Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате:
Проповед - Недела на православието
14.03.2011.

Sample ImageВо името на Отецот и Синот и Св. Дух           

Ваше Високопреосвештенство, возљубени брaќа и сестри, благочестиви православни во Духот и верата наша единствена, света, православна.

Во првата недела на Великиот пост се радуваме на победата на Православието над се неправославно. Победа извојувана со многу жртви, со многу пролеана крв од светиите христови,кои оваа победа ја извојуваа со најсилното оружје  во сите времиња, битка извојувана со силата на љубовта кон Христа Бога, љубовта кон Црквата Божја водена од Духот на вистината а во името на Бога Отецот, Творецот, Седржителот.

Во првите векови христијанството беше жестоко гонето од незнабожците и даде милиони   маченици со кои се стави темел за опстој во понатамошните предизвици, да се истрае докрај по секоја цена, по цена и на сопствениот живот.

Покасно,од четвртиот век па наваму,се изродија  по опасни непријатели на Црквата, непријатели одвнатре, кои со човечки и приземни размисли се закануваа да и  го поткопаат темелот удирајќи најсилно по нејзиниот идентитет. А Црквата Божја,света и православна се идентификува единствено во Христа и со Христа.

Настапува периодот на иконоборците и иконоборската ерес со која црквата ќе војува пет векови, ќе одржи повеке собори,меѓу кои ќе ги издвоиме Седмиот Вселенски Собор во 787 г.во Никеја, и Цариградскиот помесен собор во 840 г. Конечно, својата победа над иконоборството Православието ќе ја прослави во 842 г., и тоа токму во првата недела на Великиот пост, во Неделата на Православието во која денес и ние,еве се радуваме и прославуваме.

ИКОНОБОРСТВОТО

Закана за догматското учење на Црквата

Православните уште во самиот почеток на иконоборството ја препознале и сватиле опасноста за основниот догмат на Христијанството - Овоплотувањето на Второто Лице на Света Троица,на што и се заснова постоењето на иконата,која е залог за вистинитоста, а не за привидноста на Овоплотувањето. Заради тоа,одрекувањето на иконата во очите на Црквата било еднакво на одрекувањето на Овоплотувањето и затоа Црквата штитејќи ја иконата го штитела и догматот за Овоплотувањето кој е во основата на христијанската вера.Од тука и доаѓала цврстината на православието во одбраната на иконата со непомирливост и спремност на секаква жртва. Имено, догматот на Овоплотувањето има два главни аспекта - Бог постана човек за човекот да може да постане бог (по благодат). Од една страна Бог доаѓа во светот, учествува во неговата историја обитава меѓу нас а од друга страна, цел и смисла на Неговото доаѓање е обожување на човекот и преку него и преобразување на се створено од Бога како поредок на Царството Божјо чиј зачеток во светот е Црквата Христова. Изобразувајќи го Спасителот ние не го изобразуваме ниту Неговото Божество ниту Неговото човештво, туку Неговата Ипостас која во себе, според зборовите на халкидонскиот догмат,неслиено и неразделноги соединува двете природи, и човечката и божествената (св. Теодор Студит).

Иконоборците во поглед на почитувањето на иконите гледале идолатрија но не и во почитувањето на Крстот со што во извесна мера не биле доследни во своите ставови до крај и како такви не можеле успешно да ги одбранат. Сепак  биле многу упорни и со тоа многу опасни со своето делување, дотолку повеќе што вешто успевале да најдат свои поддржувачи во високите позиции на царската власт.

СЕДМИ ВСЕЛЕНСКИ СОБОР ВО  НИКЕЈА

24 септември 787 година

На соборот учествувале  307 авторитети на црквата, и сите го прифатиле и потпишале предлогот на источните патријарси според кој: „иконите треба да се почитуваат исто како што се почитува и Светиот Крст и Светото Евангелие, со целив и чесен поклон, прислужувајќи со темјан и свеќи, согласно со побожните обичаи. И според Преданието- (тука ќе забележиме дека отците ја даваат својата соборска одлука следејќи го божественото учење на св.отци и Преданието на Црквата...оти...вистините на Откровението кои ги соопштува Св. Дух во Преданието на Црквата не се исцрпуваат само во пишаното. Делото што го направи Христос не се ограничува само на она што ни е предадено во Писмото А има и многу други работи што ги изврши  Исус, и кои, ако би се напишале по ред, ми се чини, не би можеле да се сместат во целиот свет напишаните книги(Јн. 21,25).  Затоа, вистинското свештено Предание е можно само во Црквата, која претставува трајна Педесетница со непрестаното струење на Светиот Дух, и воден од Св. Дух кој живее во Црквата соборот го востановува догматот за иконопочитувањето. Тоа сепак беше и должност на Црквата која е и чувар на Божествената вистина и учителка и патеводителка на народот Божји кон неговото спасение. Така,и самото постоење на свештениот образи неговото почитување доби своја подлога, догматска рамка и своја афирмација во одлуките на светиот собор во Никеја. Со ова иконоборството беше осудено и прогласено за ерес, а црковната уметност по самата своја природа беше окарактеризирана како литургична затоа што го уоквирува и дополнува богослужението и со тоа совршено му одговара.

