Ново издание од Повардарската епархија |
13.04.2011. | |
Излезе од печат книгата „Лек за бесмртност“ од издаваштвото при Повардарската епархија „Св. Ѓорѓи Полошки“. Преводот од српски јазик го подготвија свештеникот Љупче Миланов и презвитерата Данче Миланова. Книгата претставува зборник од текстови од реномирани православни автори од светот за Светата Тајна Причест и е полезно четиво како за свештенослужителите, така и за сите верни православни луѓе. Предговор на книгата „Лек за бесмртноста“ Центар и идентитет на Светата Православна Црква е Божествената Литургија, која се служи редовно во сите храмови и манастири. Поимот Литургија значи јавна служба, народно дело, служба на народот, односно, принесување дарови (леб и вино) на Бога, кои потоа на Литургијата се осветуваат и стануваат Тело и Крв Христови, без да го изгубат поранешниот вид. Литургијата е востановена од Самиот Господ на Тајната Вечера (настан кој го славиме на Велики Четврток), кога тој, како што се вели во Евангелието, им рекол на апостолите: „Земете, јадете, ова е Моето Тело, кое за вас се прекршува за простување на гревовите; пијте од неа сите, ова е крвта Моја на Новиот Завет, која за вас и за мнозина се пролева за простување на гревовите; ова правете го за Мој спомен“ (Мат. 26 гл.; Марко 14 гл.; Лука 22 гл.; 1. Кор. 11 гл.)И оттогаш па досега, и во најтешките гонења, Светата Црква – Телото Христово, постои преку служење Света Литургија, за да можат верните да се соединат со Христа, и да се воплотат во Телото Христово, да добијат залог за вечниот живот, да добијат светост и обожување. Иако ние, епископот со својот клир, ја служи светата Литургија, сепак, Бог е Оној Кој принесува и се принесува, Он дава и се раздава, и Самиот Он ја извршува оваа Божествена служба, а ние само Му сослужуваме. Самата Литургија е центар и идентитет на Црквата, нејзина суштина, срж, срцевина, таа е парче од рајот на земјата, таа е влез и почеток на Царството Божјо, преобразителка на времето и просторот, и на верниот народ кој со вера се собира секоја недела во храмовите заради неа. Во свеста на народот отсекогаш постоело поистоветување на Црквата со светата Литургија, па така и денес во помалите места, или во селата, луѓето, сакајќи да прашаат дали ќе има Литургија, велат: „Отче, ќе има ли утре Црква?“ Не постои Црква без Божествената Литургија, ниту пак Литургија надвор од Светата Православна Црква. Ако се случи во една Црква да не се служи повеќе Литургија, тогаш таа автоматски се претвора во музеј, или фолклорно друштво. Исто така, ако се обиде некој неправославен да служи Литургија (на пример, во било која еретичка секта), таквата „литургија“ ќе биде само обичен театар, без благодат, без претворање на лебот и виното во Тело и Крв Христови. Второ име на светата Литургија е – Евхаристија, т.е. благодарење (на Бога), благодарствена служба. Благодарењето (канонот на Евхаристијата) е всушност основен и главен дел на Светата Литургија. Како што велат Светите Отци на Црквата, единственото нешто што можеме на Бога да Му го принесеме, е нашето благодарење. Му благодариме за сè што Он направил и прави за нас и за нешто спасение, за нашиот живот, за родот и плодовите од земјата, му благодариме за поволните услови за род, па како резултат на тоа, му принесуваме дел продукти (леб и вино) добиени од земните плодови (пченица и грозје). И повторно, и овие продукти не се наши, туку се Негови, па затоа велиме: „Твои (дарови) од Твоите, Тебе Ти принесуваме од сите и за сè“. Во старата Црква верните донесувале во храмот првина од сè што работеле и добивале, но од сите тие дарови, се задржала праксата да се донесува во храмот како благодарствен дар само леб (просфора) и вино за служење на светата Евхаристија. Но што е потребно за да се причестиме? Потребен ли е пост? Како и колку дена треба да постиме? Ова се најчесто поставувани прашања, за кои во книгата има опширни одговори, а овде само накусо ќе одговориме на нив. Православниот духовен живот, во својата основа, е составен од пост, молитва и исповед, кои се всушност подготовка за светата Причест. Постот е боговостановен уште од Стариот Завет, продолжува и се дооформува и во Новиот Завет и трае непрекинато до денес. Православните христијани постат во секоја среда и петок (со нејадење на мрсна храна и со воздржување од сладострастија, лоши зборови и мисли), како и во четирите големи пости: Велигденски, Божиќен, Богородичен и Апостолски. Молитвата е наше секојдневно дишење, и е неодвоива од постот. Постојат повеќе начини на молење, со свои импровизирани молитви, или со веќе востановени и запишани во молитвениците, како и со практикување на Исусовата молитва. Православните христијани се молат секојдневно, бидејќи, како што телото има потреба од храна, така и нашата душа има потреба од молитви. Преку молитвата ние зборуваме со Бог, Му се обраќаме, Му ги кажуваме сите наши маки и страдања, Го молиме за нашите потреби и Му благодариме за сè. Се молиме не само во храмовите за време на богослужбите, туку се молиме и дома, во нашата „тајна одаја“, и тоа секојдневно. Секако, не смееме да ги заборавиме и молитвите пред и по причестувањето, кои спаѓаат во подготовката за Причест. Исповедта, не е само каење за сторените гревови, туку и преумување, преобразување, промена на начинот на размислување, христијанизирање на умот, свртување и насочување кон Христа. Секој православен христијанин е должен да се исповеда редовно кај својот свештеник – духовник, и од него да се учи на побожен живот, и под негово раководство да стигне до спасение. За ваквите активни христијани, кои живеат правилен (православен) духовен живот, доаѓаат редовно во Црква на богослужби, за нив нема проблем околу причестувањето. Тие се причестуваат во согласност со проценката на нивниот духовник. Но, најголем проблем настанува со оние т.