. А пророкот Даниил имал духовна визија за идниот Божји суд, што го опишал со овие зборови: „Видов најпосле дека се поставија престоли и седна Старец; облеклото му беше бело како снег, а косата на главата Негова како чиста волна; престолот Негов личеше на огнен пламен, со тркала како оган што пламти. Река огнена излегуваше и минуваше пред Него; илјада илјади Му служеа, и десетина илјади по десет илјади стоеја пред Него; седнаа судиите и книгите се отворија“ (Дан. 7, 9-10). Токму таа неможност, луѓето да Го видат Бога со своите телесни очи и животната опасност од директното гледање, покрај другите причини, кои за нас се непознати, веројатно влијаеле на одлуката на Света Троица, второто лице, Божјиот Син, да се појави на Земјата како човек, во човечко тело, и да ги спаси луѓето од трократното ропство: на гревот, сатаната и смртта, па така да ја воспостави нарушената духовна заедница меѓу луѓето и Бога. Со човечкото тело, како со некоја дебела облека, Он ја сокри Својата божествена слава, па на таков начин им овозможи на луѓето да Го гледаат и да Го допрат. Само во еден момент, за време на Преображението на гората Тавор, Он дозволил Неговата Божја слава да се манифестира преку Неговото лице, кое заблескало како сонце, при што присутните апостоли се исплашиле, па паднале на земјата. Знаејќи ја желбата на луѓето да Го видат Бога, Он, во разговорот со учениците при разделбата, а на барање на апостол Тома да им го покаже Отецот, кон Кого заминува, рекол: „Ако Ме бевте познавале (дека Јас сум Божји Син и Бог), ќе го познававте и Мојот Отец... Кој Ме видел Мене, Го видел Отецот, Кој и Ме испрати... Јас сум во Отецот и Отецот е во Мене... (Јован 14, 7-11; 12, 45). Така, Богочовекот Исус Христос, според зборовите на богомудриот апостол Павле, на Земјава бил Божја слика, отсјај на славата и одраз на Божјото Битие. Во Неговото лице Бог се јавил во човечко тело (1. Тим. 3, 16).
Подготвил: протоереј Златко Ангелески |
< Претходно | Следно > |
---|