Обраќање на Градоначалникот Горан Петров |
11.08.2011. | |
Чествување на празникот на градот Св. вмч. Пантелејмон
Ваше високо преосвештенство, господин Агатангел, Митрополит Повардарски, Почитуван претседател и членови на Советот на Општина Велес, Почитувано свештенство, Драги гости, браќа и сестри по Христа,
Од минатата година и официјално целебникот Пантелејмон го обележуваме за свој патрон-заштитник иако Велес и велешани неговата закрила ја чувствуваат уште од IV-от век.
Чувствувам голема чест, што по вторпат говорам од ова свето место што го носи името на великомаченикот Пантелејмон и се гордеам што заедно со Повардарската Епархија градот успеа да го истакне вистинското значење на својот закрилник и да го остави во аманет на идните генерации да го слават неговото име. Минатата година за прв пред граѓаните проговоривме за тоа кој е светиот Пантелејмон и колкави се неговите заслуги за опстојувањето на Велес во изминативе 15 века. Овој пат нема да ја прераскажам вистината за неговата моќ и спасение кога овде коселе чумата, пегавиот тифус и колерата. Нема да говорам за милоста на светецот и благодарноста на Велешани изразена во ова велелепно издание – храмот изграден во негова чест. На денешниот празник сакам да го истакнам се побројното обраќање кон Бога на велешките христијани, се поголемата верба во него и развиена свест за себе идентификување со нормите за живот устроени од црквата. Ова враќање на велешани во божјите храмови во најголем дел е поттикнато од умешното раководење со Повардарската епархија на Неговото високопреосвештенство господин Агатангел, свештенството максимално посветено на својата духовна мисија и се поголемото присуство на претставниците на Македонската православна црква онаму каде се најпотребни – меѓу народот. Ова е основната причина што Велес го добива вистинскиот лик на христијанска населба во кој наубави, најсвечени и најпосетени се божјите храмови како во најплодните христијански времиња од XIV до XIXвек. Црквата Света Богородица е реновирана и одново живописана. Во централното градско подрачје се приведува кон крај изградбата на соборниот храм Св. Кирил и Методиј, во месноста Багремче, во најгусто населениот дел на Велес во подготовка е изградбата на нова црква. Во Отовица старата црква доби нов лик, параклисот Св. Петка – доби достојна градба и т.н. Соработката на Општина Велес и Повардарската епархија, пак со иста цел, во име и за добробитта на граѓаните е на многу високо ниво. Кога и да се обратиме во епархијата наоѓаме отворени врати и поддршка. Дело на заеднички ангажирања е Црковната кујна, новите црковни градби, одржувањето и изградбата на приодните патишта кон постојните храмови. И денешното чествување на патронот заштитник е наше заедничко дело. Општина Велес и граѓаните му благодарат на својот владика за мудроста во раководењето и благоста во молитвата и затоа масовно се враќаат во својата црква. За тоа сведочат и групните крштевања, црковните венчавки, се поголемото присуство на граѓаните во храмовите. Изразувам благодарност до г-дин Агатангел за подадената рака за соработка со општината се со цел заедно да им помогнеме на граѓаните во единствената мисија – да им создадеме услови за што подостоинствен живот.
Почитувани гости, браќа и сестри,
Нека ни е честит празникот на патронот зашитник Св.Вмч. Пантелејмон. Нека ни е на помош и нека продолжи да го закрилува со својата исцелителна моќ градот. Нека го пази од болести на телото и душата и нека ни помогне заедно да градиме иднина достојна за правоверни христијани. Исто така се поклонувам и пред Света Петка што се празнува денес и големиот Св. Климент Охридски и седмочислениците, учениците на Свети Кирил и Методиј на кои заедно со Св. Пантелејмон им е посветен утрешниот ден. Нека ни се на помош и за многу години. Благодарам. |
< Претходно | Следно > |
---|