Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Протоѓакон Славе П. ПРОЈКОВСКИ
Протоѓакон Славе П. ПРОЈКОВСКИ
12.09.2011.

ВО СПОМЕН НА ЖРТВИТЕ ВО ЖИОВО, ЗАКЛАНИ ОД ПАТРИЈАРШИСТИТЕ ЗАРАДИ ГРЧКАТА „ГОЛЕМА КАУЗА”

 

ЦРКВАТА БОЖЈА И НЕЈЗИНАТА ЛОКАЛНОСТ

 

И му заповеда Господ Бог на човекот велејќи:

„Од секое дрво во градината можеш да јадеш,

освен од дрвото за познавење на доброто и на злото;

од него не јади; зашто во оној ден кога ќе вкусиш од него, ќе умреш.”

(1Мој 2: 16-17).

 

   П

ланетата Земја е една и единствена локација во Вселената, на која Создателот го создал Адам и од него неговата придружничка Ева. Тие наши прапочетни првородители не ја испочитувале заповедта да не јадат од „забранетиот плод”, од кој, „кога ќе вкуселе – ќе умреле”– им рекол Бог. (1Мој. 2:1). Но, тие вкусиле!!! И, умреле!!!

Веднаш умреле духовно, а како такви не можеле повеќе да живеат во рајот. За нив рајот веќе не бил природно место за постоење, како што и за Сатанаил, кога се огреовил и умрел духовно, Небесата не била природно место за неговото постоење, па отпаднал како молња..., заради што, од љубов на Создателот, „СЛЕГОЛ” на Земјата и се воплотил ВО ТЕЛО Синот Божји, второто Лице на Света Троица, и со Светиот Дух ја востановил Црквата Божја, за сите кои жеднеат за Бога да не вкусат смрт во вечноста, која е секогаш сегашност.

            Божјата Црква на планетата Земја секогаш е локална Црква! Таа е – Црква на Земјата, за разлика од Небеската Црква Божја, односно Небесата, во која нема слики и симболи, тело и крв, туку е апсолутно една и цела во севкупното можно постоење, во што спаѓа и полнотата на остварениот домострој Божји за паднатите созданија.

Слезе од Небесата и се воплоти, и стана Човек! Слезе, значи Синот Божји, како што и сите ние луѓето сме странци во огреовеното тело, заради спасение на нас паднатите се воплоти од Дева Марија и стана човек Исус. Исус, како Нов Адам, Ново и неповторливо создание, странствуваше на огреовената планета Земја, исто како и сите потомци на Ева и Адам. Тој ја вкуси, или поточно ја истрпи сета огреовеност, сета жестокост и себичност, сета суета и гордост на паднатиот човек – беше прогонуван, негиран, беше предаден, понижуван и навредуван, беше распнат и погребан! Му се случи с# она што можеше да му приреди огреовениот човек. Врз Своето човечко тело го доживеа дното на она што човек може да го твори како слуга на превечно отпаднатиот сатана. Врз Неговото искупителско страдање, врз Неговото Воскресение и Вознесение, и уште повеќе или не помалку, преку испраќањето на Светиот Дух, Исус Христос ја создаде видливата Црква Божја на планетата Земја, зашто Самиот Он беше Црквата! С# што натаму, по Него и во Негово име се случуваше, или требаше да се случува, на земјата е, ако така може да се каже, имплементирање на Неговата спасителна мисија, и ништо друго.

Затоа, Апостолите во своето сведочење за Синот Божји без страв ги положија и своите животи!

Македонската Православна Црква и не треба да бара признавање на некаква автокефалност. Таа од православната екумена треба да побара став, мислење, одговор, за укинувањето на Охридската Архиепископија; за невините жртви паднати во борбата помеѓу тнр. патријаршистичка и егзархистичка јурисдикција; за купувањето/продавањето на епархиите од вардарскиот дел на Македонија; за асимилационите активности на помесните Цркви од македонското опкружување врз македонскиот верник и тн. И конечно, претстојателите на православната екумена треба да дојдат во Македонија и да видат на кој пат е Божјата Црква, па да се прекрстат и поклонат, или да речат анатема...

Божјата Црква во Македонија не е од вчера, или некаква придобивка од времето на Титова Југославија, иако неморално ѝ е прилепена етикета дека била обновена од комунисти, што ќе рече од неверници и антихристи. Но, таа како феникс се јави од голготски страдалната душа на православниот Македонец. Таа е Црква Божја од времето на Апостол Павле, преку мисијата на Свети Климент Охридски до денес. Таа е Црква укинувана, распокинувана, заграбувана и ограбувана, купувана и продавана. Таа е Црква која ги искуси, ги одстрада и надживеа сите можни јурисдикции, кои изникнуваа од заграбувањата, а не од Евангелието. И која сила и власт Таа денес треба да ја моли за да ѝ ја признае природната јурисдикција, онаа што е изворна, што е вековна, што е наша, Македонска од времето на апостолот Павле, онаа од времето на светиот Јустинијан, онаа од времето на светите Браќа и светите Климент и Наум. Таа е Црква со длабока и богата историја и затоа секој сака одново да ја има, да биде нивна а не наша, небаре тие, другите, ќе се грижат повеќе од нас за нашето спасение, повеќе од самата Црква Божја, повеќе од Господ наш Исус Христос. Тие, другите, евентуално, можат да побараат само надоместок за откупнината што ја платиле на Цариградската Патријаршија.

Да, Црквата Божја во Македонија е локална Црква, Црква на православните Македонци и сите што живеат православно во Македонија. Но таа локалност, дури и со непризната јурисдикција од, за љубов на Пеќската Архиепископија, од православната екумена, не ја прави помалку Црква Божја од другите локални Цркви на земјава.

Ајде, клечете и молете Македонци мои, православни, клечете и молете да Ве признае Белград, оној Белград што со златници ја откупи не/светата јурисдикција од Цариградскиот Патријарх, оној Патријарх што сè уште првенствува иако Цариград светот повеќе не го препознава по велелепните православни храмови, туку по импозантните минариња што гордо се вишнеат околу понижената Света Софија. Оти светот денеска почива врз лагите, врз измамите, врз одамна надживеаните вистини. Светот денеска не ја препознава ниту Библијата, ниту Коранот, ниту Талмудот...

Да, Македонската Православна Црква е локална Црква, само за Охрид и за Македонија, а не и за другите градови и територии на Земјава. Таа е далеку од расколничка, уште подалеку од еретичка, само требаат претстојатели со евангелски дух, за да ја препознаат нејзината светост, нејзината длабока охристовеност. Некој друг, значи, треба да менува нешто длабоко во свеста, во личноста што екуменски размислува и твори, во претстојателите кои очи имаат а не гледаат, ум имаат а не разбираат...

Да, секогаш и одново е потребно признавање и препознавање на Црквата Божја во овој ваков свет, ама одвнатре, за да биде будно преиспитувањето: колку е блиска, а колку се оддалечила од Богочовекот, Којшто е нејзин краеаголен темел, па на која и да е локалност лоцирана и во кое и да е политичко и државно уредување заробена во локалните гордости.

Јас не би сакал никогаш повеќе и никаде да биде убиен човек само заради јурисдикцијата (види Сл. лист на МПЦ Весник, бр. 1/2008, стр. 22, 24) , заради каква и да е себичност или лакомост: за територија, за црковна или државна јурисдикција, за минливите суетни работи на кои, еве, и во третиот милениум на христијанскиот календар им се робува со сета сатанизираност на луѓе кои заборавиле дека Бог е Гоподар на сите созданија и сите пред Него ќе застанат на последниот Суд!

 
< Претходно   Следно >