Матурира 43-та генерација богослови |
22.06.2011. | |
На 18.06.2011-то лето Господово, на денот посветен на светиот свештеномаченик Доротеј епископ Тирски, официјално го заврши своето петгодишно образование и матурираше четириесет и третата генерација ученици во Македонската православна богословија ,,Свети Климент Охридски” во Скопје, а по тој повод традиционално беше организирана пригодна свеченост. Чествувањето започна со отслужена Утрена богослужба во училишниот храм, а потоа следуваше свечен ручек. На ручекот, матурантите и колегиумот при МПБ ,, Свети Климент Охридски” беа почестени со присуството на Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г.Стефан, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-Кичевски г. Тимотеј, кој воедно беше и пратеник на САС на МПЦ на матурските испити, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Повардарски г.Агатангел-ректор на Богословијата, повеќе свештеници, универзитетски професори, монаси и други почитувани и видни гости.
На присутните најпрво им се обрати класниот раководител на матурантите проф.м-р Момчило Павловиќ кој рече: ,,Ваше Блаженство, Ваши Високопреосвештенства, почитуван пратенику на САС, драги гости, колеги и матуранти. Почитувани на ова свечено промовирање на XLIII – та генерација матуранти во МПБ, Свети Климент Охридски, денес сите ние сме сведоци за еден голем настан за една нова генерација која се појавува на нивата Господова. XLIII-та генерација богослови со вистинското Богопознание се сретнаа во учебната 2006/07 година. Тогаш пристигнаа 17 кандидати, но за жал тројца од нив не успеаа да ги надминат искушенијата и да се соочат со предизвиците кој ги носи оваа институција. Но, сепак по милоста Божја, се надеваме дека овие што успеаа да истраат на предизвиците во иднина ќе ја претставуваат... светлината на светот...(Мт.5,14), како што заповеда Христос на своите ученици, т.е веруваме во овие ибраници Божји дека по заминувањето од овде ќе приличат на...благоразумен маж, кој си направил куќа на камен. И заврна дожд и надојдоа реки, и дувнаа ветрови, и навалија на таа куќа, но таа не падна, оти беше изградена од камен(Мт.7,24-25). Исто така, убедени сме дека крајна цел на нивниот престој во Богословијата нема да претставува овој свечен момент , туку од денес, па се до крајот на нивниот живот со уште поголем жар и труд ќе се надградуваат за она што Му е угодно на Бога. Почитувани матуранти, најсрдечно честитајќи ви го овој зрелосен испит, би сакал да ве потсетам на зборовите на апостол Петар, кој препорачува: Како послушни чеда, не постапувајте според поранешните ваши похоти, кога бевте во незнаење. Но, примерот на Светиот, Кој ве повика, и вие самите бидете свети во сите ваши постапки. Зашто напишано е : Бидете свети, бидејќи Јас сум свет(1Птр. 1,14-16). Нека ви е честит овој успех и ви посакувам секое добро од Бога во животот. Амин.” Потоа, матурантите еден по еден се претставија на гостите и ги примија своите дипломи. Следуваше говорот на пратеникот на САС на МПЦ Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-Кичевски г.Тимотеј кој истакна : ,,Ваше Блаженство, Ваши Високопреосвештенства, почитуван Ректоре, пречесни оци, господа професори и драги матуранти, ми причинува особена чест што можам да кажам неколку збора како пратеник на САС на МПЦ- ОА кон завршените богослови. Почитувани матуранти, вие во изминативе години во овој дом на свети Климент Охридски со голема љубов и труд се подготвувавте, за денес тој да ве испрати според волјата на Христа Спасителот да го проповедате Евангелието и Царството Божјо во светот. Вие знаете дека вашиот пат е трнлив и одговорен, но во исто време тој е и радосен и спасителен, само ако тоа е пат Господов. Од тоа сознание секогаш црпете ги вашите сили и вашето инспирирање. Во светиот храм ние принесуваме молитви за вас и со вас. Во овој храм и во оваа куќа ви беа напомнувани радосните и многувековните зборови на Пастироначалникот Христос: ,, Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот”(Мат.28,20); ,,Јас сум секогаш со вас и никој ништо против вас не може”(кондак на Спасовден). Би сакал во овој момент да ве потсетам на овие зборови. Истовремено ви посакуваме да го примите во своите срца тоа радосно Христово ветување. Христос пребива во тие кои го бараат, Он е со тие кои Него Го љубат и кој Му ги отвораат дверите на своето срце. Христос е секогаш со тие што ја сакаат својата Црква и предано и служат. Христос е со тие што го сакаат својот народ и својата татковина. Испраќајќи своите ученици на проповед Христос Спасителот им дал Свет Дух: ,,Примете Дух Свети! На кои ќе им ги простите гревовите, ќе им се простат, а на кои ќе им ги задржите, ќе им се задржат”(Јован 20,22-23); ,,Одете по сиот свет и проповедајте го Евангелието на сите твари(Мар.16,15)” и ,,Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат све што сум ви заповедал”(Мт.28,19-20). Ова испраќање и денес продолжува.Тогаш апостоли, а сега вие се испратени од Бога и Црквата за да им служите на луѓето за спасение. Во изминатите години вие го завршивте училиштето и добивте неопходно богословско знаење. Но, знајте дека многу малку сте научиле и продолжете и понатака да се усовршувате на повисоките богословски установи, пред се на нашиот богословски факултет. Денес вие примивте благослов од свети Климент како патрон на ова училиште. Носете им ја на луѓето правата Евангелска вест за Спасителот и за спасението на човечкиот род. Запаметете дека Христос е секогаш и секаде со вас до свршетокот на светот. Научете да ја познавате Неговата света волја и утврдувајте го во тоа Божјиот народ. Научете во се да гледате прст Божји, зашто Он постојано престојува со вас, престојува и во моменти на благосостојба, но и во моменти на искушение, во моменти на маки и страдања, како и во радосни денови. Научете секогаш да му принесувате на Бога слава и чест. Бидете предани на Христа и на Црквата до последен момент. Бидете предани и оддани на својот народ и на нашата татковина. Уверувајте ги во тоа и луѓето кои ќе ви се доверат да ги водите како утрешни пастири во нашата Свети Климентова Македонска Православна Црква. И тогаш , Живоначалната Троица, Отецот, Синот и Светиот Дух, ќе ви даде и сила и мудрост и ќе ве благослови вас и вашиот труд. Допуштете секогаш да биде со вас Господ и Неговата помош. Помнете ги Неговите зборови: ,,Јас сум со вас до свршетокот на светот; Јас сум (секогаш) со вас и никој ништо против вас не може”. Амин !”
