Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Прашања и одговори-старец Леонид Оптински - 1 дел
Прашања и одговори-старец Леонид Оптински - 1 дел
25.09.2007.

                      ПРАШАЊА  НА  УЧЕНИЦИ  И  ОДГОВОРИ  НА СТАРЕЦОТ  ЛЕОНИД

 

Прашања  на  младиот  послушаник  Павел  Петрович Тамбовцев  кон  старецот


 

Sample Image

 

            1. Како да постапувам, кога, наоѓајќи се среде браќата, не можам да се воздржам од  многословие  и кога  навредувам  некои со своите зборови?

 

            О д г о в о р: Треба да го помниш тоа, кое св. Црква го произнесува пред Бога: „Постави, Господи, стража пред устата моја и врата на усните мои!” (Пс. 140, 3).

 

            2. Како да постапувам, кога  гледам  кај  другите  волно  изразување  на  мислите  и  се  соблазнувам? Или, кога гледам, дека  ти, отче  не  постапуваш  со  старешка  кротост во општењето со другите?

 

            О д г о в о р: Така ти се чини поради твојата небудност и неразумност. Не треба да ги осудуваш другите, зашто ти не знаеш со каква цел тие го вршат тоа, а исто така, што имам јас во предвид, кога така постапувам...Погрижи се да бдееш повеќе врз себеси, а не да ги критикуваш туѓите дела...Ти си дошол во училиштето на пожртвуваноста, за да го исполниш она, кое ти се порачува, а не да судиш како другите постапуваат.

 

            3. Јас  не гледам  љубов  кај  браќата  и не наоѓам соговорници за истражување на некои прашања кои ме интересираат во Светото Писмо?

 

            О д г о в о р: Не е вистина, дека тие немаат љубов...Ако, пак, ти не гледаш кај нив љубов, тоа е затоа, дека ти самиот немаш во себеси љубов. Најнапред, ти самиот покажи вистинска љубов и тогаш ќе видиш, дека и во нив има љубов...Притоа, ние  имаме  заповед  од  Бога  да  ги  сакаме  чистосрдечно  ближните, а  да  бараме  од  нив  љубов, тоа  никаде  не  е  кажано. Што се, пак, однесува до тоа, дека тие не можат или не се дрзнуваат да разговараат со тебе врз Светото Писмо, ти не треба настојчиво да го бараш тоа од нив. Во нив има смирение и простота. Тоа Божествено својство не ги испитува Божјите патишта, а со вера се покорува и се задоволува со тоа, кое верата му го открива. Бог нема да го прашува послушаникот зошто не богословствувал, но зошто не внимавал над себеси. Бог нема да ги лиши од спасение простите по срце. Ако Му е угодно, Тој ќе им ги открие тајните на Својата Промисла. А  разумот, просветлен  од  Божествената  светлина  сообразно  на  верата, стои  повисоко  од  секое  учење, оти разумот го открил учењето, а не учењето – разумот.

 

            4. Зошто после моето петтгодишно пребивање во тукашната пустинска обител јас чувствувам, дека покрај мојата грижа да се спасам  јас  сум  постанал  полош?

 

            О д г о в о р: Само малкумина за толку кратко време одлетале во духовното небо со крилјата на верата и добродетелта и ги почувствувале во себеси вистинските признаци и остварувањето на надежта и на идната слава...Некои през целиот свој живот на земјата не го почувствувале тоа...поради провидението на Бога, небесниот наш Покровител, Кој, секогаш подобро од нас промислува за нас. Ние сме како неразумни деца, кои не умеат да проникнат во промислата на Бога – Седржителот и затоа честопати Го молиме за такви нешта, кои, сами по себеси се добри и спасителни, но поради нашата неопитност можат да бидат употребени од нас за наша полна погибел. Затоа, сеобилниот со љубов Отец на светлината (Јаков 1, 17) ги сокрива од некои благочестиви луѓе оние дарби, кои се полезни за едни, а други водат кон погибел...Макар и да не ги отфрла молитвите на Своите избраници, Бог не секогаш ги исполнува нивните желби. Притоа, единствената Му цел е да устрои сè најдобро, согласно Својот Божествен план. Оние кои живеат без будност над себеси никогаш не се удостојуваат со осетлива посета на благодатта. Ако, пак, поради Божјата благост се удостојуваат, тоа се случува пред нивната смрт. А да гледаш, дека не преуспеваш, тоа уште не значи, дека навистина немаш успех. Такви чувства во срцето можат да насадат смирение. Кога, пак, ти вистински осознаваш, дека си лишен од духовни плодови, потруди се со сите сили да го подгреваш својот стремеж кон Бога...Штом  не  сме  успеале  во  добродетелите, не  останува  друго  средство  за  спасението, освен  смиреономудрието. Високото мислење и при постоењето на добродетели е богоспротивно. А кротката и смирена мисла нема да биде заборавена од Бога.

