Проповед за свети Григориј Палама и за свети Агатангел |
18.04.2012. | |
Протоереј Ристе Јанушев
Во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух,
„Синко, ти се простуваат гревовите твои“ (Марко 2,5) „Тебе ти велам: стани, земи ја постелката своја и оди си дома“ (Марко 2,11)
По овие зборови од устата на нашиот Спасител Господ Исус Христос, оној што беше парализиран и беше донесен на носилка од четворица, станал и истрчал да Го прослави Бога. Сите ли треба ова да го видиме со свои очи за да поверуваме? Треба ли очите да видат за да поверува човекот во Божјата љубов и власт над сè создадено? Дали секој што видел и поверувал? Дали овој парализиран човек преку своето сетило за вид дојде до оздравување? Секако дека не. Верата го оздраве. Верувал дека Исус е Христос, верувал дека Христос е тука, верувал во Божјата семоќ и оздравел. Спасителот во очите на болниот прво го бара покајанието, за да му ги прости гревовите и да го ослободи од духовната парализа – од гревот, оти духовната вкочанетост е многу пострашна од телесната. Гревот во човекот е причина за духовната и телесната парализа на човекот. Гревот е ѓаволот. Тој демне како најстрашен ѕвер за да ја погуби секоја душа која ќе се откаже од борбата против него. Тој што ќе се предаде на гревот се предава на ѓаволот. Да се запрашаме: Имаме ли цврста волја да се бориме против нашиот најголем непријател – гревот? Можеме ли да го победиме? Да излеземе на мегдан со него во борба која буквално значи живот или смрт! Тој мегдан, тоа бојно поле во кое ќе се бориме за својот живот, Црквата го нарекува ПОСТ. Светиот и Велик пост е најголемото бојно поле за нашето спасение. Многу души паѓаат ранети и умртвени не излегувајќи на ова боиште, не постејќи и не држејќи се до Божјите заповеди за Светиот пост. Благоразумниот христијанин за време на постот активно се бори за својот живот и победува. Ги победува гревовите и искушенијата кои доаѓаат од сите страни. Тука е нашиот Господ Исус Христос, Кој невидливо ти помага и ти го чувствуваш својот сојузник, Кој, кога е со тебе – кој ќе е против тебе. Те поткрепува во единственото чувство на преобразба во кое слабостите се заменуваат со доблести. Сè посилно се јакне желбата за покајание, и сè посилно се чувствува жедта за соединување со нашиот најголем сојузник, Господ Исус Христос. Бог стана човек за да може човекот да се обожи. Примајќи Го Христа, причестувајќи се со Него, стануваме Негови, а Тој станува наш. И веќе ништо не е невозможно, и „сè е можно за оној што верува“ (Марко 9, 23) и што е во заедница со Христа. Тогаш сè се обожува благодатно, преку несоздадените енергии Божји. Се обожува и душата и разумот и целото тело кога тоа ќе стане храм на Духот Свети. Крсти се, покај се, бори се, причести се со Христа Бога и победувај. Победувај не само во овој живот земен, победувај за вечноста. Постојано разговарај со Бога, моли се и верувај. Дека тоа е делотворно, не мора да правиме претпоставка, тоа едноставно ни се открива и во учењето на Светите отци на Црквата. Тие духовни великани ни посведочија со лични примери и искуство за својот подвиг со кој се стекнаа со невенливиот венец на светоста преку животот во Христа. Денес, драги браќа и сестри, накусо ќе се навратиме на еден горостасен светилник на Православието. Недела во спомен на свети Григориј Палама во втората седмица од Великиот Пост. Роден е во Константинопол во 1296 година во благородничко семејство. Неговиот татко починал кога Григориј имал седум години. Во својата младост се стекнал со завидно образование во прочуените византиски школи и особено се истакнувал и исцрпно ја изучувал Аристотеловата логика. Се замонашил на 20-годишна возраст, а неговиот пример го следеле и неговата мајка, двете сестри и двајцата браќа, т.