Семинар по Пастирско богословие во Р. Бугарија |
8.07.2011. |
„Црквата и социјалното служење“ На одалеченост од 40 километри од гр. Софија – Р. Бугарија, во падините на планината Витоша, во прекрасното излетничко село Боснек, се одржа првиот меѓународен семинар по Пастирско богословие „Црквата и социјалното служење“, организиран од Православниот центар „Проф. Тотју Коев“ од гр. Велико Трново и фондацијата „Покров Богородичен“ од гр. Софија. На семинарот имаше претставници од Православниот богословски факултет „Св. Кирил и Методиј“ од гр. Велико Трново и од Македонската православна богословија „Св. Климент Охридски“ од гр. Скопје, Р. Македонија (петмина ученици од V клас, раководени од нивниот класен раководител, проф. м-р Дарко Милев). Прв свое предавање произнесе г-дин Пламен Савов (директор на фондацијата „Покров Богородичен“) на тема „Обука за методите и принципите на социјалната работа во Црквата“. Вториот ден, своите предавања ги произнесоа: Петар Благинов (преставник на Евангелистичката христијанска заедница) на тема „Доброволниот труд и приносот на мирјаните за социјалното служење“ и проф. м-р Дарко Милев (професор во МПБ „Св. Климент Охридски“ и докторант по догматско богословие) на тема „Пастирот и неговата дејност во современиот свет“. Третиот ден, бевме удостоени со предавањето на г-ѓа Силвана Павлова (дипломиран теолог кој што работи во центарот за христијанска едукација на деца со оштетен слух и говор) на тема „Формирање на социјални компетенции во православниот христијанин“. Во дискусиите земаа учество сите учесници на семинарот.
Целиот семинар беше исполнет, а воедно и претставуваше типичен израз на христијанската и братска љубов, која што реално постои помеѓу овие две цркви, имајќи го за единствен пример за таа љубов и образец на морално совршенство, нашиот Спасител Господ Исус Христос. За време на предавањата и дискусиите, можевме да ги разгледаме искуствата на БПЦ и МПЦ, во однос на нивната црковно-социјална дејност, како и на претставниците на христијански хуманитарни органиции и други христијански конфесии, да им направиме еден критички осврт, и преку дискусиите да ги согледаме и изложиме сите нивни позитивности и негативности. Најважно од сé, беше тоа, што по време целиот семинар, помеѓу сите учесници преовладуваше онаа љубов, според која што единствено проликуваше дека сме Христови ученици, и дека и покрај тоа што малкумина бевме собрани во Неговото име, Тој беше помеѓу нас. Нека нашиот Бог секогаш ги помага нашите собраќа во нивните богоугодни дела, и нека Христос засекогаш биде помеѓу нас. Амин!
|