Крстовден во Согленскиот манастир |
28.09.2011. | ||
„Крстот нè повикува да се поклониме на распнатиот Христос. Крстот е знамето на православието, крстот е знамето на христијаните, крстот е спасението на човештвото, крстот го победува сатаната, крстот нè искачува во царството небесно.“
а празникот на пронаоѓањето на чесниот Крст, Митрополитот Повардарски отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ во Согленскиот манастир. На Литургијата сослужуваа повеќе клирици на Повардарската епархија, а пред чесниот Крст се поклонија голем број верници. На Литургијата Митрополитот со беседа се обрати до присутните верници објаснувајќи им ја Божествената димензија на празникот, како и упатувајќи им духовни поуки на своето патство.
По завршувањето на Литургијата, Митрополитот заедно со свештенството, настојателот на манастирот отец Авакум и сите присутни верници се упатија во дворот на манастирот, каде што Митрополитот изврши осветување на камен мозаичен крст, кој е поставен во дворот на манастирот, а го направија и го подарија на манстирот пензионираниот протоереј-ставрофор Бошко Кипровски заедно со неговиот син. Митрополитот за ова Богоугодно дело им додели благодарници на отецот Кипровски и неговиот син.
Дел од Беседата на Митрополитот Агатангел: „Христос Спасителот наш сакајќи да го спаси човештвото од гревот, од нечистотијата, благоизволи да се овоплоти од утробата на Пресветата Мајка Богородица за да го спаси човекот кој беше создаден од него. Според тогашните еврејски закони, Тој до триесетата година не смееше да го проповеда своето учење, туку молчеше и работеше во куќата на мајка му, работеше како што работеа сите луѓе, но откако го прими светото крштение од оној што викаше во пустината, почна да го проповеда неговото учење, за царството небесно и за опростување на гревовите на човештвото. И сето тоа го следеа евреите, незнабожците сите тие го чекаа Христа со меч да ги ослободи од ропството, но откако слушнаа дека Христос ја проповеда верата на љубовта, верата на правдата, на вистината, дека мртви воскреснува, од секаква болест луѓе излекува, тогаш се побунија против него за да го распнат. И тоа се случи, го распнаа Бога Спасителот наш, но Господ воскресна. Крстот на кој беше распнат Господ Бог не можеше да се најде. На местото Гологота раздалечено од Ерусалим имаше три крста, едниот Христов – крстот на светлината, на правдата, на вистината, на вечноста. Другиот крст беше на разбојникот – крстот на непокајаниот и третиот крст беше крстот на покајанието, крстот на сознанието на човекот дека е грешен и дека треба да се покае. Сите ние ги носиме тие крстови, драги мои. Сите ние го носиме крстот Христов, ако одиме по патот на спасението, на Божјите закони, ако ги почитуваме Божјите заповеди, ако живееме според христијанските и евангелските начела, но го носиме и крстот на гревот, на гордоста, на прељубата, на блудот, на нечистотијата, на лагата и кражбата, на омразата, на гневот, но Бог ни даде крст кој сите треба да го применуваме, тоа е крстот на покајанието. Како оној што викаше, како лав во пустината, „покајте се зашто се приближи царството Небесно“, така и Христос почна да проповеда за покајанието и неслучајно Него го ставија меѓу двајца разбојници, кои навистина ја заслужија казната затоа што правева многу злодела на луѓето, но законот на правдата, на вистината секогаш победува и крстот на љубовта на кој беше распнат Христос победи. Слушајќи го Светото евангелие, слушнавме дека покрај крстот на кој беше распнат Христос стоеше неговата мајка. Сите мајки можат да ја почуствуваат болката, тагата, но Мајката Божја, мајката на сите мајки, онаа мајка која ги гледаше раните Христови, трнивитиот венец на главата, матниот поглед. Ве молам, драги мои, мислите пренесете ги на Голгота, со мислите видете го тоа место на злото, место на неправдата, видете го крстот Христов, клекнете пред него, видете ги раните, шајките, видете ја крвта како тече пред Него. Во сето тоа сочуствувајте, сочуствувајте со Христа како што сочувствуваше Мајката Божја. И ние се пренесуваме на Голгота денес и сите клечиме пред Христовиот крст и треба да извикаме како што разбојникот извика: „Господе, спомни си за мене“ така се спаси разбојникот, а Христос му рече уште денес ќе бидеш во рајот со мене. Видете драги мои колку е добар и милостив нашиот Бог, само со еден збор ни го дава царството Божјо за кое чезнее секоја христијанска душа, само со еден повик кон Него „погледни, спомни си, смилувај се на мене“ и тој ни вели денес ќе бидеш во рајот со мене. Колку е добар Господ драги мои, колку Тој нè милува, а какви неправди му правиме ние, луѓето. Не само тогаш кога беше распнат Бог, ние секојдневно го распнуваме Христа, секојдневно ги удираме шајките во неговите раце и нозе, секојдневно му го ставаме трновиот венец на главата, со нашето однесување, со нашите гревови, со нашата одалеченост и индиферентност кон Христа Бога кон Црквата индиферентни кон нашето спасение, зашто мислиме дека се тука ќе заврши на земјата.“
На овој ден се празнуваат два настани поврзани со Чесниот Крст: прво, Пронаоѓањето на чесниот крст на Голгота, и второ, враќањето на Чесниот Крст од Персија во Ерусалим. Обиколувајќи ја Светата Земја Св. царица Елена намисли да го побара Чесниот Крст на Христос. Некој старец Евреин, по име Јуда, единствен знаеше за местото каде што се наоѓаше Крстот, па принуден од царицата изјави дека Крстот е закопан под храмот на Венера, којшто на Голгота го подигна царот Адријан. Царицата нареди и го разурнаа оној идолски храм, па копајќи во длабочина најдоа три крста. Додека царицата беше во недоумение како да го распознае Христовиот Крст, покрај местото поминуваше поворка со мртовец. Тогаш патријархот Макариј рече да ги полагаат крстовите редум врз мртовецот. А кога го ставија врз него третиот крст, покојникот оживе. По тоа познаа дека е тоа вистинскиот Христов крст, чесен и животворен. Потоа го положија врз една болна жена и жената оздраве. Тогаш патријархот го крена крстот за да го види сиот народ, а народот со солзи пееше: „Господи помилуј!“ Царицата Елена направи ковчег од сребро и го положи во него Чесниот Крст. Подоцна, кога царот Хозрој го зазеде Ерусалим, многумина ги одведе во ропство, а Крстот Господов го однесе во Персија. Во Персија Крстот лежеше четиринаесет години. Во 628 година грчкиот цар Ираклиј го победи Хозрој и со слава го поврати Крстот во Ерусалим. Влегувајќи во градот царот Ираклиј го носеше Крстот на своите плеќи. Но одеднаш застана и не можеше да зачекори ни чекор. Патријархот Захариј виде ангел којшто му попречуваше на царот во раскошни облеки да оди под Крстот, по оној пат по којшто Господ одеше бос и понижен. Тоа видение патријархот му го објави на царот. Тогаш царот се слече, па босоног и во бедна облека го зеде Крстот, го изнесе на Голгота и го положи во храмот на Воскресението, на радост и за утеха на целиот христијански свет.
|
< Претходно | Следно > |
---|