 

 

            5. Одовде произлегува тоа, дека јас ја загубив верата и набожноста кон Вашите совети? Вашите совети веќе не дејствуваат во моето срце. Сè ми се чини тешко за исполнување!

 

            О д г о в о р: Ти си ја загубил твојата вера поради својот сомнеж, а побожноста си – поради својата дрскост. Недејственоста, пак, на моите совети се објаснува со тоа, дека ти ме слушаш со љубопитство, откако сметаш, дека јас преминувам од предмет на предмет и дека ги решавам твоите прашања со прости изрази. Остави ја љубопитноста! Биди умерен, без смелост! Верувај, дека преку другите Сам Бог те раководи! Не умувај горделиво! Држи се со простота за послушанието и тогаш, сосема нешто друго ќе чувствуваш во својата душа! Ако ти немаш благоразумна простота, придобивај ја преку недоверие кон себеси, откако си спомнеш за својата прва намера, со која си дошол во манастир. Спомнувај си ги оние одушевувања, оние душевни расположби, кои си ги чувствувал во самиот почеток, кога Бог го посетил твоето срце...За вистинскиот послушаник, со Божјата помош, нема ништо неостварливо. Вистинската саможртвеност секогаш ќе го чувствува спасителниот јарем како лесен (Мт. 11, 30). Искушенијата не ги надминуваат Божјите дарби. Оној кој сака да се спаси може сè со силата и името на Исуса Христа, Кој го крепи (Филип. 4, 13). Тоа е таква света вистина, дека секој, кој има жива вера, никогаш не ќе се посомнева во неа. За маловерникот дури и прашинката е како планина. А за оној кој верува и преместувањето на планините на искушенијата е лесно и возможно (Марк. 11, 23).

 

            6. Како да ја победиме смеата?

 

            О д г о в о р: Ако неочекувано и неволно се засмееш, обвинувај се себеси, помнејќи ги сведоштвата на св. Отци, дека ништо толку не ја раскинува врската на добродетелите и Евангелската љубов, како смеата и смехотворството.

            Како што нечистите мисли лишуваат од присуството на благодатта, така, предавањето себеси на непристојна смеа...го оддалечува Ангелот – Пазител на душата. Добродетелите се напразни, кога се поврзани со некакви пороци. Така, оградата на преуспевањето (во доброто) се разрушува. Спасителот определил вечен плач за оние кои се предаваат на смехотворството: „Тешко вам што се смеете сега! “ (Лука 6, 25).

 

            7. Како да се избавам од необично силните чувства на сладострастието не само во присуството на женски пол, но и при спомнувањето за него?

 

            О д г о в о р: Во присуство на жени треба да го пазиш умот и своите чувства и особено да не говориш ништо излишно. Погрижи се да се оддалечиш побрзо од таму. А при спомнувањето на жени воздржи ја својата мисла. Тука е полезно воздржанието, или поточно, благоразумната умереност. Но, над сè, треба да Го молиш Семоќниот Господ да те избави од нападите на таа најлута страст, зашто човек сам никогаш не може да ја искорени. Меѓутоа, при нашето самоволие Премилостивиот Бог ги угасува поривите на тој пламен.

 

            8. Кога помислите на сладострастието насилнички го вовлекуваат самите по себе мојот ум, како да се избавам од нивниот напад?

 

            О д г о в о р: Иди со твојот ум во адот и преку посредството на Светото Писмо загледај се во плотоугодниците! Зар и ти ќе посакаш навек да погинеш, само за да ја испиташ времената сладост на гревот? Помни, дека си смртен! – Смирено моли Го Бога, Победителот на страстите, да ги одбие оние стрели на телото, тој непријател на душата, кој нескротливо се бунтува против законот на умот и духот (спореди Рим. 7, 23). Зашто, без Севишниот ние не можеме да направиме ни најмало добро (Јован 15, 5).

