Беседа на архиепископот 09. 08. 2011 |
22.08.2011. | |
Aрхиепископ Охридски и Македонски г. г. Стефан
Возљубени во Господа, Дали сме размислувале и дали размислуваме, како православни христијани - која ни е, всушност основната должност, која е нашата главна задача во животот на земјата? Без разлика на местото што Бог ни го дал и во Црквата и во општеството, без разлика на тоа каква професија, какво занимање, какво образование имаме, без разлика на кој народ и на која земја припаѓаме? Дали сме сфатиле што е задолжително за секого од нас, што е она во кое сме и равноправни и за кое секој индивидуално ќе одговара? Светата Црква постојано нè повикува, дека треба да знаеме која е нашата обврска - и да размислуваме, и да знаеме, и така да постапуваме. Ова прашање не е само за оваа наша генерација,него си го поставувале и сите генерации пред нас, за него размислувале и Христовите современици и гене-рациите пред Неговото доаѓање на земјата - така било, всушност, низ целата човечка историја. Која е мојата, која е нашата должност и обврска, се прашувал секој разбуден и просветен ум, се прашувал секој што сфатил дека целта на нашево доаѓање на земјата не е само да се родиме, не е само да поживееме некое време и, порано или подоцна, да го напуштиме овој свет. Зашто, ако е тоа така тогаш би било многу лесно во животот. Оттаму, ова прашање, ова размислување во себе го носи одговорот за смислата и на нашето раѓање, и на нашето живеење, нашето постоење. Мнозина размислувале за ова суштествено прашање, особено оние кои не го познавале христијанското учење, сметајќи дека тоа е философско прашање и дека е предмет на општествените науки. Но, напротив! - Тоа, најпрво, за секого од нас, треба да има богословска, односно христијанска, а потоа секоја друга смисла. И кога би се обиделе најкратко да одговориме - која е смислата на нашиот живот, која е основната задача на нашето постоење, нема пократок одговор од оној Христовиот - да Го сакаме и да Му служиме на Бога, а преку тоа и на луѓето. Оваа, само навидум, лесна обврска, малкумина успеале да ја исполнат според тоа како учи, како исповеда нашата вера. Да се потсетиме за најголемите заповеди во старозаветниот закон - возљуби Го Господа својот Бог и својот ближен како себеси, да си споменеме како Израилот живеел кога Го љубел Бога и го исполнувал Законот, а како кога се оддалечувал од Бога и ги прекршувал заповедите. Исто така, познато е со каква награда ги овенчал Бог праведниците, односно оние кои што Го љубеле Бога, и ближните, оние кои што на дело, но и со живот посведочиле дека ја живееле верата и дека биле во можност сè да поднесат за љубениот Бог, дури и најголеми страдања и мачеништва, дури до смрт! Полна е историјата на Светата Црква со маченици и исповедници, со испосници и светители. Календарот на Светата Црква, односно Житијата на светиите, секој ден ни говорат за тоа каква е наградата за оние кои Го љубат Бога и ближните, ни покажуваат дека не беше непотребно Христо-вото доаѓање во тело, дека не беше залудна Христовата жртва на Крстот, дека преку Неговото воскресение навистина сме спасени. Зашто светиите се доказ токму за тоа дека ако го следиме Христа, тогаш чекориме кон нашето спасение, дека навистина ќе постанеме вистински чеда Божји, односно, како што вели Светото Писмо: А на сите што Го примија - на оние што веруваа во Неговото име - им даде можност да станат синови Божји (Јн.1,12).
