Источен Петок - Балаклија |
10.04.2012. | |||
Балаклија, односно Источeн Петок е денот што духовно го обединува градот Велес и неговите жители. Овој ден се прославува како слава на градот Велес, при што центарот на празнувањето е манастирскиот комплекс „Св. Димитриј“ и околните цркви „Св. Петка“ и „Св. Никола“. И оваа како и сите години наназад, Велешани масовно ги посетија овие три христијански храмови. На овој ден, Митрополитот Повардарски Агатангел, во манастирот „Св. Димитрија“, во сослужение со свештенството од велешкото намесништво, отслужи Света Божествена Литургија, а во предвечерјето на празникот чиноначалствуваше со Вечерната Богослужба.
Манастир св. вмч. Димитриј
анастирот „Св. Вмч. Димитрија“ се наоѓа во самиот агол на реките Тополка и Вардар. Над манастирот сè уште стојат урнатините од стариот пеонски град Вила Зора. Манастирот е изграден за верските потреби на населението од Стар Велес, кој можеби тогаш служел како градска црква. Во секој случај постанокот на манастирот датира од постаро време, за кое ни сведочат извесни историски податоци, запишани од повеќе патеписци, историчари, археолози и раскажувања на постари луѓе. Но, како и да е, предност за постанокот на манастирот му се дава на средновековието. Судејќи по архитектурата на манастирот изгледа дека тој потекнува од времето кога Македонија се наоѓала под српска власт во XIV век. Се претпоставува дека во овој период манастирот бил само обновен и зголемен, а не и одново изграден. Но манастирската црква главно останала во ист стил како што бил првобитниот храм, што се гледа од еднокорабната базилика, вообличена во крст. Денешната манастирска црква спаѓа меѓу храмовите со еднокорабни постави. Од жестоките гранатирања на турската артилерија во 1385 г., на утврдениот град Велес, манастирот „Св. вмч. Димитриј“ бил затрупан и целосно заборавен неколку векови. Откривањето и откопувањето на манастирот било во 1855 г. и се случило на следниов начин. На околу стотина метри од манастирот на десниот брег од р. Вардар постоела воденица во која што работел дедо Петре Здравев. Тој преку ноќта кога спиел имал видение: му се јавувал св. вмч. Димитриј, кој му велел да отиде кај градските првенци и да им каже оти на сон светителот му се јавил и барал да се откопа затрупаниот манастир. Така во 1855 г. бил раскопан полуразрушениот храм а потоа доѕидан и реконструиран, а со покривот го добива својот денешен изглед. Основата на манастирот „Св. вмч. Димитриј“ почива на четвороаголна основа со триаголна апсида. Црквата е од средна големина. Ѕидовите се дебели околу 0,75 метри. Внатрешноста е поделена на три нееднакви големини - делови. На западната страна, над главниот влез се издигнува т. е. наоѓа камбанарија која што е изградена на основа на квадрат и висока е околу 11 метри. Храмот има три влеза од кои двата се на северната страна, а третиот е на западната страна. Над северните врати се наоѓа фреска на Св. вмч. Димитриј насликана врз постара фреска на Св. Богородица. Над олтарот е триаголна асиметрична апсида со еден мал прозор на средина. Манастирската црква е многу темна. Има два мали прозори на северниот ѕид. Оваа градба главно е ѕидана со бигор и цигли кои што наизменично се редени, а помеѓу нив има дебел слој на малтер. Јужниот ѕид е ѕидан од груб камен. Внатрешноста на црквата е поделена на многу правоаголни полиња кои што се исполнети со фрески. Овој живопис претставува чекор назад во црковната ликовна уметност затоа што боите се едноставни, груби, со големи контрасти. Скоро на секоја фреска на нејзиното дно е напишан нејзиниот дарител. Во најгорниот дел на живописот е животот на Господ Исус Христос кој почнува со Благовештение а завршува со Воскресението. Во другите редови се наоѓаат фрески со ликовите на: светители, пророци, апостоли и маченици. Олтарот е преграден со дрвен иконостас, има две врати и тоа северната странична и царските двери. Последнава е изработена во 1872 г. и има убав дрворез. На дрвените икони кои се распоредени на иконостасот е прилепен дебел картон на кои со мрсни бои се изработени икони. Покрај фреската на Св. Гаврил Лесновски се и ликовите на преподобниот Арсениј и Св. Стефан“. Во дворот на манастирот има повеќе објекти со различна намена. Манастирот поседува конак. Во дворот на манастирот има чешма со питка вода која извира некаде од ридот Голик. Улогата на манастирот од самата негова појава, во животот на Велес била голема, без оглед дали со него раководеле монаси или пак, мирско настојателство. Во однос на економската положба на градот, манастирот „Св. вмч. Димитриј“ секогаш со своите финансиски можности му помагал на населението. Во XIX век само за издржување на градските училишта манастирот годишно донирал по 30.000 гроша, а пак на султанот му плаќал по 50 лири. Поседувал плодна земја која се обработувала. Се сееле житни култури, афион, памук. Имал лозови насади и овоштарник. Манастирот имал и свои воденици на реките Вардар, Топлока и Бабуна. Исто така манастирот поседувал и голем богат сточен фонд (овци и кози). Во XIX век во дворот на манастирот се организирал традиционален панаѓур. Денес славата на манастирот „Св. вмч. Димитриј“ е на денот на светителот на кој е посветен, а манастирот најмногу е посетен на Источен петок (Балаклија), првиот петок по Велигден, затоа што првично манастирот бил посветен на Животворниот Извор (Источник) на Пресвета Богородица. На порталната фреска, над влезот од храмот, се оставени двете фрески како две половини, една врз друга, (од св. Димитриј и од пресв. Богородица) за да се гледа дека овој манастир првично бил посветен на Пресвета Богородица, па дури подоцна е посветен на свети Димитриј. И денес на овој ден, верниците од Велес и Велешко во огромен број го посетуваат манастирот.
