Св. Агатангел Битолски и Тодорова сабота |
11.03.2011. | |
Запис врежан врз светиот кивот со моштите на новомаченикот: „Оваа света глава му припаѓа на новомаченикот Агатангел, којшто маченички пострада во 1727 година од следнава причина: Кога сите Агарјани, имајќи си зол обичај, во трите дена на бајрам го потурчуваа секој христијанин што ќе го најдеа, тој не можеше да го поднесе тоа, па замина во царскиот сарај, при тоа сочинувајќи и ферман, и со Божјо содејство - попуштија. Оние, пак, не поднесувајќи го ова, го убија, а главата негова беше воскрасена во дните на кир Григориј Пелагонијски, а од ереите беа тогаш: сакелариј поп Георгиј, како и сакелиите поп Георгиј, поп Христо, поп Трајан, поп Наум, поп Вангел, поп Васил, поп Георгиј, 1827, февруари 25“. Синаксар на празникот на „Св. Агатангел Битолски“ Во првата сабота од светата Четириесетница, во времето на Великиот пост, која православната Црква ја посвети на споменот на свети Теодор Тирон, и го чествува споменот на Светиот новомаченик Агатангел Битолски, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Повардарски, кој го носи името на овој маченик, отслужи Света Божествена Литургија во Соборниот храм „Св. вмч. Пантелејмон“ во Велес. На Светата Литургија кон светиот Путир, за да ги примат светите Тајни, пристапија речиси сите присутни верници. Со празнично слово до сите верници се обрати отец Борислав Бобевски, кој ја истакна големината на Светата Тајна - Евхаристија, и им упати порака на присутните верници вистински да се подготват со пост, молитва, исповед и искрено покајание за достојно да застанат пред Светиот Путир. Тој на сите присутни им ја објасни и духовната димензија на светителите чијшто спомен го празнувавме во овој ден.
Присутните верници и целиот клир на Повардарската епархија му го честитаа името на Митрополитот Агатангел, посакувајќи му уште долги години плодна архипастирска дејност на нивата Господова. На многаја лета, Владико свет.
|
< Претходно | Следно > |
---|