Од името на матурантите збор зеде, сега, веќе дипломираниот богослов г.Александар Димоски, кој рече: ,, Ваше Блаженство, Ваши Високопреосвештенства, Чесни Оци и почитувани гости, матурираше и XLIII-та генерација богослови! Пред пет години, нашите млади срца жеднеејќи за Бога, како срна по водни извори, застанаа токму на ова духовно пристаниште. А еве сега можеме да видиме како излегуваат млади воини на Црквата, со желба и моќ да запловат низ безкрајните води на Богословието, секогаш подготвени да одговорат на Христовиот повик за борба против гревот и соблазната. Ова е крајот пред новиот почеток и ние ветуваме дека нема да застанеме тука, ветуваме дека секогаш ќе и останеме верни на нашата Црква, бескрајно љубејќи Го Бога. Но мора да кажеме и не смееме да одминеме, дека околу нас секогаш имаше, а секогаш сме сигурни дека ќе има личности, кои постојано ќе не поткрепуваат и водат во духовниот раст низ верата наша Православна. Така најнапред сакаме да му се заблагодариме на нашиот Архиепископ Охридски и Македонски Стефан, кој ни овозможи да живееме во една целосно канонска и Православна Црква, постојано давајќи ни пример на најсовршената соборна љубов повикувајќи не во љубовна заедница со сите православни браќа. За Неговото Блаженство и да се сеќава на нашата генерација и постојано да се моли на Бога за нас, му поклонуваме едно табло и го молиме Бога по молитвите на свети Климент да му дарува долг живот и со мудрост да не води низ сите непријателски интриги! На многаја лета ! Во септември 2006, дојдовме оставајќи ги мама и тато дома , но тука во ниту еден момент не ни беше прекината татковската љубов. За тоа најмногу му благодариме на нашиот ректор, Митрополитот Повардарски Агатангел, кој беше нашата заштита, нашата надеж и нашиот страв сите овие пет години. Токму како таков секогаш ке остане запаметен во нашите срца. За неговата смиреност да не го изгуби споменот за нас и за постојано да си спомнува во молитвите за нашата немарност, и нему му поклонуваме едно табло, молејќи Го Бога да го одржи здрав и долговечен за многу години ! На многаја лета ! Сите добро знаете, дека на крајот од петгодишното школување, ние полагаме матурски испит. На наше огромно задоволство и на посебна чест , оваа година како пратеник од САС на нашата Црква, беше испратен Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарко-Кичевски г.Тимотеј . Сакаме да му заблагодариме што одвојуваше дел од своето скапоцено време за нас, за неговата благоукорливост и за неговите настојувања да научиме што повеќе. Благодарни сме на Бога што во нашите спомени, еден од најстарите епископи на МПЦ, секогаш ке биде сведок на нашето матурирање во Богословијата. За Неговот Високопреосвештенство да не не заборави, му поклонуваме едно табло, просејќи секогаш да не има во своите архиерејски молитви. На многаја лета ! Празно би било ова слово, ако тука не ги споменам професорите и воспитувачите, со кои го поминувавме повеќето од времето во изминатите пет години. Им благодариме за долготрпеливоста спрема нас, со која ги надминувавме сите искушенија, им благодариме за љубовта и грижата и еве јавно бараме прошка ако со нешто сме ги навредиле или повредиле, надевајќи се дека во колективните спомени ќе останат само убавите моменти на радост и среќа. Им благодариме и на сите останати вработени во оваа установа, кои беа нашето семејство во изминатите години, за нивното разбирање и грижа, за нивното внимание и топлина. Му благодариме на Бога што не воведе во црковниот живот и не не остави да талкаме по пустелијата на овој свет, верувајќи дека по молитвите на свети Климент и свети Наум Охридските Чудотворци, ќе не води поната низ овој век постојано укрепувајќи не низ теолошките науки, и се надеваме дека ќе ни дарува живот вечен во идниот век. Амин !” На крај, ректорот на Богословијата им се заблагодари на гостите за присуството, искрено им честита на матурантите и им даде корисни совети за нивното понатамошно образование. Прославата заврши со благодарственото ,,Тебе Бога хвалим”, испеано од матурантите и присутните. На многаја лета ! |
< Претходно | Следно > |
---|