е. целото негово семејство. Младиот Григориј стапил во братството на атонскиот манастир „Големата Лавра“ на свети Атанасиј, а подоцна се оддал и на подвиг како еремит во скитот Глосија, исто така на планината Атон. Во својата триесета година (1326 г.) прима свештенички чин и заедно со неколку монаси живее во пустинска ќелија близу до Бер, придружувајќи се на „исихастичкиот“ начин на живот, втемелен и наследен од исихастите низ многувековната традиција, чија цел била постојано и совршено практикување на „Исусовата молитва“: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме“. Свети Григориј Палама краток период (1335-1336г.) бил игумен на светогорскиот манастир „Есфигмен“ и наскоро потоа бил вовлечен во расправи на теолошки теми, контроверзи и еклисиолошки судири. Во овој контекст ќе ги спомнеме расправите помеѓу Григориј Палама и грчко-италијанскиот филозоф Варлаам Калабриски, кои ќе го предизвикаат св. Григориј да ги напише „Тријадите“ во одбрана на светите исихасти како полемичко дело насочено против ставовите на Варлаама. „Тријадите“ претставуваат сведоштво за содржината и значењето на христијанското искуство на исихастичките монаси, начинот на кој ја разбирале молитвата и настојувале да постигнат јасно дефинирана цел: обоготворување или теозис на човекот во Христа. Спротивно на Палама, Варлаам се приклонил на Аристотеловиот пристап, дефинирајќи го сето човеково познание како реалност базирана на восприемање на сетилата преку кои се доаѓа до преосветување кое ги надминува истите, но сепак, останува во границите на „природата на умот“. Св. Григориј силно се спротиставувал на ова гледиште на филозофот и истовремено го критикувал Варлаама за неговото придржување кон Платоновиот дуализам на духот и материјата, кој бил суштествено спротивен на учењето на Православието и Светите Отци. Реакцијата на Палама во „Тријадите“ со која го демантира Варлаама е насочена кон укажувањето дека човековото тело е „природен храм на Светиот Дух, кој е во нас“ (1.Кор. 6, 19). Обожувањето на целото човечко битие преку благодатните несоздадени енергии кои произлегуваат од Божествената суштина, (а која суштина, тие енергии не се) е крајната цел на секој член на Црквата. Значи, заклучоците на Палама се исто така и сакраментални, т.е. Крштевањето и Причеста го осветуваат целиот човек. И од ова св. Григориј го дефинира исихастичкиот пристап кон молитвата, во која телото зема активно учество. Навистина, вистинското обоготворување станало можно кога, согласно изразот на свети Атанасиј „Бог стана човек, за да може човекот да стане Бог“, (по благодатно учество во несоздадените Божествени енергии, а никако по суштината, оти учеството во Божествените енергии не е учество во Божјата суштина). „Синот Божји, - вели св. Григориј Палама, - во Неговата безмерна љубов кон човекот, не само што ја соединил Неговата Божја Ипостас со нашата природа, облекувајќи се Самиот во живо тело и душа надарена со интелигенција, ...туку исто така се соединил... со човековата ипостас поврзувајќи се со секој што искрено верува во заедништвото со Неговото Свето Тело, и бидејќи Он станал едно тело со нас“ (Ефес. 3,6), нè направил храм на неделивото Божество, зашто во вистинското тело Христово пребива телесно полнотата на Божеството (Кол. 2,9), зошто да не ги осветува оние коишто достојно се здружени со Божествената светлина на Неговото Тело, кое е во нас, осветувајќи ги нивните души, како што Он ги осветувал телата на учениците на гората Тавор? На денот на Преображението, тоа Тело, извор на благодатна светлина, сè уште не било соединето со нашите тела; тоа ги осветувало однадвор оние коишто достојно Му пристапиле, и испраќало светлина во душата со посредство на телесните очи; но сега, таа светлина е поврзана со нас и постои во нас, тоа ја осветлува душата однатре“... Оваа теолошка доктрина на св. Григориј Палама била и официјално верификувана на два последователни собори, кои се одржале во Константинопол во 1341г. Варлаам бил осуден и тој ја напуштил Византија и се засолнил во Италија. Во 1347 г. св. Григориј Палама е избран за Архиепископ на Солун. Се упокоил на 14 ноември 1359 г. Во 1368 г. со одлука на Синодот во