 

            9. Какво средство да употребувам против помислите, кои ме тераат да го осудувам својот ближен, кој тешко ме навредува...така што...јас го загубувам својот душевен мир?

 

            О д г о в о р: При појавата на осудувачки помисли кон ближниот, кој ти нанесол навреда, кога свирепата бура на мислата те тера кон одмазда, спореди ја својата болка со болката на Спасителот на светот. Тој, бидејќи безгрешен...доброволно ги претрпел најголемите болки. Не дотолку ли повеќе сме должни да ги поднесеме навредите ние, грешните, кои си ја заслужуваме казната? Ние сме должни, исто така, да се обвинуваме себеси. Преку оружјето на самоосудувањето ние ќе се бориме со вознемирувачот на нашиот дух...А оној, кој нè навредува, ние треба да го почитуваме како наш благодетел. Тој не е ништо друго освен орудие, преку кое Бог го устројува нашето спасение...А кога навикнеме да се самообвинуваме, тогаш задолжително ќе напреднеме во внатрешното обвинување и срцето ни, со помошта на Севишниот, може да постане, во духовна смисла, меко и кротко. Тогаш човек постанува сад на благодатта и на духовниот мир. Тогаш душата ќе почувствува таков спокој, каков ние не можеме да вкусиме, кога сме во состојбата на навредени...Непријатностите тогаш ќе ни се чинат радосни.

 

            10. Кога никаква света мисла и претстава не дејствува врз раздразнетото срце и тоа останува бесчуствено, што треба да направам, за да го омекнам?

 

            О д г о в о р: Човек треба да се осами, да се самопринудува кон молитва и кон изливање на својата душа пред Бога. Кога ќе поослабнат брановите на бесчуствието, тогаш побарај ја причината за тоа студенило. Ако тоа изникнало од некоја страст, оддалечи ја таа страст од себеси. Ако, пак, бесчуствието се вселило во нас по некакви несфатливи (непознати) причини, моли Го Секогашистиот со Својата благодат да ги одбие сите причини на неверието и злите породи на нечувствието.

 

            11. На кој начин се стоплува оладената душа?

 

            О д г о в о р: Со Божјото слово, со молитва, со смирение, со благодатно чувство кон Бога при сите промени, кои се случуваат не само во надворешните, туку и во внатрешните наши состојби.

 

            12. Како можам да се избавам од суетата?

 

            О д г о в о р: Ако продолжуваш да си послушен и искрен, ако не бараш постарите браќа да се согласуваат со твојата волја...Ако наполно ја простреш на земјата пред Бога својата ништожност, ќе можеш, со Неговата сесилна благодат, да се избавиш полека од суетата. Таа страст неретко продолжува од младост до длабока старост и дури до самата смрт. Таа ги прогонува не само страстните луѓе, кои се трудат да напредуваат, но, понекогаш и совршените. Затоа, над неа е нужна особена будност. Само Бестрастниот Творец може да ја искорени. О, колку е тешко да се избегне тој отров, кој ги уништува плодовите и на најзрелите добродетели!

 

            13. Кога ги читам книгите на Светото Писмо, си ги подвлекувам поучните реченици. Треба ли да го правам тоа и дали е полезно?

 

            О д г о в о р: Мојот старец, кому јас – со Божја помош - се покорувам повеќе од 20 години, ми го забрануваше тоа. Направените од тебе одбележувања по неусетен начин ги оставаат трагите на високоумието...Тоа е докажано од опит. Кога Бог на мирот ја озари твојата памет со вистинска светлина, тогаш и без подвлекувања ти ќе памтиш каде за што е напишано и со каква цел. Просветлениот од благодатта разум, ќе ти покаже во Светото Писмо сè, кое е нужно за твоето спасение...Но, ти читај ги светите книги со срдечна простота и моли Го Семудриот да ја нацрта Својата света волја во твојата душа. А, кога ти ќе ја исполниш смирено, тогаш ќе бидеш богомудар во Господа.

 

            14. Кога ќе видам дека некој нов послушаник врши нешто небрежно, треба ли да го поправам?

