Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Канони на Светата православна црква
Канони на Светата православна црква
11.08.2011.
Sample Image

За радост на целата наша Света Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија, а во слава на Троединиот Бог, деновиве излезе од печат една од најзначајните книги во животот на секоја помесна Православна црква – а тоа е збирката „Свештени канони на Светата Православна Црква“. Ова дело можеби требаше да биде објавено веднаш по објавувањето на Светото Писмо на македонски јазик, но ете, иако беше забавено, сепак не беше заборавено.

 

Предговор за книгата „Свештени канони на Светата Православна Црква“

 

По објавувањето на Светото Писмо и на Добротољубието на македонски јазик, една од најзначајните книги за правилно устројство на нашата Света Македонска Православна Црква, која уште одамна требаше да биде објавена е токму оваа збирка од „Свештени канони на Светата православна Црква“ која ја имате пред вас. Но, ете, иако дел од оваа книга беше преведен уште пред десетина години, ете Бог благоволил да биде допреведена и објавена токму сега, во навечерието на одржувањето на Великиот Осми вселенски собор. Во оваа збирка се поместени Апостолските канони, каноните од Вселенските и Помесните Собори, на Светите 13 Отци – свети Дионисиј Александриски, Григориј Чудотворец, Петар Александриски, Атанасиј Велики, Василиј Велики, Григориј Ниски, Григориј Богослов, Амфилохиј Икониски, Тимотеј Александриски, Теофил Александриски, Кирил Александриски, Генадиј Цариградски, Кипријан Картагински; додатокот од Канонски текстови на повеќе свети архиереи – свети Василиј Велики, Јован Златоуст, Кирил Александриски, Анастасиј Синаит, Тарасиј Цариградски, Јован Посник, Никифор Цариградски, Никола Цариградски; и на крајот како прилог е додаденo Посланието на свети Фотиј. Преводот на изворникот е направен од страна на еп. Атанасиј Јефтиќ од грчки, латински и словенски, како што е дадено и во фуснотите, заради подобро разбирање на текстот, а негови се исто така и коментарите дадени во фусноти, базирани врз најзначајните канонски толкувачи на Светата црква.

Светата Црква е духовна и материјална, и божествена и човечка (богочовечка), и небесна и земна (небоземна), значи Богочовечки организам со свое земско уредување. Божествената димензија на Светата Црква нема грешки, но човечката секогаш имала и ќе има, и затоа се јавила потребата од воспоставување на добро уредување и поредок, кое всушност и го сочинуваат свештените канони на Светата православна црква. 

Поимот канон доаѓа од грчкиот збор kanwn што значи правило, одредба, пропис, мерка, мерило. Се делат на догматски и терапевтско-пастирски, кои се меѓусебно поврзани. Доколку се направи промена во догматите, тогаш тоа неизбежно ќе се одрази и на пастирската пракса. 

Центар и идентитет на Црквата е Божествената Литургија, т.е. причестувањето со Телото и Крвта Христови, па така, и каноните се однесуваат на оние кои отпаднале од Христос и од литургиската заедница на Црквата и за начините на нивното враќање, т.е. лечење на болната состојба на богоотпадништво. Догматските канони не донесувале нешто ново во верата, туку, во време кога некои учења на Црквата биле искривени од страна на поединци, Соборските Отци само ги формулирале веќе постоечките учења на Црквата, за да ги сопрат заблудите и погрешните толкувања.

Меѓу пастирските канони има многу такви, кои се однесуваат на одредени историски личности, кои направиле расколи и ереси во Црквата и кои денес не ни се толку битни, но битни се методите, како Црквата ги решавала изникнатите проблеми во своето историско постоење како Богочовечки организам.

Некои канони се веќе неприменливи, едвај применливи, или, пак, редовно се прекршуваат, како што се оние во врска со покајната дисциплина за враќање на отпаднатите назад во Црквата, возраста за ракополагање на ѓакони и свештеници, преоѓањето на епископите и клириците од една област во друга итн. Но тоа не значи дека сите канони треба да бидат погазувани. Особено оние од догматски карактер не смеат да се менуваат и погазуваат. Може да се преформулираат, но не смее да се загуби или измени смислата. Потребно е да се запазуваат и применуваат свештените канони, затоа што нивното исполнување обезбедува здраво устројство и здраво поставени односи во Светата Црква.

При примената на каноните постојат два начина, а тоа се: икономија (снисходење, домострој) и акривија (точност, правилност). Како што кајчето за да плови балансирано мора да има две весла, така и Црквата мора да ги користи двата начина за да може безбедно да плови низ немирното житејско море, и да стигне до посакуваната цел – Царството Божјо. Во одредени моменти треба да се користи акривија, а во други икономија, но не за да се снисходи на гревот и злото, туку за да не биде строгоста пречка за спасение на некои личности; но како и да е, кој начин и да се користи, секогаш целта е – спасението на секоја конкретна личност. Акривијата не смее да нè одведе до фанатизам, но ни икономијата во рамнодушност и презирање на каноните. Каноните се еден вид сообраќајни знаци на патот кон спасението. Ако тргнеме од Велес кон Охрид, цел на патувањето не е почитувањето на сообраќајните знаци, туку безбедното пристигнување до саканата цел – во случајов градот Охрид. Така е и со каноните. Не смееме да се претвориме во безумни и фанатични исполнители на каноните, кои „со заби“ се држат за каноните, и кои ги користат каноните само за да ги обвинуваат и осудуваат другите, и со тоа да се прават фракции и расколи, туку треба разумно, расудително да им се пристапува на каноните. Тие се четиво наменето пред сè за епископите, свештениците, ѓаконите, монасите, студентите и учениците од просветните богословски институции, па затоа во некои Цркви не им се дозволува на сите луѓе да се занимаваат со каноните, токму поради тоа, за да не се случи духовно незрели луѓе да ги читаат и толкуваат каноните по свое, и со тоа да создадат тешко излечливи рани и расцепи на Телото Христово – Црквата. Потребен е правилен подвижничко-литургиски живот за стекнување на христијански добродетели, како и благодатен дар на расудување, за да можеме правилно да се раководиме со каноните. Да се потрудиме најпрво да ги применуваме свештените канони во својот духовен живот, за наше правилно живеење и дејствување, а не за осудување на епископите, клирот и монасите.

Овој труд им е посветен особено на епископите како распоредници на Божјата благодат, на клириците, монасите и на студентите и учениците од Богословските просветни институции, за подлабоко навлегување и живеење според смислата на каноните, а исто така им го посветуваме ова дело и на оние злочестиви јазици, кои постојано нè клеветеа и нè клеветат, дека наводно сме ги криеле Светите канони од народот, и затоа не сме ги објавувале. Но со објавувањето на оваа збирка од канони, тоа се покажа како обична демонска клевета, насочена против скапоценото единство на Црквата, против Архиереите на нашата Света македонска православна црква, со цел да се постигне создавање на фракции и расколи – рани на Телото Христово, кои, како што покажува искуството, многу тешко се зацелуваат.

Бог со Својата благодат, која ги надополнува нашите слабости и немоќи, да нè вразуми и раководи при читањето и практикувањето на Свештените канони, да можеме од љубов кон Христа и кон сите ближни, правилно да ја устројуваме нашата Света Црква: она што е искривено – да го поправиме; она што е скршено – да го зацелиме; она што е заборавено – да го обновиме, па така, послушни на Бога и на Светата Црква, да градиме љубовна заедница со Бога и со сите браќа и сестри во Христа, за наше спасение и вечен живот. Aмин.

 

 
< Претходно   Следно >