Беседа на архиепископот 08. 08. 2011 |
22.08.2011. | |
Стефан Архиепископ Охридски и Македонски Светителите - примери за следба Во текот на сите христијански времиња се поставувало и, веројатно, ќе се поставува прашањето: кои се светителите и како го постигнале тоа тие да бидат наградени со вечна слава пред Господа? Според учењето на светата Црква, светителите, својата светост ја постигнале, пред сè, преку верата во Бога, преку љубовта кон Бога, преку делата богоугодни, преку живеењето според Евангелието. Светителот, всушност, е реализирано Евангелие или Евангелие потврдено во пракса, потврдено во живот, или живот за Бога и со Бога! Зборот „светител“ означува човек поинаков од другите обични луѓе. Светителот е совршен во верата, во љубовта и во надежта во Бога. Тој, во целиот свој живот, постојано растел во добродетелите и повеќе живеел Христов отколку живот на овоземен човек. Во таа смисла св. ап. Павле, при крајот на својот живот, рекол: Јас повеќе не живеам, туку Христос живее во мене (Гал. 2, 20). Кога ги споменуваме светителите, обично, си спомнуваме токму за нивната вера, за нивните дела и за љубовта што ги краселе; ги споменуваме заради наша поука, но и како потврда дека и во ова тело и во овој живот, е возможно и да се следат и да се исполнуваат заповедите Христови и законите на нашата света вера. Светителот, со својот живот, е Христов сведок! Тој не е пропагатор на верата, туку сведок, кој со својот живот и дела сведочи како ги доживува Христовите тајни. Всушност, светителот живее онака како што Христос побарал од своите ученици - да Му бидат сведоци! Оттаму и светителите многу често ги жртвувале своите животи и лесно ги поднесувале и најтешките мачеништва. Тие, Христовото Евангелие го доживувале како најпотполна реалност на Христовата личност и Неговиот живот. Не како некоја теорија, не само како поука на верата и учењето на Црквата, туку како свој опит, како свое доживување потврдено со лично искуство. Светителот, како подражавател и следбеник на најголемиот Маченик и Светител - на Христа, е најдобрата поука и најдобриот пример за сите нас, особено за тоа што треба да имаме и за свој животен идеал и кон што треба да се стремиме во овоземниот живот. Во една црковна песна се вели дека светителот е „Христово огледало“. Со други зборови, во неговиот живот се гледа Личноста Христова. Светителот е човек кој во текот на земниот живот покажал колку е Христос моќен, колку е милостив, колку е човекољубив, колку е праведен, колку е вистинољубив, колку е подготвен да се жртвува за друг и за сите кои што живеат по Неговата наука и го следат Неговиот пат. Псалмопеачот, царот Давид, со восхит извикал: Чудесен си Ти Боже, во светоста Своја (Псал. 67, 35), односно во Своите светии! Зашто, ако Божјото совршенство го гледаме во Неговите созданија, тогаш најмногу ќе го видиме во човекот, во луѓето, а меѓу нив, пак, најмногу во светителите! Свети Јован Златоуст во свое време рекол: Доколку ние би биле подобни христијани, не би имало незнабожци и безбожници меѓу нас. Ние, пак, денес би можеле да речеме дека, доколку меѓу нас има повеќе добри и вистински следбеници на Христа и денес би имало помалку атеисти и луѓе кои што не веруваат! Еден познат православен автор запишал дека светителот е човек преку кого свети Божјата светлина. Светителите навистина светат со Христовата светлина, онака како што месечината свети од сончевата светлина. Така светат светителите и сите праведници, светат со својот пример и со својата молитвена сила. Тоа е и најголемата причина поради што светителите ги почитуваме и прославуваме. Нема светост надвор од Црквата и се осветуваат само оние коишто достоинствено живеат во неа! Оттаму, Црквата е заедница на светии, светии кои, откако ќе се родат и ќе се потврдат во светоста, како такви остануваат вечно да живеат. Потврда за тоа ни се двете илјади христијански години, зашто кој така долго и така постојано живее - како светиите? Кој ги памети оние што го каменуваа првиот маченик на верата, архиѓаконот Стефан, кој си спомнува за оние кои што му ја отсекоа главата на св. Јован Крстител, кој ги знае оние кои што ги мачеа и убиваа апостолите, или во темница го ставаа ап. Павле, кој ги споменува оние кои што им го оспоруваа делото и ги судеа солунските рамноапостоли, светите Кирил и Методиј, или оние што вршеа терор и насилие врз нашиот народ за време на ропствата? Кој ги споменува