Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Света Филотеја
Света Филотеја
19.09.2007.


Дете - маченик
(+7 декември 1060 година)
 

 Светата маченичка Филотеја потекнува од Бугарија. Родена е во градот Трново од прости и неписмени родители.

Уште во раното детство остана без својата благочестива мајка, којашто ја имаше научено на љубов кон Бога и кон Црквата, на милосрдност кон сиромашните, на молитва и на сите христијански должности. Навистина, растејќи нејзината ќерка напредуваше во добродетелта и љубовта кон сиромашните и страдалниците.

Татко и се прежени и непорочната девојка поднесуваше многу маки од нејзината маќеа. Но таа сè трпеше заради љубовта Христова.

Еднаш, маќеата ја испрати да му однесе ручек на татко и, којшто работеше во полето. Но девојката од чистата љубов што ја имаше кон сиромашните и сираците, како што ги сретнуваше по патот, им ја раздаваше храната.

Вечерта, кога се врати татко и изморен и гладен ја праша жена си, дали му испратила јадење, а таа му кажа дека му испратила по ќерка му.

Наредниот ден татко и се сокри на едно место за да види што прави ќерка му со јадењето, кога заминува од дома.

И кога виде дека таа им го раздава на сиромашните скокна по неа и почна да ја удира со стап. Ја врза со јаже, ја удираше и скокаше врз неа со нозете. Во тој момент девојката Филотеја ја предаде својата душа на Бога на возраст од околу 11 години.

Кога потоа таткото чедоубиец се обиде да ја крене, нејзиното тело беше толку тешко, така што ја остави и замина кон Трново каде што им се предаде на властите.

За ова дозна митрополитот, којшто во придружба на многу свештеници и мноштво Христијани дојдоа на местото, каде што лежеше телото на маченичката.

Залудни беа обидите да го пренесат нејзиното свето тело. Одлучија да ги спомнуваат манастирите и црквите од Бугарија, додека истовремено го држеа телото на маченичката, зашто можеби нејзина воља е да биде однесена на некое свето место.

Откако завршија со спомнување на светите места од Бугарија и телото остана непоместливо, тогаш почнаа да ги спомнуваат манастирите и црквите од Романија. Кога ја спомнаа преубавата црква на манастирот Куртеа во градот Арџеш, телото на маченичката стана лесно, дури и полесно од природната тежина. Тогаш сите сфатија дека нејзина волја е да биде пренесена во тој манастир, далеку од нејзината татковина.

Најпрво го пренесоа нејзиното тело со почести и кадење во Митрополитската црква во Трново. Потоа, го известија владетелот на Романија Радош Велики, дека светата Филотеја сака да влезе во Романија.

Владетелот Радош со сиот клир, со дворјаните и мноштво народ дојде кај реката Дунав за да го пресретне и преземе ова свето богатство.

Ја пренесе во црквата во којашто светителката благоволи да се всели и таму да остане до денес, како голема утеха на благочестивиот романски народ.

Бог ја прослави светата Филотеја со дарот на чудотворство и нетленост на нејзиното тело. Денес нејзините свети мошти, положени во мал сребрен кивот, се наоѓаат во параклисот посветен на Рождеството на Пресвета Богородица, бидејќи големата владетелска Црква се чува како историски и црковен споменик.

Секоја година, освен секојдневните посети на Христијаните, доаѓаат илјадници верници за да го прослават споменот на преносот на моштите на светителката, чијшто спомен се слави на 7 декември.

Моштите на светата маченичка Филотеја се непресушен извор на исцеленија, бесплатен лекар на православниот романски народ. Особено се исцелуваат болните од епилепсија.

Но жално е што до сега ниту еден од исцелените верници не се заинтересира да даде информации за настанатите чуда на светителката.

Се надеваме дека игуменот на манастирот, архимандритот Климент, којшто знае многу чуда од предание, но и неодамнешни, во соработка со неуморниот работник на православното романско монаштво, Јеромонахот Јоаникиј Балан, ќе запишат и објават барем некои од нејзините чуда за слава Божја и за духовна поткрепа на нашиот православен народ.

 

 

 



 
< Претходно   Следно >