Соборјаните  во крајниот документ го спомнуваат и учењето на светителите, затоа што и во минатото иконата била предмет на опсервација и посочувана како сврзно благодатно ткиво помеѓу земната и небеската Црква и ерархија. Цитирајќи го св. Василиј Велики, кој живеел четири века пред овој настан, соборот потврдува дека честа која  и се укажува на иконата преминува на нејзиниот првообраз и оној кој што се поклонува пред иконата се поклонува пред ипостасот кој е изобразен на истата. На тој начин иконите претставуваат посредници помеѓу личностите кои се на нив изобразени и оние кои се молат, имајќи во предвид дека иконата ја поседува силата на благодатно општење т.е. онаа благодат која светителите ја стекнале за време на нивниот живот на земјата пребива и во нивните икони. Така помеѓу светителите и верните се воспоставува молитвен контакт. Во храмот, за време на богослужението  оние кои соборно се молат, со посредство на молитвата и иконата стапуваат во молитвена заедница со Небеската Црква и со неа прават една целина. Затоа во богослужението Црквата е една, и учествува во него во целата своја полнота - ангели и луѓе, живи и покојни, и најпосле и целиот створен свет. Кадејќи, свештеникот ги опфаќа и изобразените светители и молитвеното собрание, изразувајќи го единството на небесната и на земната Црква.

Во борбата против неправославната христологија и антропологија,светите отци низ вековите ја обликувале догматската основа на содржината на иконата. Бидејќи христолошките спорови траеле многу векови,Црквата за целото време непрестано ја исповедала тајната која и е откриена и запечатена во светиот лик на Господ Исус Христос... -Кој е едносуштен на Оца (прв Никејски собор),-Слово кое постана тело без измени(Ефески собор),-вистински Бог и вистински Човек(Халкидонски собор),-Еден од Света Троица Кој дојде да пострада заради нас(втор Цариградски собор),-Слово Божјо,чија човечка воља и дејство се во совршено согласие со Божјата волја, се согласуваат со страдања до смрт(трет Цариградски собор).

Имајќи ги во предвид тие бурни векови и искушенија,таа мачна и страшна борба околу вистинското исповедање на Христа,погледот се задржува и останува на молчаливиот и спокоен образ-иконата Христова(Х. Фон Шенборн).

Во црковната хеортологија, догматската основа на иконопочитувањето и смислата на иконата најпотполно ни се разоткрива во богослужението на два празника, на празникот на Неракотворениот Образ Господов (29/16.08) и во Неделата на Православието (првата недела во Великиот пост).

За Црквата, вредноста и убавината на видливиот свет не се во минливиот сјај на неговото сегашно постоење, туку во залогот на можноста за преобразување кое човекот е повикан да го остварува. Со други зборови, вистинската убавина на постоечката конечно и ја дава сјајот и светлината на Св. Дух Кој осветува и пренесува во вечноста. Иконата ги покажува наследниците на непропадливоста,наследниците на Царството Божјо, во кое изобразените ликови на иконите се приброиле уште во нивниот овоземен живот. Иконата е образ на човекот во кој реално пребива благодатта на Св. Дух, која ги спалува страстите и се осветува. Иконата не го изобразува Божеството, но укажува на сеучеството на човекот во Божественото живеење.

Благодатта која ја стекнале светителите за време на своите земни животи непроменливо останува и на нивните образи. Затоа и нивните икони се поставуваат насекаде за да го осветуваат светот со благодатта која им станала својствена. Иконите се како патокази на патот кон новата твар, според зборовите на ап. Павле „Ние, пак, сите со откриено лице, гледајќи ја славата Господова, се преобразуваме во ист образ, од слава во слава, како што доаѓа од Духот Господов(2. Кор. 3,18).

Затоа, нашата Православна вера не треба да се споредува со другите религии, ниту пак да се нарекува религија-во паганска смисла на зборот. Нашата вера е личностна, единствена во својот вид и полна со откровање на Бога пред луѓето заради нивно просветување и спасение. Нашата вера и животот се поврзани неразделно како причина и последица. Христос реколОној што верува во Синот-има живот вечен, а оној што не верува-нема да го види животот туку Божјиот гнев е на него(Јн. 3,36).

Нашата вера не е една од различните религии туку вера во Христа и Негово откровение. Друго откровение Бог веќе нема да даде-до крајот на светот. Се поставува прашањето,- А постојат ли,  достапни за човекот,извори на верата како откровенија? Да, постојат. Такви се, првиот - Светото Писмо, вториот - Светото Предание.

Православието е, вели св. Игнатиј Брјанчанинов, вистинско богопознание и почитување на Бога. Православие е поклонение пред Бога со духот и со вистината. Православие е прославување на човекот преку Бога, преку вистинско служење на Бога, Кој ни ја дарува благодатта на Св. Дух. Таму каде што го нема Св. Дух таму нема православие. Нема православие во човечките учења и мудрувања во кои царува лажниот разум кој е плод на падот човечки.

Православието е учење на Св. Дух дадено од Бога на луѓето за нивно спасение. Каде нема православие-нема спасение. Учењето на Св. Дух предадено во Светото Писмо и во Светото Предание на Православната Црква е залог за наше спасение,драгоценост непроценлива, незаменлива и со ништо неспоредлива, оти преку Него ни се дава единствена можност за наше блажено и благодатно учество во вечноста.

Во слава на Отецот И Синот и Светиот Дух. Амин.   

 

Недела на Православието

Соборен Храм  Св.вмч.Пантелејмон

Велес  -   14.03.2011г.      

                                                                                                      

протојереј Ристе  Јанушев

 
< Претходно   Следно >