Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Насловна arrow Трибина за меѓуетничка толеранција
Трибина за меѓуетничка толеранција
26.03.2012.

Sample Image

На 23 март 2012 година се одржа трибина под наслов „Заедно можеме“ во организација на невладината организација од Велес „46664“, а чија тема беше градењето меѓуетнички соживот, заедништво и толеранција. На трибината, со благослов на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, Повардарската епархија ја претставуваше Проторереј Ристе Јанушев, кој пред присутните се обрати на зададената тема со следново излагање:

Почитувани присутни браќа и сестри, дами и господа,

Почестени сме со поканава за учество на оваа трибина, во која се надеваме дека ќе дадеме продонес кон темата „Заедно можеме“ и се однесува на градење меѓуетнички соживот, заедништво и толеранција.

Најнапред,  Ви ги пренесувам поздравите и поддршката кон оваа трибина на нашиот Митрополит Повардарски г. Агатангел, на свештенството и верниот народ од нашата епархија. Во овој момент во православните храмови, во деновите од Великиот Пост, се служи Акатист кон Пресвета Богородица, кон Богомајката на која и пееме пофални песни со кои се поучуваме на љубов, сочувство, саможртва за ближниот, кротост, прифаќање на секое искушение со трпение на кое нè научи нашиот Спасител Господ Исус Христос.

Македонија е вистинска раскрсница на културни, геостратешки, политички и секакви други интереси за кои се употребуваат секакви средства за постигнување на овие цели. Последиците од овие комбинации ги чувствуваат сите граѓани на Македонија и речиси да нема временски периоди во кои сме биле поштедени од разни влијанија, кои многу ретко биле во наша полза, во прилог на нашиот мир и благосостојба.

Нам ни се негира државата, црквата, народот, јазикот и што уште не, но, со Божја помош ќе истрпиме, оти барем во тоа сме докажани низ хрониките на историјата.

Македонија како мултикултурна и мултиконфесионална земја во овој временски интервал го преживува искушението во кое се ставаат во залог и под знак прашање меѓунационалните односи, меѓуверските и меѓукулутурни вредности од кои никој ниту може, ниту сака да се откаже. А и не треба да се откаже оти по тоа сме препознатливи, така сме живееле, така живееме и така ќе живееме и во иднина. Друго решение нема. Сепак, проблем има, но, тоа не е најстрашното. Најстрашно е проблемот да не се решава.

Во овој контекст се поставува прашањето: Дали во решението на овој проблем може да партиципираат МПЦ и ИВЗ во Македонија? Одговор: Секако да, и несомнено тоа ќе го направат. Тука е клучот за решението на ова прашање.

Секако, ни се нудат повеќе солуции и разни системи за толеранција од туѓи искуства, кои можеби и треба да бидат разгледани, но треба да се внимава. Еве зошто: Ќе цитираме еден пристап, кој гласи вака:

„...толеранцијата во секојдневниот живот претставува коегзистенција на оние што не се сакаат и вклучува ред ставови и однесувања кои, ако ги подредиме во еден континуум, на едниот крај ќе го добиеме прогонот, а на другиот потполно почитување. Најблиску до прогонот е состојбата на црвена линија на подносливоста, каде и најмала провокација е доволна за да започне прогонот, додека, со движењето кон другиот крај на континуумот, се сретнуваме со различни видови на практики со кои се прави поднослив животот во близина на оние што не ги сакаме. Толеранцијата, на некој начин, претставува средишна положба меѓу неподносливоста и полното прифаќање. Како таква таа најчесто е нестабилна положба, која може да се сврти кон едната или другата насока...“

И? Што е ова? Порака? Рецепт за толеранција? Решение за проблемот? За „оние што не се сакаат“!!!

Ваков синкретизам може да оди само во прилог на демонократската глобализација, чиј интерес е моќта и власта преку моќта на парите, и на која (глобализацијата) и се потребни бледи привиденија од луѓе без самочувство и идентитет.