Константинопол, под водство на патријархот Филотеј, Григориј Палама е прогласен за светител, а неговите мошти и денес се во соборниот храм во Солун и пред нив се поклонуваат илјадници православни верници дневно. Денес, драги браќа и сестри, Му благодариме на Бога што ни посведочи за уште едно големо молитвено кандило пред Него, еден светител кој е од нашиот македонски род. Свети Агатангел Битолски е македонски маченик заради Христа и пострадал во 1727 г. од раката на османлиските поробувачи на македонската земја и народ. Имено, тиранијата на османлиите била добро позната на нашиот поробен народ и во одредени историски периоди станувала вистински неподнослива. За време на исламското празнување на нивниот празник Бајрам, Турците неконтролирано се изживувале врз христијаните, принудувајќи ги да се преобратат во исламска вера. Овие ѕверства поголемиот дел од народот не можел да ги издржи и многумина потклекнувале, и за да го зачуваат својот гол живот го примале исламот. Поттикнат и огорчен од овие настани, Божјиот угодник Агатангел се одважил и влегол во османлискиот сарај и со Божја помош премудро ги изобличил насилните постапки на властодршците. Овој негов подвиг вродил со плод и властите со писмен указ го забраниле насилното исламизирање на христијаните, особено за време на Бајрамските празнувања. Сепак, и покрај големата смелост и победа на свети Агатангел, иако тој не пострадал додека бил во сарајот, по Божја милост и промисла, за да биде овенчан со небесен венец од Христа Бога, светителот го положил животот за Христа. Тој бил нападнат и претепан до смрт од неколку гневни и разбеснети агарјани. Тие безумници, убивајќи го светиот, му подарија вечен живот во Христа. Се исполнија зборовите на светителот: „Секој што ќе ме признае Мене пред луѓето, ќе го признаам и јас него пред Мојот Отец Небесен, а кој ќе се одрече од Мене пред луѓето, и Јас ќе се одречам од него пред Мојот Отец Небесен“ (Мат. 29,33). Дел од моштите на овој наш молитвеник пред Бога денес се наоѓа во манастирот „Свети Јован Бигорски“. Свети Агатангеле, моли го Христа Бога за нас грешните.
Ваше Високопреосвештенство, Денес кога го чествуваме споменот за светиот Агатангел Битолски, од името на свештенството и верниот народ од нашата Повардарска епархија, топло и молитвено Ви го честитаме именденот со желби за долг и уште поплодотворен архипастирски живот и мисија. Верниот народ од Велес и од целото Повардарие Ве препозна како движечка сила во духовниот живот на довереното Ви паство. Вашите заложби за прогрес во секој домен од црковното живеење се повеќе од евидентни. Се градат и обновуваат цркви, манастири и манастирски конаци во целата епархија. Црковно-просветната дејност веќе ги дава плодовите од евангелското семе кое меѓу другото се расеа и преку печатениот медиум. Хуманитарната дејност преку црковните кујни стана радосно итање кон благословениот топол оброк на најзагрозените наши браќа и сестри во оваа социо-економска криза. Застанавте, буквално во првиот ред на најголемиот протест на велешани против рестартирањето на Топилницата и со тоа дадовте одлучна духовна сила на сите велешани, во заложбите за поздраво и подобро утре, за здравје на нашите деца и поколенија. Во нашата епархија расте потребата од духовни пастири, па така се ракополагаат ѓакони и свештеници за мисија во нашата Света Македонска православна црква. Не заборавате да нè потсетите и поправите кога нешто грешиме, но не заборавате и да ги наградите заслужните. Го молиме Бога, преку Вас, како наш духовен архипастир, во годините што ги одредил пред нас, преку застапништвото на Пресвета Богородица, на нашиот застапник св. вмч. Пантелејмон, на св. Агатангел Битолски, кого денес го чествуваме и на сите светии, да нè зачува во добро и посветено да дејствуваме за Словото на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во вечни векови, Амин! Честит именден, Високопреосветен Владико свет, и на многаја лета! |
< Претходно | Следно > |
---|