Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Прашања и одговори-старец Леонид Оптински - 2 дел
Прашања и одговори-старец Леонид Оптински - 2 дел
25.09.2007.

Прашања  на  послушаникот  Алексеј  Поликарович  Бочков и  одговори  на  старецот


 

 

            П р а ш а њ е: Што е осудувањето, и зошто отците осудувањето го нарекуваат – антихрист?

 

            О д г о в о р: Осудувањето е тоа, кога ти го гледаш гревот, или го знаеш порокот на својот собрат и говориш од целото свое срце: „По мое мислење, тој заслужува или маки, или казна, или болест”. Тогаш, ти постануваш  судија на ближниот и сакаш да седнеш на престолот на Единствениот Судија – Христос. За твоето гордо безумие ти се вбројуваш кон антихристот...Во своето молчание отците, занимавајќи се со внатрешен труд, не знаеле за гревовите на ближниот, а го гледале само своето паѓање.

 

            П р а ш а њ е: Можам ли на исповед да говорам за оној кој згрешил заедно со мене?

 

            О д г о в о р: Зарем ти сакаш да се каеш за него? Ако тој не сака да го сознае својот грев, ти говори за твојот грев!

 

            П р а ш а њ е: Отците велат, дека не е полезно подробно да се исповедуваат блудните мисли и дела, и дека е доволно тие да бидат објаснети со кратки зборови, бидејќи споменот за нив ја осквернува устата и мислите. Така ли е?

 

            О д г о в о р: Да, така е! Отците биле поопитни од нас во духовните дела. Но, за секој човек не може да се применува едно и исто правило. Некој старец може бестрасно и без штета за себеси да ја ислуша твојата исповед. А и ти, да речеме, можеш не толку страсно, а со скрушеност да се исповедуваш поподробно и да се засрамиш за свое смирение. Затоа, подробната исповед – макар и ретко – може да биде полезна. Но, старците го познавале големото Божјо милосрдие, кое не го сака нашето крајно осрамотување, затоа и благорассудиле да го олеснат исповедувањето на блудните помисли. Понекогаш се случува, ѓаволот да ти сугерира (без ти да ги сакаш). Тогаш ти ќе ги разоткриеш не своите мисли, а неговите сугестии. Понекогаш и старецот, ако не е многу тврд во добродетелта, не ќе може брзо да ги заглуши во своето срдечно уво исповедуваните од тебе помисли.

 

            П р а ш а њ е: Како да познаваме  кои помисли се наши, и кои се од противникот - ѓаволот?

 

            О д г о в о р: Един Коневски, пустиножител, ми раскажуваше, дека, макар  и да се задлабочувал долго време во духовното внимание, сепак, не можел да ги разликува своите помисли од демонските. Зашто и демонот, одвлекувајќи ја твојата мисла врз некој предмет, не ти вели: „Иди, направи тоа и тоа”, а ти заговорува така, како ти самиот да си го мислел: „Јас сакам да го направам тоа и тоа. Јас сметам, дека тоа е полезно, а другото штетно. Јас решив да го сторам тоа и тоа”. И сето ова, тоа се често не твои мисли, а мисли на ѓаволот, прикриени зад твоето јас. Ти се заблудуваш, дека тоа се твои мисли. Ти слушаш демонски сугестии.

 

            П р а ш а њ е: Некои свештеници – богослови, бараат најподробна исповед за очистување на душата.

 

            О д г о в о р: Да ги оставиме! Тоа си е нивна работа! Но, можат ли тие самите да ги исполнат своите правила, например, ако им претстои да исповедаат 500 души за три часа?

 

            П р а ш а њ е: На сите ли се дава  духовната молитва?

 

            О д г о в о р: Кога Господ ќе го посети некого со тежок испит, со болка, со губење на сакан ближен, таков човек неволно ќе се помоли од сè срце и од длабочината на својата душа. Следствено, изворот на молитвата е во секого од нас. Но, тој се отвора или преку постепено задлабочување во себеси – според учењето на отците – или моментно – од Божјиот сврдел.

 

            П р а ш а њ е: Некои  многу ја сакаат Божјата Мајка и се фалат со тоа. Но, јас се спомневам во искреноста на нивната усрдност.

 

            О д г о в о р: Да, кај оние, кои парадираат со своето набожно молење, тоа е сомнително. Понекогаш ние се фалиме со нашите акатисти, но, меѓутоа, далеку сме од Небесната Царица. Да ја восфалуваме Божјата Мајка не со празна слава, а со подржување на Нејзините добродетели - чистота, смирение и т.н.

 

            П р а ш а њ е: Што ќе кажете за  акатистите, со кои, некои ги претоваруваат своите молитвени правила?

 

            О д г о в о р: Оној, кој ги разбира акатистите така, како што ги чувствувале нивните составувачи и кој вникнува во секој нивен збор, тој се моли преку акатистот не без учество на умот, доста е само да не ги препишува на себеси и на својот ум (по празнославен начин) туѓите трудови и туѓите слова, псалми или химни. Ние сме само чтеци. Не сите се Давидовци, кои го прочитале Псалтирот, и не сите се Дамаскиновци, кои ги прочитале неговите канони. Најдобро е простото и на сите нам блиско митарево мислење: „Боже, биди милостив кон мене грешниот!”