мачителите и убијците на денешнава славеничка света Петка? Нив, гонителите и мачителите, не ги паметиме, но светиите ги спомнуваме, зашто тие постојано живеат со својата светост. Еве, токму светоста е поводот што нè собра на овој ден, нè собра почитта кон светоста на денешнава славеничка св. Петка римјанка, или во народот позната и како летна св. Петка. Светата Православна црква, покрај денешнава св. Петка Римјанка, која маченички настрадала во 2 век, и се прославува на 8 август или на 26 јули по стар стил, со истото име прославува уште две светителки - св. Петка Икониска, великомаченичка од 4 век (се празнува на 10 ноември, односно 28 октомври по стар стил) и св. Петка Епиватска, преподобна од 11 век, чиј спомен се празнува на 27 октомври, односно 14 октомври по стар стил. Но, покрај молитвеното чествувањето на празникот на св. Петка Римјанка, денес ни претстои да поставиме и камен темелник за камбанарија кај новата црква. А, камбаните, како што е познато, имаат свое место, имаат долга традиција во христијанската Црква. Тие се како продолжеток на старозаветниот кимвал, инструмент што се користел при богослужбите во храмот, а бил составен од два диска. Потврда за неговата употреба во старозаветната молитва имаме кај псалмопеачот, кој вели: фалете Го (Господа) со милозвучни кимвали, фалете Го со кимвали громогласни (Пс. 150, 5). Камбаната во христијанството е символ на добра, блага вест, е символ на убав, радосен глас и нејзиното биење на богослуженијата или во други прилики го нагласува моментот или настанот што доаѓа. Уште старите Грци и Римјани, во своите празнувања ја користеле камбаната, верувајќи дека таа има „чудесна моќ“. Во христијанското богослужение камбаната е присутна уште во IV век. Се произведувала од железо и бакар, а Карло Велики (742 - 814) на таа легура и додал и сребро. На Исток, за разлика од западното христијанство, каде што во употреба е од порано, камбаната ја сретнуваме дури во IX век, кога во 886 година, византискиот император Михаил, за црквата Света Софија во Царидград, во посебно изградената кула, поставил 12 камбани. Во ЏИ век камбаната ја има во храмовите во Новгород, Киев, Ростов и во други места низ Русија и Украина, а од тој период се датираат и првите камбани по нашиве простори. На Запад не се произведувале големи камбани какви што сретнуваме од времето на Борис Годунов (1551-1605) и на некои други руски цареви, кои правеле камбани тешки и по неколку илјади килограми. Како попознати камбани по црквите на Запад би ги спомнал оние во катедралата во Келн, во црквата Свети Стефан во Виена, во Богородичната црква во Париз и други. На нашиве македонски простори, поради разните прилики, особено поради повеќевековното Османлиско Ропство и заради разните војни и туѓински владеења со Македонија, камбаните со дозвола се огласувале само за големи празници и несреќи. А познато е дека многу наши црковни и манастирски камбани биле оштетени и ограбени. Во XIX век, со преродбата и ослободителните движења, во побогатите цркви и манастири биле купувани или добивани како даренија, особено во градовите и во печалбарските места. Први камбани биле дарувани на Бигорскиот манастир и на кичевскиот манастир Пречиста. Низ нашава земја и денес можеме да сретнеме камбани од различни изработки: има и од руско, и од српско и од бугарско или друго потекло. Кај нас попознати биле, и до неодамна беа, мајсторите од Крушево, Битола и други места. Но, на залез се занаетчиите коишто умееја да лијат камбани од најразлични големини и тежини. Возљубени во Господа, Кај нас во Македонија камбаните, покрај богослужбената употреба, како што веќе реков, а познато е низ нашата историја, се употребувале и при разни други настани: радосни и жалосни. Така, во Крушево, во 1903 година востанието го најавија црковните камбани; во Разловци, 1876 година селските камбани дале знак за почеток за востанието во Малешевијата, така било и при востанието во Кресна во 1878 година, така било и 1958 година и во 1967 година кога е возобновена и прогласена самостојноста на нашата Света црква, а така беше, си спомнувате, и во 1992 година кога прогласивме независна и суверена македонска држава. Нека ни е честит денешниов празник! Светата Литургија нека ни е на здравје и спасение! Дај Боже и денес започнатото дело нека ја следи градбата на новиот храм и да го дочекаме нивното осветување. Амин!
|
< Претходно | Следно > |
---|