 

            О д г о в о р: Ако ти си должен да бдееш, пред сè, над себеси, ако немаш благослов од игуменот да ги поправаш другите, ако сознаваш, дека самиот робуваш на страстите, не се занимавај со работи и случаи, кои не се твоја работа! Молчи! Секој пред својот Господар стои или паѓа (Рим. 14, 4). Но, потруди се да не бидеш соблазна за другите. Лекаре, излекувај се сам! (Лука 4, 23).

 

            15. Во сабота треба ли да го исполнувам своето ќелијно правило (поклони)?

 

            О д г о в о р: Да, со исклучок на празниците и на оние дни, кога има бдение. Поклоните во сабота да бидат појасни (т.е., со преклонување стоејќи прав и допирање на земјата со рака, а не земни поклони, при кои, се допира челото до земјата).

 

            16. Ако сум негде испратен по послушание и немам време за ќелијно правило, како да постапувам?

 

            О д г о в о р: Ако ти си испратен негде и изнемоштуваш, успокој се! Остави го правилото, смири се и не се вознемирувај! Кога послушанието е умерено, потруди се да го исполниш своето правило и од ова ќе добиеш не мала полза. Така постапувај до 10 часот навечер. Штом тоа време поминало, внимателно прочитај ги вечерните молитви и успокој се, откако ќе си ја кажеш Исусовата молитва, додека заспиеш, та да бидеш готов за утрената и за продолжување на послушанието за следниот ден. Тоа се однесува само до послушаниците.

 

            17. Многу сакам да се поправам, но сè повеќе се вовлекувам по своите страсти. Што треба да правам, за да ги победам?

 

            О д г о в о р: Ти сакај, и Сесилниот Бог ќе ти даде според твојата срдечна желба. Зашто, почеток на добродетелите е внатрешното расположение и сакање на доброто во Господа. Човек сам не може да ги победи своите страсти. Тоа е дело на Севишната десница, дејствие на Божјата сила. Од нас се бара само тоа – тврдо да ја пазиме дадената ни од Бога света желба и по неа да се трудиме да достигнеме до страната на бестрастието. Тогаш Севишниот, без сомнение, ќе го изврши подвигот на оној кој сака. И така, ако сакаш да воскреснеш од гробот на страстите, секогаш насочувај ја кон тоа внимателно својата мисла, грижа, постојано дејствување и ревност. Надевај се на Бога, Кој може да ја покаже Својата сила во нашите слабости преку Својата благодат (2. Кор. 12, 9) и ќе се спасиш.

 

            18. Како да се избавам од рассејување на мислите во време на молитва?

 

            О д г о в о р: Моли се со уста, моли се и со ум, т.е. вклучувај го својот ум во разбирање силата на молитвените зборови. Ако се вовлечеш во размисли по некој страничен предмет, штом ќе го забележиш своето невнимание, задлабочи ја својата сосредоточеност во молитвата. Секогаш постапувај така и ќе почувствуваш полза. Постојанството на умот ги привлекува особените дејствија на благодатта.

 

            19. Силно ме напаѓа  мрзливост. Како да се избавам од неа?

 

            О д г о в о р: Ако ти се бориш со мрзливоста нерешително, никогаш нема да ја победиш. Но, ако застанеш спроти неа со тврда намера да се бориш, макар тоа да е сврзано со внатрешна болка, тогаш со Божјата помош ќе победиш. Да се спротивставуваш, макар и гонет, е знак дека си Божји верен и добар војник (1. Тим. 1, 18). А, да отстапуваш и бегаш е својствено на мрзеливиот соработник. До самата своја смрт човек треба да бдее над себеси да не го победи мрзливоста, да не ги чуе во последниот ден страшните зборови на Срцепознавачот: „Лукави и мрзливи слуго!” (Мт. 25, 26).

            Во Писмото е кажано: „Оној, што победува” (Откр. 3, 21) ќе биде награден, а не „победителот” (како да сам по себеси може некој да го победи ѓаволот!). Без помошта на Седржителот не можеме наполно да го победиме непријателот, не можеме никогаш да придобиеме надмоќност над него. Венец се дава на оној што победува со Божјата помош, т.е., на оној, кој излегува на борба со тврда намера да води војна до последно издивнување, и кој никогаш не го остава оружјето дури и во минутите на најужасните опасности. Дури и кога е во неволен плен, тој пак не го предава своето срце на непријателот. Таков воин, макар што трпи понекогаш пораз, никогаш не го остава своето свето усрдие и се жртвува себеси, окрилен од надежта. Така тој успева и се овенчува за својата цел како храбар човек, достоен за небесни почести.

