13.09.2011. |
а 31.08.2011 година кога Светата Православна Црква го празнува споменот на преподобниот отец Јован Рилски, како и на светите маченици Флор и Лавр, во организација на Валандовската парохија се оствари поклоничко патување до манастирот Свети великомаченик Ѓорѓи Победоносец – Полошки манастир, кој се наоѓа на Тиквешко езеро. Полошкиот манастир св. Ѓорѓи се наоѓа во југоисточниот дел на Република Македонија во близина на Кавадарци, на падините на планината Вишешница, на границата помеѓу областите Тиквеш и Мариово. Неговата положба некогаш била високо над левиот брег на реката Црна, од спротива на селото Полошко по кое го добил името. По создавањето на вештачкото Тиквешко езеро по долината на р. Црна (1964 - 1968), селото веќе не постои и до манастирот се доаѓа само по воден пат. Манастирот е изграден во првата половина од ΧIV век, поточно пред 1340 година, пленува со својата убавина и со прекрасниот фрескоживопис, како и со големото гостољубие на сестринството. Верниците од Валандовската парохија, пристигнаа во манастирот во утринските часови, се отслужи Света Литургија на која беа присутни сите поклоници, а повеќето се причестија со Светите Христови Тајни. Потоа на дело го видовме гостољубието на сестринството кои од својата скромна ризница подготвија трпеза на љубовта. Од манастирот си заминавме во попладневните часови, кога од бродот ја посетивме и пештерната црква „Свети Лазар“. Видно задоволни од посетата поклониците изразија желба за почесто посетување на манастирот и на сестринството.
|