Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow За Спасението
За Спасението
14.09.2007.

A. Kalomiros


Мнозина таканаречени православни се задоволуваат од тоа што земаат учество во дискусиите помеѓу римокатолиците и протестантите.

На пример, да го разгледаме прашањето за оправдувањето: а тоа е, дали верата или добрите дела се тие, кои го спасуваат човекот.

Римокатолиците учат дека човекот е спасен преку бројот и квалитетот на добрите дела кои човекот ќе ги покаже на крајот од неговиот живот. Во еден историски  период папите дури објавија дека добрите дела на светителите беа повеќе од потребното за нивно лично спасение и дека заслугите кои останаа, можат да им бидат продадени на грешниците, ако овие ја платат соодветната цена.

Отфрлајќи го ставот на римокатолиците, протестантите учат дека добрите дела немаат вредност, дека „човекот не е оправдан преку делата на Законот”, туку дека верата сама го спасува човекот.

Дебатата продолжи со векови, сега со една непрекината размена од зголемен број аргументи кои никого не убедуваат, туку се вртат во опасниот круг на антропоцентричните сфаќања кои се толку карактеристични за рационализмот.

 

Кој е ставот на православните кога тие се соочени со оваа дебата на Западот? Чувството на инфериорност и дезориентираност ги опфаќа нашите теолози кои стојат екстатично со чудење пред сложеноста на аргументите од нивните колеги од Запад. Тие не знаат што да кажат. Во срцето го укоруваат православието поради тоа што нема јасен став за овој проблем. Некои се согласуваат со римокатолиците со извесна резерва; некои се обидуваат да ги помират двете гледишта. Апостолите и отците воопшто не им помагаат; им се чинат контрадикторни еден на друг па дури и на себе.

Каква темнина, навистина, во која рационализмот го води човека! Како би можеле рационалистите да ги разберат Апостолите и отците, кога Апостолите и отците, кои не беа рационалисти, го говорат јазикот непознат за сите рационалисти?

За рационалистите, Светото писмо, наједноставната книга на светот, е полна со контрадикторности.  За нив секој збор и израз има само едно предодредено значење. Или апостолот Павле е во право, кој учи дека оправдувањето е преку вера, или апостолот Јаков, кој пишува: Каква е ползата, браќа мои, ако некој рече дека има вера, а дела нема? Може ли верата да го спаси? (Јк. 2, 14) ...но и бесовите веруваат, а треперат (Јк. 2, 19). Ете зошто мнозина протестантски теолози го имаат окарактеризирано посланието на Јаков како „трици” и недостојно да биде причислено меѓу книгите на Новиот завет. Но за нив, дури и апостолот Павле изгледа противречен на себе кога еднаш зборува за оправдување преку вера, а друг пат за обештетување „секому според делата. Ете зошто некои Протестанти почнаа да зборуваат за „две оправдувања”.

Учењето на апостолите и отците е толку чисто, толку едноставно, а сепак во рацете на рационалистичките теолози беше исполнето со магла и темнина. Тие сакаат христијанството да биде систем. Системот не дозволува спротивставености. Сè мора да си е на своето место, соодветно класифицирано. Во нивното ограничено учење, секоја антитеза (спротивставеност) е контрадикција (противречност). Но реалноста е полна со антитези. Само кога човек ги прима антитезите онакви како што се, без обид за нивно измазнување, тогаш се приближува до вистината.

Православните треба да Го слават Бога зашто таков проблем како овој, никогаш не настанал во Православната Црква. Дебатата во врска со оправдувањето, која трае толку многу векови на Западот, е без било каква содржина. Спасението не е дадено како награда за нешто добро кое човекот го има извршено, било со вера или со дела. Спасението не е награда, ни проклетство, ниту казна. Таквото сфаќање, како и сите рационалистички сфаќања, е антропоцентрично. Тоа е проекција во духовниот свет, на она што се случува во секојдневниот живот на човекот во општеството, каде што добриот збор или дело се наградени, а лошиот збор и дело се казнети од законите кои луѓето ги донесоа.

Како и античките Грци, западните теолози исто така го направија Бог сличен на луѓето. Тие Го гледаат Него како судија, кој суди и казнува врз основа на постоечките закони. Но правдата Божја нема осветољубиво или правничко значење. Бог не казнува за да си ја задоволи Својата правда. Таквото сфаќање е крајно нехристијанско. Бог никогаш никого не казнува; Он само ги кара, како што таткото го кара својот син за да го воспита. Дури и Геената не е место на измачување туку на себепрогонство, далеку од присуството Божјо. Тоа е состојба на своеволна слепотија, место кое никогаш не ги прима сончевите зраци. Бог е праведен, а тоа значи добар: заради тоа Он нема место ниту заедница со неправедните, односно, злобните. И ова не е поради тоа што Бог не сака да биде близу до грешните, туку зашто злобните луѓе бегаат од праведноста Божја и не сакаат да имаат било каква заедница со Него. „Он не е Оној Кој е непријател, туку ние; Бог никогаш не е непријател (св. Јован Златоуст, Омилија XI на 2. Кор. 3).

Спасението, како учење, е заедница со Бога. Делата и верата, добродетелите и напорите се нештата кои ги отвораат вратите на нашето срце за Господ. Но она што дава спасение не се делата, ниту верата, ниту добродетелите, ниту напорите, ниту пак сите овие заедно. Човек може сите овие да ги има и пак да не се радува во бракот на Духот, да не стане престојувалиште на Света Троица. Спасението, како учење, е оживување на човекот со благодатта Божја и боговидение, за кое што чистите срца се сметаат достојни во овој живот, според мерката на нивната чистота. Тоа не е награда изнудена од Бога преку работа и напор, која може и воопшто да не го има очистено срцето, ниту пак е награда за интелектуалната вера, која може воопшто да го нема променето човековиот живот.

 

Наслов на изворникот:

А. Каломирос, Against false union, Seattle, 2000, п.42.

 

 
< Претходно   Следно >