ВОСКРЕСЕНИЕ ХРИСТОВО Откако слугите на првосвештениците израилски го фатија Исус и Го предадоа на Пилат со барање да биде распнат, а Пилат за да им угоди конечно така и пресуди иако не Му најде вина, Господ пострада со смрт на Крст. Висеше меѓу двајца разбојници, од кои едниот Го похули а другиот Го прослави, спасувајќи се со ова себеси за живот вечен. Во оној страшен миг неговите ученици се разбегаа како што Самиот им предрече; освен апостолот Јован Заведеев и мајка Му под Крстот, малку подалеку стоеја и неколку жени коишто последните години Му служеа со своите имоти. Покрај Него тогаш немаше други, освен непријателите и минувачите во неверие. Евангелието подробно пишува за смртта. Потоа Јосиф од Ариматеја, кој Му беше ученик, се осмели и го побара од Пилат телото за да го погребе. Го положија во еден нов гроб којшто Јосиф го имаше скроено во карпа. Го затворија влезот со камен и заминаа. За воскресението дознаа во мугрите во неделата, кога оние верни жени појдоа со миризливи масла на гробот за да Го помазаат телото, кое не Го најдоа. Веста ја прими прва Марија Магдалина и побрза да им јави на апостолите и тие не ѝ поверуваа. Петар и Јован самите се стрчнаа до гробот и го најдоа каменот одвален, а од телото лежеа оставени само повоите. По ова, кога се собраа заедно во куќата, Исус им се јави и разбраа дека воскреснал. Но им го отвори умот и за да ги разбираат Писмата. Им се јави и на Лука и Клеопа додека одеа во Емаус, но не Го препознаа веднаш. Срцата им гореа на сите. ВЕЛИКА САБОТА Од времето на страдањето на Господ Христос на крст на Голгота, секоја Велика сабота е исполнета со исчекување на благодатта на Неговото Воскресение. Смртта на Господ веќе ги воскреснала упокоените праведници во Ерусалим кои им се јавиле на мнозина, а први што трепереле пред можноста да се објави како воскреснат биле непријателите Негови (првосвештениците и фарисеите што побарале да биде убиен). Побарана е стража од римски војници да Му го чува телото. Сепак, Он како оној што невино и неправедно а Божествен претрпел понижувања, страдања и смрт на крст, незадржливо воскреснал. Смртта и пеколот (демоните) не нашле начин да воспостават власт над Таквиот. Воскреснатиот Господ им се јавил на Своите ученици онака како што сведочат Неговите апостоли и евангелисти. Долгиот богослужбен ден на Велика Сабота завршува длабоко во ноќта со бдението пред Пасха. А на живоносниот Гроб Господов во Ерусалим се празнува Светиот оган. Овој оган од Светиот гроб се пренесува по Светата Земја и ги осветлува сите домови. На денот на великата новозаветна жртва Сонцето на правдата – Христос, го разгорува Светиот оган. Овој празник е востановен со чудото во времето на патријархот Наркисос, кога во недостиг од масло кандилата биле налеани со вода и запалени од оган кој чудесно слегол од небото и за време на пасхалната служба горел како под масло. Древните христијански сведоштва говорат дека незгасливиот оган се чува на Светиот гроб од раните времиња на христијанството. На бдението пред Пасха (Воскресение) во Црквите ширум Православието Епископот, бидејќи е на местото и во образот Христов, самиот ги благословува и ги пали кандилата, а сите други земаат светлина од неговата свеќа. ВЕЛИКИ ПЕТОК На Велики Петок Црквата ги споменува смртта и погребението на Господ Исус Христос и Неговото слегување во адот. Ова е стожерна точка во Страдалната седмица, тогаш Богочовекот Кој невино пострада за спасението на човечкиот род ја стекна благодатта на искупувањето од прародителскиот грев, со што се обезвласти владеењето на смртта и на пеколот (демоните) над природата на човекот. (Попросто кажано, оттогаш луѓето живеејќи богоугодно, очистувајќи ги своите срца од страстите, повторно можат да стануваат слободни личности и како такви наследници на рајот.) За овој ден Црквата пропишува најстрог пост, денот да помине без јадење и пиење (освен за немоќните и престарените), во знак на таговно сеќавање на настаните од она време. На Велики Петок тајниот Христов ученик Јосиф од Ариматеја го измоли од Пилат мртвото тело на невино распнатиот Господ Исус, а јудејскиот кнез Никодим којшто и самиот тајно Го следеше Христовото Божествено учење, со смеса од смирна и алој Му го подготви телото за погребение. Погребот е извршен во петок пред Пасха, во свеж гроб во близината на Голгота (сопственост на Јосиф од Ариматеја). Присутствувале само неколку луѓе. Долгата традиција на споменувањето на овој ден го исполнила со вонредни богослужбени дејства (ги изобразуваат настаните што се случија на Велики Петок: ова започнува со утрената, којашто како бдение се служи уште вечерта во Четвртокот, во која се објавува евангелската историја за страдањата и смртта на Господ Исус Христос во дванаесет евангелија). Со оглед дека на Велики Петок Богочовекот Исус Христос Му се принесе Себеси како благодарствена и искупителна жртва на Бога Отецот во име на севкупната човечка природа (човечкиот род), во Црквата не се служи Светата Евхаристија, освен можеби литургијата на претходно осветени дарови. Во аскетската книжевност, Светите отци особено се задржуваат на карактерот на молитвата на Господ во Гетсиманската градина произнесена на Велики петок, и ја покажуваат како извор, вдахновение и пример на она вонредно животворно ’сеќавање на смртта’ што е преисполнето со безостатната предаденост на Синот кон волјата на Бога Отецот. ВЕЛИКИ ЧЕТВРТОК Главно за овој значаен ден од Страдалната седмица е дека Господ тогаш ги востанови двете суштествени тајни за нашето спасение: Светата евхаристија (на Тајната вечера: „Земете, јадете, ова е телото Мое кое за вас се прекршува за отпуштање на гревовите! Пијте од неа сите. Ова е крвта Моја која за вас и за мнозина се излева за отпуштање на гревовите! Правете го ова во Мој спомен“.) и Исусовата молитва („...Вистина, вистина ви велам: што и да посакате од Отецот во Мое име, ќе ви се даде“ (Јован 16, 23). „И што и да посакате од Отецот во Мое име, ќе ви го направам за да се прослави Отецот во Синот. Ако посакате нешто во Мое име, Јас ќе го направам...“, Јован 14, 13 - 14). Со други зборови, на Велики Четврток почнува светотаинскиот живот на Црквата. Денот започна со Христовите последни поуки за карактерот на љубовта што треба да ја стекнеме ако сме Негови, Неговото смирение; се памти миењето на нозете на апостолите што го направи Сам: „Ако Јас, Господ и Учител ви ги измив нозете, тогаш сте должни и вие еден на друг да си ги миете нозете“ (Јован 13; 14). А заврши со предавството на Богочовекот Исус Христос на првосвештениците и фарисеите, извршено од Јуда Искариот, еден од бројот на Дванаесеттемина најблиски Христови ученици.
|