Секогаш подготвени да се истребат едни со други живеејќи во контролирани системи кои ќе проработат во зависност од потребите на моќниците. Со оваа филозофија нема да се согласат ниту христијаните, ниту муслиманите. И не само што нема да се согласат, туку одлучно ќе и се спротистават. Оти е погубна за сите, без исклучок.

Спротивна на секоја морално-етичка норма која извира од Бога, за Кого првата дефиниција е: „Бог е љубов“. Од тука почнува верата, од љубовта, која е синоним и суштествена карактеристика на Бога. Верата во Бога, во љубовта и животот во активно делување на Божјата љубов меѓу луѓето како личности, со надеж за наше соединување  со Него, е решението на односите меѓу нас.

Не треба да бидеме доктори по теологија за да делуваме целисходно во решавањето на проблеми од ваква природа; проблеми кои ни се наметнати и протурени токму меѓу младите луѓе, кои го дефинираат својот личносен идентитет во период кога според природата на возраста, жестоко се спотивставуваат кон секој авторитет што наводно им се наметнува како диктат.

Ако навремено го слушаме гласот на Црквата, кој вели:

„Возљуби го Господа, твојот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила, со сите свои помисли“ (Лк. 10. 27) и „Возљуби го својот ближен како себеси“ (Мт. 22. 39), дали ќе останело толку место за омраза во нивните срца? Дали ќе можеле толку лесно љубовта да ја мутираат во омраза кон ближниот, а со тоа и кон Бога.

Ќе си дозволам во контекст на ова да цитирам и некои стихови од Коранот, кои на муслиманите им ја испраќаат следната порака: „Оној кој убива некого или оној кој прави неред на земјата е еднаков на оној кој би го погубил целиот свет...Верниците треба да ги исполнат обврските и кон Бога и кон државата и меѓу себе. Животот треба да се организира на тој начин да има помалку сиромашни, должници, а многу повеќе да има работници, добротворци“.

Овие пораки не се само зборови на хартија. На многумина им се запишани и во срцата и живеат со нив. Тоа се гледа во многу примери и многу места низ нашата Македонија. На овие примери треба да посветат повеќе внимание и медиумите, политичките партии, верските лидери, локалните авторитети.

Во овој контекст клучна улога ќе одигра и веронауката во училиштата. Децата да растат едни со други, а не едни покрај други. Да гледаат примери и да се учат на соживот во домовите, во училиштата, на универзитетите.

Црквите и џамиите да бидат тврдини и чувари на разумот и расадници на љубовта, да бидат совест на своите верници и вистински чувари на мирот кој ќе го всадат во срцата на своите верници. Да ја поттикнуваме љубовта кон Бога и кон ближниот независно на која вероисповед припаѓа.

Оти ближен ни е секој што е до нас, сите сме упатени еден кон друг. Ќе се прифатиме заедно во битките кои ни се заеднички. Заедно сме посилни во секоја мака и порадосни во секоја радост. Малку ли претрпевме сите па сега треба да си отежнуваме едни со други?

Да го чуваме мирот како предуслов за сè што се раѓа од него. Во мир да учиме да се сакаме и почитуваме. Ако го изгубиме мирот, сè друго се усложнува. Мирот нема алтернатива; или го имаш или го немаш!

Во евангелието според Матеј читаме:

„Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји“ (Мт. 5.9)

-   Кои се Миротворци?

Оние кои го имаат мирот Божји во себе, кои имаат љубов во душата и чисто срце, кои имаат чиста совест, мир и спокојна душа, кои живеат во слога и мир со сите и внесуваат мир меѓу другите луѓе, измирувајќи ги скараните и молејќи се за нив.

Ова нека биде наша заедничка цел и задача. За доброто на сите нас, за доброто на идните поколенија, за доброто на нашата заедничка, древна и библиска Македонија.

 
< Претходно   Следно >