Возљубени, Вистинските почитувачи на Бога се во служба на Бога. Да се потсетиме на апостол Павле, кој себеси се нарекува „слуга Господен“, а во повеќе свои посланија пишува – „од Павле слугата на Исуса Христа“ (Рим. 1, 1 и др.). Во сите овие 20 христијански векови, сите христијански генерации, од апостолите, па сè до наши дни, имаат на кого да се угледаат: вас ви дадов пример за и вие тоа да го правите, ни советува Господ Исус Христос (Јн. 13, 5). А тој совет, таа Негова порака, преку апостолите ја примиле и ја исполниле плејада светители, преподобни, маченици и исповедници. Сите тие разбрале дека служењето на другите е во служба на Божјата благодат (1 Петр. 4, 10) и дека оној кој Му служи на Христа...., тој Му е угоден на Бога и мил на луѓето (Рим. 14, 18). Светителот што денес го празнуваме, св. Пантелејмон патронот на Велес, е вистински доказ дека делата направени кон Бога и луѓето, делата со кои ние, всушност, ги исполнуваме нашите основни христијански обврски - бого-љубието и човекољубието, се вредности коишто вечно траат. Тој е пример на кој треба да се угледуваме. Зашто, ако ни треба богољубие, кај св. Пантелејмон ќе најдеме бескрајно почитување на Бога и безмерна ревност за верата; ако бараме човекољубие, кај св. Пантелејмон ќе го најдеме и во милосрдието, и во правдољубието, и во вистинољубието негово. Можеби и некој меѓу нас денес се прашуваат - како да Го сакам Бога, како да им служам на луѓето, еве, денес, на почетокот на 21 век. Можно ли е и богољубие и човекољубие во ова наше време? – Можно е! Богољубието наше денес не треба да се разликува од богољубието во сета богооткриена историја пред нас,а тоа подразбира и сакање, и почитување, и служење на Бога, кој е пат, вистина и живот (Јн. 14, 6). Нашето богољубие треба да значи и исповедање на православната христијанска вера, и живеење според таа наша вера; треба да значи знаење на основните вистини и чување на чистотата на верата наша... Богољубие денес значи и поучување на другите во верата, особено на помладите; богољубие значи и дадената можност да се има вероучение во училиштето, како и во јавните електронски и пишани медиуми, вероучение во домот, во семејството.... Можеби, како никогаш досега, токму сега имаме ваква можност да го потврдиме нашето богољубие, да потврдиме какви аргати сме во нивата Господова.Навистина жетвата е голема, а работници се малку, па потребно е Господ да ни испрати потребни работници (сп. Лк. 10, 2), да ни испрати вистински богољупци кои ќе одговорат на потребите на Црквата денес - да нè направи достојни исполнители на должностите и задачите што ги има секој од нас, зависно од тоа за што Господ нè повикал. Исто така, има ли подобро време од нашево за да го потврдиме секој своето човекољубие? На секој чекор, на сите страни, скоро секој од нас има потреба од помош, од подадена рака, има потреба од љубов! Колку има само духовно ослабени, физички изнемоштени, економски и материјално загрозени? На колкумина денес ни треба топол збор, топол оброк.... – Ни треба, всушност, - човек? Колку наши порти и мостови, колку наши тротоари и улици, колку наши станови и старски домови наликуваат на бањата Витезда, на жената Хананејка, на стотникот од домот на началникот Јаир на оние многубројни болни и изне-моштени луѓе од времето на Христа, на кои, покрај здравјето, им требало и – човек. Е токму за такво човекољубие сме ставени и сите ние на испит денес. Насекаде околу нас: и стари и млади, и луѓе незгрижени од најразлични причини, и луѓе без работа и без можност за егзистенција и какви уште не случаи и човечки судбини. Со еден збор - на секој чекор има и простор и потреба од наша помош кон другите, од нашето милосрдие, од нашето човекољубие. Да не заборавиме дека доколку тоа го правиме кон било кој, како да го правиме кон Христа и обратно – не правејќи го кон другите, ние не го правиме кон Бога (сп. Мт. 25, 40-45) Возљубени во Господа, Ако ги стекнеме вечните богатства, служејќи Му на Бога и луѓето, само тогаш можеме да очекуваме дека сето ова што го создаваме ниту молец ќе го јаде, ниту рѓата ќе го нагризува (Мт. 6, 20), туку дека ќе остане сведоштвото за нас. Св. великомаченик Пантелејмон и сите светии нека ни помагаат да бидеме вистински богољупци и човекољупци, за да го оправдаме и името што го носиме – името православни христијани. На крајот, од името на сите поканети гости, би сакал да им заблагодарам на Неговото високопреосвештенство, митро-политот г. Агатангел, на градоначалникот на Велес, и на сите што се потрудија и учествуваа во организацијата и подготовката на сношните и денешниве чествувања на патрониот празник на градот. Исто така, им ги честитам славата и именденот на сите оние што денес го празнуваат денот или го носат името на светиот великомаченик Пантелејмон, големиот ревнител и маченик за христијанската вера, и им посакувам здравје и благосостојба. Амин.
|
< Претходно | Следно > |
---|