Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Насловна arrow Благовештение и Лазарева сабота
Благовештение и Лазарева сабота
9.04.2012.

 

Sample Image

 

Благата вест за зачнувањето на Спасителот, Господ Исус Христос во утробата на Пресветата Дева Марија,  на која великиот архангел Гавриил и се јави во архангелска светлина и и рече: „Радувај се, благодатна! Господ е со Тебе!“, е пречекана со огромна радост во срцата на православните верници ширум светот. Така и годинава, голем број на верници во Велес ги посетија православните храмови, присуствувајќи на Божествените Литургии по повод овој ден, за повторно и повторно да ја слушнат  благата вест.  Со оваа архангелска благовест и со слегувањето на Светиот Дух врз Пречистата Дева, започна спасението на луѓето и обновата на созданието. Годинава во ист ден се чествуваше и Лазаревото Воскресение, а Митрополитот Повардарски г. Агатангел отслужи Света Божествена Литургија во црквата „Св. Атанасиј“ во Неготино.

 

Благовештение

К

ога Пресветата Дева наврши единаесет години пребивање и служење во ерусалимскиот храм и четиринаест од раѓањето - значи кога стапи во петнаесеттата година од животот - свештениците ѝ соопштија дека според Законот повеќе не може да остане при храмот, туку треба да пристапи кон веридба и брак. Одговорот на Пресветата Дева беше големо изненадување за тамошните свештеници. Изјави дека Таа себеси Му се посветила на Бога и не сака да стапува во брак со никого. По Божја Промисла и вдахновение тогаш првосвештеникот Захарија, татко на Св. Јован Крстител, се договори со другите свештеници, па собраа дванаесет безжени луѓе од Давидовото племе за да пронајдат еден на кого што би му ја довериле Дева Марија како на оној кој ќе ја чува Нејзината девственост и ќе се грижи за Неа. Му ја доверија на стариот Јосиф од Назарет, којшто ѝ беше роднина. Во домот Јосифов Пресветата Дева продолжи да живее исто како во Соломоновиот храм, минувајќи го времето во читање на Светото Писмо, во богомислие и ракоделие. Од дома не излегуваше речиси никогаш ниту се интересираше за светските работи и настани. Малку зборуваше со кого било и никогаш без особена потреба. Најчесто општеше со ќерките на Јосиф. Но кога се исполни времето означено со пророштвото на Даниил и кога Бог благоволи да го исполни ветувањето што му го даде на прогонетиот Адам и на Пророците, на Пресветата Дева ѝ се јави во одајата великиот архангел Гавриил, а некои свештеници пишуваа дека во оној миг Таа го имала пред себе отворено пророштвото на Исаија кој вели: „Ете, девојка ќе зачне и ќе роди син!“ Гавриил ѝ се јави во архангелска светлина и ѝ рече: „Радувај се, благодатна! Господ е со Тебе!“ И сѐ друго, како што пишува во Евангелието на Божествениот Лука. Со оваа архангелска благовест и со слегувањето на Светиот Дух врз Пречистата Дева, започна спасението на луѓето и обновата на созданието. А историјата на Новиот Завет значи радост за човештвото и за сета твар.

 

Sample Image

 

Лазарова сабота    

Н

а овој ден се споменува чудесното воскресение на четиридневно упокоениот Лазар, во она време извршено од Богочовекот Исус Христос. Како што сведочи Светото Евангелие, овој настан бил многу непосредно (или шест дена) пред предавството и убиството на Исус Христос на Голгота. Толкувачите гледаат во него предобраз и своевидна духовна подготовка на тогашните сведоци за претстојното Христово воскресение. Во секој случај, своевремено Лазаровото воскресение беше доживеано како најсилен доказ за Божественоста на Господ Христос пред тогашните Јудејци и постана камен на сопнување за мнозина. Но оттогаш мнозина и поверуваа во Него како во Спасител. Некои богослови особено ја растолкуваа човечката и Божествената природа Христова кај Лазаровото воскресение, велејќи дека Господ плачеше пред гробот на Лазар заради Својата човечка љубов кон него како мил пријател, а го воскресна со Својата Божествена сила како Бог.

 
< Претходно   Следно >