Источен Петок – Балаклија (Се слави во првиот петок по Велигден)
о Цариград во V век, во близина на таканаречената „Златна Порта“ постоело место полно со кипариси и чинари, уште одамна посветено на Пресвета Богородица. Во шумичката постоел извор, исто така одамна познат како источник на чуда. Со текот на времето местото обраснало со грмушки, а водата исчезнала во калта. Само влажноста на земјиштето навестувала дека постои извор. Еднаш војникот Лав Маркел минувајќи низ тоа место наишол на беспомошен патник, слеп човек кој го загубил патот и не можел да се снајде. Лав му помогнал да се врати на патеката, и го одвел човекот, ослабен заради истоштеноста, под сенка да се одмори, а тој, пак, тргнал во потрага по вода за слепиот. Одеднаш слушнал глас кој му велел: „Лав, не барај вода некаде далеку. Таа е тука, блиску“. Лав, вчудовиден од таинствениот глас, почнал да бара наоколу, но вода не можел да најде. Додека стоел така, натажен и замислен, истиот глас повторно му се обратил: „Цару Лав! Појди во сенката на шумичката, нацрпи од водата што ќе ја најдеш таму и подај му од неа на жедниот. Стави му врз очите од калта во изворот. Тогаш ќе узнаеш Која сум Јас, Која е Таа што толку долго време го благословува ова место. Набргу ќе ти помогнам да подигнеш тука црква со Моето име и на сите што ќе притекнат овде и со вера ќе Ме повикаат ќе им бидат услишани молитвите и потполно ќе се исцелат од нивните болести“. Лав поитал кон назначеното место, зел кал од изворот и ја ставил врз очите на слепиот, давајќи му и вода да се напие, и на овој веднаш му се вратил видот. Без водач тој пристигнал во Цариград, славејќи ја благодатта на Пресветата. Овој настан се случи за време на царот Маркијан (391-457). Царот Маркијан го наследил Лав Маркел (457-473). Тој го запамтил јавувањето на Пресветата и наредил изворот да се исчисти од тињата; изградиле насип за да се оддели овој од другите извори во близината, а водата ја затвориле во голем тркалезен камен базен, над кој изградиле црква посветена на Пресвета Богородица. Царот Лав го нарекол изворот „Животодавен Извор“, зашто таму била објавена чудотворната благодат на Пресветата. Стотина години по Маркијан, владеел царот Јустинијан Велики (527-565), човек длабоко посветен на православната вера. Многу време тој страдал од водена болест, не наоѓајќи помош кај лекарите и сметајќи се себеси веќе за осуден на смрт. Еднаш на полноќ тој слушнал глас: „Ти, цару, нема да оздравиш сè додека не се напиеш од Мојот извор“. Царот не знаел за кој извор му зборувал гласот, та паднал во очајание. Тогаш, дента, Богородица му се јавила велејќи му: „Стани, цару, појди до Мојот извор и напиј се од него, па ќе бидеш здрав како порано“. Болниот ја послушал Пресветата Владичица. Го нашол изворот, се напил од неговата вода и наскоро му се повратило здравјето. Во близина на црквата изградена од Лав, благодарниот цар подигнал нова велелепна црква, каде што подоцна бил основан голем манастир. Во петнаесеттиот век царскиот град паднал во рацете на муслиманите. Прочуената црква на Животодавниот Извор била уништена, а градежниот материјал бил употребен за изградба на џамија на султанот Бајазит. Местото каде што порано стоела црквата било покриено со земја и кршен камен, така што и од самите нејзини темели немало трага. Прекрасната околина била претворена во муслимански гробишта. Турската стража, поставена при урнатините на црквата, им забранувала на христијаните не само да се собираат на тоа место, туку дури и да пријдат таму. Со текот на времето забраната станала не толку строга и на христијаните им било дозволено да направат малечка црква на тоа место. Но, во 1821 г., и таа била урната, а самиот извор бил затрупан. И повторно христијаните ги расчистиле урнатините, го откопале изворот и повторно црпеле вода од него. Дури и при овие остатоци од некогашното величествено свето здание, Пресветата, како и порано, со Својата благодат им помагала на оние што притекнувале при Неа. Подоцна, меѓу скршените парчиња кај еден од прозорите била пронајдена, веќе полураспадната од времето и влагата, плоча на која биле запишани 10 чуда што се случиле при Животодавниот Извор меѓу 1824 и 1829 година. За време на владеењето на султанот Махмуд, православните добиле малку слобода за извршување на богослужбите. Тие го искористиле ова да подигнат, по трет пат, црква над Животодавниот Извор. Во 1835 г., со големо велелепие, Вселенскиот патријарх Константин, во сослужение со 20 епископи и во присуство на мноштво верници, ја осветил црквата којашто и до ден денес стои. Во близина била изградена болница и прифатилиште за сиромашни. Дури и муслиманите зборуваат со голема почит за Животодавниот Извор, како и за Богородица, Која преку него ја излева Својата благодатна моќ. „Голема меѓу жените Света Марија“, вака тие зборуваат за Пресветата Дева. Водата од Животодавниот Извор ја нарекуваат „вода на Светата Марија“. Невозможно е да се наведат сите чуда источени од Животодавниот Извор преку кој беше излеана благодат врз цареви, патријарси, врз големци како и врз обични луѓе. Силата на благодатта до денешен ден дејствува преку изворската вода. Таа сила лично ја имаат доживеано не само православни христијани, туку и католици, Ерменци, па дури и Турци.
|
< Претходно | Следно > |
---|