 

            20. Како да се избавам од  безволноста, која го угнетува духот?

 

            О д г о в о р: Веројатно ти се вовлекуваш по неа преку својата сопствена волја. Ако го изоставиш самораспоредувањето (вршењето на својата сопствена волја) и започнеш да вршиш секое дело со Божји благослов, заедно со благословот ќе го пожнееш душевниот мир и останатите плодови на Св. Дух. Ако наполно ја изоставиш својата волја, никогаш нема да го чувствуваш тешкиот мрак на безволноста. Дури и најсвирепите бранови на страстите ќе стивнат. На нивно место ќе се појават: јасност на мислите, тишина на помислите, кротост на духот и вистински мир. Сето ова ќе те осени и ќе се насели во твојата душа. Ако ти ја запазиш постојаната будност и самонабљудување, ќе се уподобиш на мудрите девојки и ќе влезеш во брачната соба на Бесмртниот Женик.

 

            21. Јас слушнав, дека се  претставени за пострижение во монаштво  неколку браќа, помеѓу кои, некои дојдоа во оваа св. обител после мене. И јас сакам да го примам ангелскиот образ, но, бидејќи го немам благословот на игуменот, збунет сум и тажам. Како да го востановам загубеното спокојство на духот?

 

            О д г о в о р: Најпрвин ти треба да се покориш на Божјата волја смирено и без никакви размислувања. Решението на игуменот ја изразува волјата на Управителот на вселената. Кој не се покорува на игуменот, тој не се покорува на Божјата волја, која управува сè. А штом не се покорува на Божјата желба, таков човек се оддалечува од благодатта и се подметнува на разрушителна убиствена тага и на внатрешна збрка...Оние, кои се претставени за пострижение во монаштво, веројатно се подостојни од тебе. А ти, ако сакаш да ги добиеш надворешните обележја на ангелски образ (монаштвото), потруди се, прво, внатрешно да станеш ангел. Без внатрешното монаштво, надворешното нема да те спаси...Игуменот сметај го за исполнител на светата и прониклива Божја волја, зашто тој таинствено го носи образот на Исуса Христа...А смееме ли ние да се срдиме на Христа, кога сме должни да имаме мир дури и со оние, кои го презираат мирот (Пс. 119, 6). Бидејќи Бог гледа на срцето и на желбата и ги знае делата на секого (Пс. 32, 15), оти Тој ги созерцава (гледа) и идните наши постапки (Пс. 138, 16) и самиот крај на нашиот живот, тогаш зарем можеме да се сомневаме во тоа, дека Тој како Себлаг устројува за нас сè на најдобар начин? Штом Бог посака нешто, тогаш и природниот поредок може да се наруши (Догматик на 7-ми глас). Зашто, Неговата благодат сама по себеси стои повисоко од секоја мудрост и од секоја сила на овој свет. Штом Бог решил, тоа не може да биде разрушено од никаква човечка сила...Ако ти станеш достоен за ангелски образ, биди уверен, дека ќе бидеш удостоен со него или пред твојата смрт, или по напуштањето на своето тело ќе бидеш претставен од ангелите на Господа во монашки чин...Бог гледа на желбата на срцето (1. Цар. 16, 7). – Земи ја за пример блажената Таисија (10 мај). Таа развратна жена станала совршена монахиња моментно преку своето  решително самоотворање. Таа пројавила желба да биде рабиња единствено на Бога и непоколебливо го предала своето срце на Христовото раководство. Кога во таквата решителност по патот ја настигнала физичката смрт, нејзиниот сопатник, преподобниот Јован Колов, кој, со помошта на Севишниот ја обрнал од развратниот  кон спасителниот пат на покајанието, за свој голем восхит ја видел со својата чиста душа, како ангелите ја однеле нагоре кон непристапната светлина измирената со Бога душа на Таисија. Таа уште не била стигната до манастирот, не знаела во што се состои монашкиот живот, не била облечена во монашки облеки, но преку своето обраќање кон Бога, преку својот презир кон светот и кон самата себеси, моментно се удостоила да биде помилувана од премилосрдниот Божји суд и да се пресели во неракотворните Божји обители... Таа станала совршена монахиња. На Високото Милосрдие било угодно да ги прекрати нејзините дни уште во самата минута на нејзината решителна желба. И, ете нејзината богоугодна помисла била овенчана како рамносилна на самото дело.

