Празнување на пронаоѓањето на Светиот Крст |
28.09.2007. | |
Крстот нè повикува да се поклониме на распнатиот Христос. Крстот е знамето на православието, крстот е знамето на христијаните, крстот е спасението на човештвото, крстот го победува сатаната, крстот нè искачува во царството небесно. Беседа на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, на Архиерејската Божествена Литургија, отслужена на празникот на Воздвижението на Чесниот Крст - Крстовден.
Христос Спасителот наш сакајќи да го спаси човештвото од гревот, од нечистотијата, благоизволи да се овоплоти од утробата на Пресветата Мајка Богородица за да го спаси човекот кој беше создаден од него. Според тогашните еврејски закони, Тој до триесетата година не смееше да го проповеда своето учење, туку молчеше и работеше во куќата на мајка му, работеше како што работеа сите луѓе, но откако го прими светото крштение од оној што викаше во пустината, почна да го проповеда неговото учење, за царството небесно и за опростување на гревовите на човештвото. И сето тоа го следеа евреите, незнабожците сите тие го чекаа Христа со меч да ги ослободи од ропството, но откако слушнаа дека Христос ја проповеда верата на љубовта, верата на правдата, на вистината, дека мртви воскреснува, од секаква болест луѓе излекува, тогаш се побунија против него за да го распнат. И тоа се случи, го распнаа Бога Спасителот наш, но Господ воскресна. Крстот на кој беше распнат Господ Бог не можеше да се најде. На местото Гологота раздалечено од Ерусалим имаше три крста, едниот Христов – крстот на светлината, на правдата, на вистината, на вечноста. Другиот крст беше на разбојникот – крстот на непокајаниот и третиот крст беше крстот на покајанието, крстот на сознанието на човекот дека е грешен и дека треба да се покае.
Сите ние ги носиме тие крстови, драги мои. Сите ние го носиме крстот Христов, ако одиме по патот на спасението, на Божјите закони, ако ги почитуваме Божјите заповеди, ако живееме според христијанските и евангелските начела, но го носиме и крстот на гревот, на гордоста, на прељубата, на блудот, на нечистотијата, на лагата и кражбата, на омразата, на гневот, но Бог ни даде крст кој сите треба да го применуваме, тоа е крстот на покајанието. Како оној што викаше, како лав во пустината, „покајте се зашто се приближи царството Небесно“, така и Христос почна да проповеда за покајанието и неслучајно Него го ставија меѓу двајца разбојници, кои навистина ја заслужија казната затоа што правева многу злодела на луѓето, но законот на правдата, на вистината секогаш победува и крстот на љубовта на кој беше распнат Христос победи.
Слушајќи го Светото евангелие, слушнавме дека покрај крстот на кој беше распнат Христос стоеше неговата мајка. Сите мајки можат да ја почуствуваат болката, тагата, но Мајката Божја, мајката на сите мајки, онаа мајка која ги гледаше раните Христови, трнивитиот венец на главата, матниот поглед. Ве молам, драги мои, мислите пренесете ги на Голгота, со мислите видете го тоа место на злото, место на неправдата, видете го крстот Христов, клекнете пред него, видете ги раните, шајките, видете ја крвта како тече пред Него. Во сето тоа сочуствувајте, сочуствувајте со Христа како што сочувствуваше Мајката Божја. И ние се пренесуваме на Голгота денес и сите клечиме пред Христовиот крст и треба да извикаме како што разбојникот извика: „Господе, спомни си за мене“ така се спаси разбојникот, а Христос му рече уште денес ќе бидеш во рајот со мене. Видете драги мои колку е добар и милостив нашиот Бог, само со еден збор ни го дава царството Божјо за кое чезнее секоја христијанска душа, само со еден повик кон Него „погледни, спомни си, смилувај се на мене“ и тој ни вели денес ќе бидеш во рајот со мене. Колку е добар Господ драги мои, колку Тој нè милува, а какви неправди му правиме ние, луѓето. Не само тогаш кога беше распнат Бог, ние секојдневно го распнуваме Христа, секојдневно ги удираме шајките во неговите раце и нозе, секојдневно му го ставаме трновиот венец на главата, со нашето однесување, со нашите гревови, со нашата одалеченост и индиферентност кон Христа Бога кон Црквата индиферентни кон нашето спасение, зашто мислиме дека се тука ќе заврши на земјата.
Драги мои браќа и сестри, неслучајно Светата црква го празнува овој голем празник. Овој голем празник го празнуваме благодарение на мајката на големиот цар Константин, царицата Елена, која го пронајде чесниот крст на кој беше распнат Спасителот наш. Нејзиниот син, Царот Константин, во III век даде слобода на христијаните и на христијанската вера. До III век течеле реки од христијанска маченичка крв. Царевите со телата на мачениците се шегувале. Тие свети тела маченички, кои ги положиле животите за воскреснатиот Христос - Спасителот наш, денес ние ги празнуваме и се поклонуваме на нив. Спомнуваме за нашиот заштитник светиот великомаченик Пантелејмон, светиот Ѓорѓи Победоносец, светиот Димитрија, и илјадници други маченици.
Мајките, драги мои, чуда прават, и денешната наша мајка македонска чуда прави, бидејќи ако не беше таа денес немаше слободно да се собираме и да го славиме Господа Бога – Спасителот наш. Вашите мајки, додека ние живеевме во едноумие, додека верувавме дека нема Бог, дека Црквата е безумие, дека верата е сатанска работа, дека оние кои веруваат се заостанати, прости, дека не разбираат ништо, дека се дојдени од селата, следејќи го примерот на Пресветата Богородица, која коленичеше додека испушташе душа Господ Бог, таа плачеше, солзи ронеше, срцето и се параше од болка, од тага, но молитвата која е посилна од се, токму таа молитва нашите мајки ја научија од нејзе, и коленичеа пред Господа Бога и пред Богородица и молеа да ја сочува македонската Црква, да го сочува македонскиот народ, да ја сочува македонската нација, за денес да можеме соборно во нашите свети цркви да се собираме и на свој мајчин македонски црковен јазик да го слушаме Светото Слово, беседата, речта Божја, благата вест, веста на нашиот Спасител – Господ Исус Христос.
Тоа го направија нашите мајки, и затоа Ве молам секогаш да си спомнуваме за нив и да им благодариме, бидејќи нашата мајка македонска и мајката Божја ја сочуваа верата во македонскиот народ, ја сочуваа македонската држава и македонската црква. Сите денес да повикаме на глас, како што разбојникот повика: „Спомни си Господе за мене“. Амин.
Црква „Успение на Пресвета Богородица“ - Велес, 27. 09 2007. |
< Претходно | Следно > |
---|