н. пасивни христијани, кои не ја знаат православната вера, кои доаѓаат 2-3 пати годишно во Црква, најчесто застрануваат по бајачи и гатачи и имаат сомнителен морал, по инерција се причестуваат, без да знаат што и како примаат, и без да имаат вера дека тоа се вистински Тело и Крв Христови. На таквите пасивни христијани свештениците треба да им посветат поголемо внимание, да ги насочат правилно во духовниот живот, од пасивни да станат активни, живи членови на Телото Христово, кои свесно ќе доаѓаат редовно во Црква и ќе учествуваат во благодатниот светотаински живот на Црквата. Едно од најактуелните прашања денес е, колку пати треба да се причестуваме? Дали е подобро секоја недела или четири пати годишно? Прастара традиција е сите христијани да се причестуваат на секоја литургија, или како што сведочат светите Отци на раната Црква, како свети Василиј Велики, дека во нивно време христијаните се причестувале дури четири пати во неделата: вторник, четврток, сабота и недела (а според други, среда, петок, сабота и недела). Таа традиција ја потврдува и служењето на Литургијата со Претходно осветени дарови, односно вечерното причестување, востановено за да можат христијаните да се причестуваат и во време кога не се служи Литургија, како што е во Велигденскиот пост, заради неговиот покајнички-таговен карактер. Но, во текот на Османлиското ропство врз православните народи, настанува извесна богословска декаденција кај православните, па така, опаѓа и духовниот живот кај народот. Затоа, познати светители на Црквата од XVIII и XIX век како што се свети Димитриј Ростовски, свети Филарет Дроздов, свети Игнатиј Брјанчанинов и други почнуваат да проповедаат причестување четири пати годишно, или задолжително барем еднаш во годината, за Велигден. По нив доаѓа генерација на светители и теолози, кои го омекнуваат тој радикален, речиси пуритански став и почнуваат да проповедаат причестување во четирите пости и во големите празници, храмовни и домашни слави. Дваесеттиот век го одбележаа имињата на современите теолози како што се: протоереј Александар Шмеман, протоереј Николај Атанасјев, протоереј Александар Мењ, протоереј Георгиј Флоровски, и многу други, како и претставниците на Коливарското движење, кои ја поставија Литургијата и светата Причест на централно место, односно, ì го повратија местото кое таа го беше изгубила, со тоа што беше изедначена со останатите богослужби (утрена, вечерна, повечерие, часови итн.). Со нивниte заложби беше реставрирана старата Литургија, беше воспоставена како центар на животот, и центар на Црквата, и беше доведена повторно како круна на сите други молитвословија и таинства, како што се литургиското крштевање и венчавање. Црквата е ослободена од стерилниот западен морализам, и ì беше вдахновен изворниот, подвижничко-литургиски дух, кој отсекогаш бил присутен во Светата Црква. И повторно, ќе праша некој, колку пати да се причестуваме? Би рекле, бројките (многу или малку) не нè прават ни достојни, ни недостојни, туку севкупниот начин на живеење и верување, животот според Евангелието, стекнувањето на Ум Христов, добрите дела, милоста, нашата љубов и копнеж по Бога – сето ова практикувајќи го, стануваме достојни за Светата Причест. Не смееме да ја третираме светата Причест како обично „лепче и винце“ како што мислат неписмените и безбожните, но ниту да ја сметаме како нешто недостижно, и несвојствено за нас, како нешто што треба да го добиеме по којзнае какви сурови подвизи, со што, би Му „угодиле“ на Бога. Ако правилно се подготвуваме и со страв Божји, вера и љубов се причестуваме, тогаш неизоставно ќе ги добиеме и благодатните плодови од светата Причест, т.е. од соединувањето со Христа – простување на гревовите, обожение, освештение, спасение, исцелување од страстите и од други телесни, душевни и духовни болести, радост, мир и љубов. Во оваа книга подетално се разработени сите овие прашања, како и многу други душеполезни теми, и затоа подеднакво оваа книга е важна за клирот, за оние кои се подготвуваат да станат клирици или монаси, како и за верниот народ. На свештенослужителите им препорачуваме добро да ја проучат содржината на книгава, да навлезат подлабоко во смислата на светата Литургија, и кога треба да причестуваат некого, да прават разлика помеѓу активните (оние кои доаѓаат редовно на Литургија, се трудат во духовниот живот и го познаваат учењето на Црквата), и оние пасивните христијани (кои доаѓаат неколку пати годишно, повеќе од адет, отколку заради Христа, и кои имаат сомнителна вера и морален живот). На верните, пак, им ја препорачуваме за што подлабоко да ја проучат Литургијата и нашата света Православна вера, но и да напредуваат во подвижничкиот живот, како и да доаѓаат редовно и да учествуваат во благодатниот Светотаински живот на Црквата – во Божествената Литургија, со Божја помош преобразувајќи и охристувајќи го својот живот, па така уште тука ќе го живеат Царството Божјо, ќе добијат светост, спасение, а преку нив и многумина околу нив ќе се спасат. Благослов Божји на сите Православни христијани кои се трудат да живеат Богоугоден живот.
Митрополит Повардарски Агатангел |
< Претходно | Следно > |
---|