            Ако ти се облечеш во образот на внатрешниот монах, многу не се обеспокојувај за надворешниот образ, макар што не е грешно и него да го сакаш. Оној Кој ги знае срцата, Кој секогаш го устројува за нас најдоброто, ќе се погрижи и за тебе според твојата вера и дела...

 

            22. Може ли да се верува на сонови, кои на изглед живо ја отцртуваат иднината?

 

            О д г о в о р: Не треба да се верува на сонови, макар тие и да изгледаат верни. Преку вовлекување во соновите мнозина биле опрелестени (прелажани), Љубомудриот старец Теостирикт, кој го составил „Молебниот канон на Пресвета Богородица”, се предал на своите сонови и на крајот се прелестил од нив и погинал. Мудар е оној, кој не верува дури и на најживите сновиденија.

 

            23. Послушаникот Павел Петрович Тамбовцев, кој ги поставувал тие прашања, видел впечатлив сон – дека го приковуваат на крст, од кое, тој чувствувал неопислива болка, но, потоа таа се претворила во голема сладост. Тој го запрашал старецот Леонид, дали може да верува на тој необичен сон?

 

            О д г о в о р: Преподобниот Варсануфиј Велики пишува, дека бесовите можат да претставуваат ангел или некое друго лице, или самиот Господ Исус Христос – и тоа не само на сон, но и на јаве. Сатаната е во состојба да се преобразува во светол ангел (2. Кор. 11, 14). Но, ѓаволот, не може да го претстави Господовиот крст. Неговиот поглед не може да ја поднесе силата на светиот Крст, како што пее св. Црква... И така, сонуваниот од тебе крст претскажува некаква страшна болка, а сладоста – некаква заштита. Колку си поподготвен, толку полесно можеш да ја поднесеш тешкотијата, според зборовите на св. Давид: „Се подготвија и не се збунија” (Пс. 118, 60). Ако маката те растресла, држи се за правилото: „Се збунив и не зборував – Онемев и се смирив” (Пс. 38, 3). Ако, пак, болката ти е извонредно голема, помни го следното: „Долго време се надевав на Господа, и Он се наклони над мене” (Пс. 39, 1). Впрочем, нека биде волјата Божја!

            Неколку дни после својот впечатлив сон, послушаникот ја добил страшната вест, дека татко му се самоубил. По тој повод, тој го запрашал старецот, со што може да се утеши. Старецот му одговорил: „Предај се себеси, предај ја судбината на својот татко на Господовата премудра и семоќна волја. Не испитувај ги тајните на Севишниот! Потруди се да се поткрепиш со смиреномудрие во пределите на умерената тага. Моли се на преблагиот Создател и така исполнувај го долгот на синовската љубов и обврска!”

            Послушаникот запрашал, како точно да се моли. Старецот му ја дал следната Молитва за самоубијците:

            „Побарај ја, Господи, погинатата душа на мојот татко и, ако е можно, помилувај ја! Неиспитливи се Твоите судбини! Не ми ја земај за грев оваа моја молитва! Нека биде Твојата света волја!”

            Кон ова, старецот додал: „Моли се просто, без размислувања и предај го своето срце во десницата на Севишниот! Се разбира, не било Божја волја твојот родител да умре од толку тажна смрт. Но, сега тој е наполно во волјата на Оној, Кој може и душата и телото да ги погуби во пеколот (Мт. 10, 28), Кој смирува и возвисува, уништува и дава живот, фрла во адот и изведува од таму (спореди, Повторени закони 32, 39). Притоа, Тој е толку милосрден, семоќен и полн со љубов, така што, благите својства на сите луѓе се ништо пред Неговата висока благост. Поради тоа, ти не треба да жалиш. Но, ти ќе речеш: „Јас го сакам својот татко и затоа тажам неутешно!” – Вистина е. Но, Бог, бескрајно повеќе од тебе го сакал и го сака. Значи, на тебе останува да ја препуштиш вечната судбина на својот татко на благоста и милосрдието на Бога, Кој, ако благоволи да покаже милост, кој може да Му се спротивстави!”

 
< Претходно   Следно >