Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Велигденско послание 2012
Велигденско послание 2012
9.04.2012.

† А Г А Т А Н Г Е Л

 

ПО МИЛОСТА БОЖЈА

МИТРОПОЛИТ ПОВАРДАРСКИ,

 

НА СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ, МОНАШТВОТО И ВЕРНИТЕ ЧЕДА НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА, ОДНОСНО ПОВАРДАРСКАТА ЕПАРХИЈА, А ПО ПОВОД ВОСКРЕСЕНИЕТО ХРИСТОВО  - ВЕЛИГДЕН, ИМ ИСПРАЌА АРХИПАСТИРСКИ БЛАГОСЛОВ И МИР ОД БОГА

 

 

Возљубени наши духовни чеда!

 

Sample Image

 

Д

енот на Христовото воскресение е ден на општа радост во целиот свет. Велигден е празник над празниците и прослава над прославите. Таа света радост денес се разлева насекаде и ги зафаќа сите битија, ја опфаќа целата природа, ги исполнува небото и земјата. Сé што е видливо и невидливо денес како да формира величествен хор, кој таинствено пее за животот што победува. И Црквата најрадосно му се придружува на тој хор, зашто навистина Христос востана, и нашата радост е вечна.

 

Драги браќа и сестри!

 

Обземени со таа духовна радост поради Христовото воскресение, да го дополниме и да го продолжиме размислувањето за нашето сопствено воскресение. Евангелието сведочи дека во денот на Христовото воскресение воскреснаа многу тела од порано починати светии. На сите луѓе им е судено да заминат од овој свет. Но од моментот на Христовото воскресение, верните во гроб влегуваат со надеж дека повторно ќе излезат. Оти, навистина, Христос е првиот што воскресна од оние што беа умрени. Ете, таа вистина, која е основа на нашата вера, предмет на нашата надеж и двигател на нашата братска љубов, потврдена е со воскресението на Христа.

 

Возљубени чеда на Христа Воскреснатиот!

 

Христос воскреснал, според тоа еден ден и мртвите ќе воскреснат. Нивното воскресение нема да биде дело на природата, туку дело на Создателот на природата, на Неговата семоќна сила. Христос воскреснал како Богочовек и со тоа на смртта ѝ ја одзел силата. Тој, како Бог Слово, се јавил во тело кое не го примил од ангел, туку од семето на Авраам. Во Него се соединила божествената со човечката природа. Со тоа соединение човечката природа е проткаена со божествената и e подготвена за вечностa, за која е определена. Затоа привремената смрт на телото не може веќе да влијае врз неговиот нов и вечен живот. Зашто Бог нема да ја остави душата на праведниците во пеколот, ниту пак ќе дозволи праведникот да види распаѓање. Бидејќи Христос воскреснал, никој не може да тврди дека и мртвите нема да воскреснат. Оти преку гревот на Адам дошла смртта, а преку Христовата праведност дошло воскресението. И како што сите умираат во гревот на Адам, така и преку праведноста и божествената моќ на Христа сите ќе оживеат. Според тоа, Христос е гаранција на воскресението и на вечниот живот на луѓето.

 

Возљубени наши браќа и сестри Македонци!

 

Човековото тело е благословено орудие за прославување на Бога. Затоа апостол Павле советува: „Прославете го Бога во своите тела, и со своите души, кои се Божји“.

За воскресението ни говори и самата природа. Вчера таа била во мртов сон, денес е разбудена со животворните зраци кои доаѓаат одозгора. Таа ни говори дека смртта е неопходна за да дојде воскресението за светол и радостен живот. Апостол Павле безумници ги нарекува оние кои се сомневаат во воскресението на мртвите, оти на секого му е јасно дека семето што во земја се фрла не може да оживее ако претходно не умре. И Спасителот Христос вели: „Ако зрното пченично, што паднало на земја, не умре, останува само; а ако умре - ќе донесе голем плод“, оти ќе воскресне за нов живот. Истото ќе се случи и со човечкото тело. Преку телото и крвта на Христа тоа станало божествено зрно. И покрај тоа што е подлежно на болести и слабости, и покрај тоа што во наполна немоќ се спушта во гроб, ќе воскресне во сила. Така и апостолот говори: „Се сее за распаѓање; воскреснува во нераспаѓање;... се сее тело душевно - воскреснува тело духовно“. Оттаму произлегува денешната светла радост на нашата бесмртна душа.

Трпезата на благодатта за сите е поставена. Сите можеме со вера да пристапиме и без страв да вкусиме. Воскреснатиот Домаќин е благ и милостив. Сите можеме да ја ползуваме неговата благост, и прошка да добиеме, да се насладуваме со неговото пасхално прославување.

 

Возљубени чеда на Македонската православна црква!

 

Во годината кога го славиме 45-годишниот јубилеј од возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква, слободно да пристапиме кон празничната трпезата на радоста. Проникнати со мислата за нашето идно воскресение, да не го забораваме и праведниот суд, кој потоа доаѓа. Тогаш и во радосните денови, како што е денешниот, лесно ќе им придружиме на верата - добродетел, на добродетелта - разум, на разумот - воздржување, на воздржувањето - трпение, на трпението - побожност, на побожноста - братољубие, на братољубието - љубов. Одејќи по овие скали, без страв ќе излеземе пред праведниот суд - воскреснати за вечен живот. И тогаш ќе ја разбереме сета сладост на радоста која денес ги возбудува нашите срца што веруваат. Оти Христос навистина воскресе заради вечна радост на оние верни и предани негови следбеници.

 

Христос воскресе, навистина воскресе

 

 

 
< Претходно   Следно >