Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Насловна arrow Награда за животно дело за Митрополитот Агатангел
    
  Sample Image   Sample Image   Sample Image   Sample Image Sample Image   Sample Image   Sample Image   Sample Image
 
Награда за животно дело за Митрополитот Агатангел
10.11.2011.

 

Sample Image   Sample Image
 
Sample Image   Sample Image
 

 

По повод 9-ти Ноември - празникот на ослободувањето на градот Велес, ден кој се слави како најголем општински празник, беа доделени годишните 9-то Ноемвриски признанија. Годинешната награда за животно дело „ГЕМИЏИИ“, Општина Велес му ја врачи на Митрополитот Повардарски г. Агатангел.

 

Sample Image   Sample Image
 
 Sample Image   Sample Image

 

Говор на Митрополитот Агатангел по повод примањето на наградата

 Секој свештенослужител е од Бога повикан да служи на неговиот Создател и на народот кој од Него му е доверен. Самиот Христос дојде во светот не за да Му служат, туку за да ни послужи нам, на Неговите најмали браќа и сестри. Самиот поим служење значи да се откажеме од својата волја, да се откажеме од своите интереси, желби, суета, гордост, амбиции, его, и да се посветиме единствено во полза на другите. Богослужењето нема смисла ако го исклучиме од него и служењето на ближните, но исто така ни служењето на ближните, без служење на Бога, не е целосно и вистинско, бидејќи ќе се претвори во идолатрија. За да има баланс во љубовта мора да се запазат трите страни: јас, Бог и ближниот. Истото важи и за служењето, и тоа мора да ги има овие три страни, па проникнати од огромна љубов кон Бога и кон ближниот, и со смирение, т.е. свест дека сè што имаме е од Бога и за Бога, - тогаш нашето служење ќе благословено Богослужење.

Имајќи ги предвид погорепосочените предуслови, морам да признаам дека моите дела се навистина малубројни и мали, и без Божја помош ништо не би можел да реализирам. Но не само тоа. Морам да напоменам, и грев ќе направам ако не кажам, дека без помошта и советите од Општинската власт, мојот клир, верниот македонски православен народ, сите соработници, донатори и пријатели – ништо од она досега сработеното не ќе беше ни почнато. Затоа, драги мои браќа и сестри, најпрво Му благодарам на Бога што ме постави како камче во овој мозаик, за да си ја исполнам својата мисија – да бидам Богослужител и служител на мојот македонски народ, но Му благодарам и за сите вас, кои Бог ве испрати, та заеднички, со заеднички сили и напор, да оствариме сè што е досега сработено.

Затоа, и оваа награда ја примам од името на сите вас, возљубени мои, како поттик за сите да се вклучат во великата тајна на служењето на Бога и на ближниот, не за себе, или за својата суета, туку како грижливи и совесни домаќини, да оставиме трајни и полезни дела за идните генерации.

Му благодарам уште еднаш на Бога, но и на сите вас, за сè, и се молам уште многу многу вековни дела да направиме во нашиот град Велес, за напредок, полза и радост на генерациите што доаѓаат.

 

МИТРОПОЛИТ ПОВАРДАРСКИ

†Агатангел (Станковски)

 

Говор на градоначалникот г-дин Горан Петров по повод врачувањето на наградата

 

НАГРАДА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО „ГЕМИЏИИ“

господин Агатангел- Митрополит на Повардарската Епархија

 

Митрополитот Повардарски г. Агатангел (Атанас Станковски) е седми архиереј по хиротонија во Синодот на Македонската Православна Црква. На оваа функција и со ова име е од 1998 година. По краткото раководење со Повардарската епархија во 2000-тата година г. Агатангел на 08.10.2006 година, во Соборниот храм „Св. вмч. Пантелејмон” во Велес е интронизиран за Митрополит Повардарски.

           Митрополитот Агатангел, за време на својата пастирска дејност, и како свештеник и како Епископ и Митрополит, правилно ги проценува потребите на својот народ. Она што ја карактеризира неговата личност е посебниот патриотизам и родољубие, чија одлика и специфичност не е само изговореното слово или напишаниот збор, туку дејствувањето и исполнувањето на библиските принципи. Библијата нè учи во неволја и тешкотија да му помагаме на човекот, зашто токму во тешкотија и несреќата се гледа и покажува нашата вистинска подготвеност за љубов кон ближните. Токму оваа евангелска доктрина е инспирација за Митрополитот Агатангел во неговата мисионерско-хуманитарната дејност „Ѓаконија”.

Во склоп на „Ѓаконија“ создадена е и плодна издавачка дејност, основан е весникот „Православна Светлина”, а Митрополитот Агатангел е главен и одговорен уредник и под негово духовно раководство и надгледност се преведуваат и издаваат повеќе клучни теолошки книги, кои дотогаш, од разни причини, не биле претставени на македонската читателска публика на нашиот мајчин македонски јазик.  

Во моментов  Владиката Агатангел  ја извршува должноста ректор на Македонската православна богословија во населбата Драчево во Скопје.

Личните квалитети, организаторските способности и благородното делување на Митрополитот Агатангел секојдневно се потврдуваат пред велешани во изминативе 5 години откако е тој духовен татко на христијаните од нашата општина и целата Повардарска Епархија. Умешното раководење на Неговото Високопреосвештенство господин Агатангел го насочи свештенството максимално да се посвети на својата духовна мисија и се поголемото присуство на претставниците на Македонската православна црква онаму каде се најпотребни – меѓу народот.

Ова е основната причина што Велес постепено го добива вистинскиот лик на христијанска населба во која најубави, најсвечени и најпосетени се божјите храмови како во најплодните христијански времиња од XIV до XIXвек.

Црквата Света Богородица е реновирана и одново живописана. Во централното градско подрачје се приведува кон крај изградбата на соборниот храм Св. Кирил и Методиј, во месноста Багремче, во најгусто населениот дел на Велес во подготовка е изградбата на нова црква. Во Отовица старата црква доби нов лик, параклисот Св. Петка – доби достојна градба, а само пред неколку дена се поставија темелите за изградба на нова црква во кругот на Општата болница во Велес. Негова заслуга се и групните венчавки и крштенки што е уште еден начин на враќањето на православните граѓани кон верата.

Со Негов благослов Советот на Општина Велес донесе Одлука за востановување на светец заштитник на градот – Свети великомаченик Пантелејмон и еве две години по ред заеднички Повардарската епархија и Општина Велес го организираат неговото празнување.

Соработката на Општина Велес и Повардарската епархија, пак со иста цел, во име и за добробитта на граѓаните е на многу високо ниво. Дело на заеднички ангажирања е Црковната кујна, новите црковни градби, одржувањето и изградбата на приодните патишта кон постојните храмови.

Во знак на благодарност и почит Советот на Општина Велес му ја доделува највисоката награда - наградата за животно дело „Гемиџии“ за 2011 година.

 

 

 
< Претходно   Следно >