 

            П р а ш а њ е: Кои светоотечки книги е најдобро да се читаат?

 

            О д г о в о р: Читај ги словата на светителите со нивните дела!

 

            П р а ш а њ е: Како е најлесно да се спаси човек?

 

            О д г о в о р: Еве како – да си простосрдечен како Апостолите, да не ги прикриваш своите човечки недостатоци, да не се преправаш како многу побожен, да не лицемериш - тоа е патот на нашето спасение. Макар и навидум лесен, тој не му успева на секого и не е разбирлив за секого. А, меѓутоа, тој е најблискиот пат на спасението и ја привлекува Божјата благодат.

            Да нема неискреност и подлост, туку откриеност на душата – ете кое е пријатно на смирениот по срце Господ (Мт. 11, 29).

            „Ако не бидете како деца, нема да влезете во Царството небесно!” (Мт. 18,3).

 

            П р а ш а њ е: Зошто јас чувствувам досада кон оние кои доаѓаат при Вас и се срдам на нивната глупост и незнаење, макар и да знаат, дека мнозина од нив имаат голема полза од Вас?

 

            О д г о в о р: Ова е поради тоа, дека срцето ти не е скрушено. Кој што чувствува до болка љубов кон ближниот, тој не ја забележува неговата глупост, а со страв се моли Господ да му сугерира што да каже на ближниот за негова полза, и притоа, благопријатно го исполнува делото на советувањето како Божјо дело. Некогаш и откако си се помолил, не наоѓаш полезен одговор. Тогаш се чувствуваш посрамен и самиот се покајуваш. При такво чувство на сопствено недостоинство не можеш и да помислиш за човечките глупости, и си готов секому да кажеш: „Помоли се за мене, Божји слуго!”

 

            П р а ш а њ е: Зошто понекогаш така Ве сакам, како, например, сега (притоа се појавија солзи во моите очи и гласот ми затрепери), а понекогаш чувствувам негодување против Вас поради многуте луѓе, кои Ве посетуваат и Ве обременуваат?

 

            О д г о в о р: Ова е поради тоа, дека ти уште не си монах, уште не си прекинал со светот. Ти сакаш веднаш, од првиот збор да ги сфатиш моите мисли, та, некако, на брзина да се спасиш, набрзо сè да научиш. Оттаму доаѓа твојата восхитеност, твоето бакнување на рацете и рамењата на баќушката. А, при о. Теодор јас бев повоздржан, макар што мислено бев готов да му се поклонувам во нозете со синовска почит. Види ја игуманијата Анатолија и монахињата Аркадија.* Тие не завидуваат на оние кои доаѓаат при мене, готови се на секого да го отстапат своето место, а ме сакаат повеќе од тебе, зашто ги исполнуваат моите зборови на дело. Кога ли Господ и тебе ќе те ослободи сосема од светот? Можеби и ти тогаш ќе го засакаш својот ближен како себеси”.

            Тие зборови на старецот Леонид, дека послушаникот А. Бочков со време ќе го засака својот ближен како себеси (Мт. 22, 39), се покажале пророчки. Тие се оствариле по околу 30 години по смртта на старецот Леонид. Послушаникот Алексеј Бочков, при своето постригнување го добил името Антониј, станал игумен на Череменецкиот манастир, но во 1871г. се откажал од игуменството и се посветил на подвижништво во скитот на Николо – Угрешкиот манастир околу Москва. Во тоа време избувнала епидемија од колера. Московските свештеници се покажале недоволни на број за исповедување, причестување и погребување на луѓето кои биле болни и умирале. Еромонасите од околните манастири биле мобилизирани во таа акција. А о. Антониј Бочков, макар веќе и многу стар, сам изразил желба да се вклучи во тоа човекољубиво дело и во почетокот на 1872г. се настанил во Московската болница, определена за простите работници. Таму му била изградена посебна ќелија. Во продолжение на 2 месеци, 70-годишниот старец – игумен, секојдневно исповедувал и причестувал мнозина болни, откако ги примал и самиот побожно светите Тајни. Секој ден извршувал Елеосветување, обично над тројца болни и погребувал средно по 6 души. Вршејќи го сето ова, о. Антониј говорел за себеси, дека през целиот свој живот не се чувствувал толку здрав и не имал таков мир во својата душа, како през тоа тревожно време. Но, дошол и неговиот крај. На 17 март, во денот на својот небесен покровител и соименик преп. Алексиј човек Божји, тој заболел од тифус и на 5 април мирно ја предал на Бога својата душа, која, тој, ја положил за своите ближни, прославувајќи ги со својот живот и со својата смрт прекрасните Христови зборови:

            „Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи душата своја за своите пријатели” (Јн. 15, 13). 

 

 

 
< Претходно   Следно >